Проф. д-р Бачовска Недиќ: Тикток не треба да се забрани, учениците треба да научат да препознаваат негативни содржини

ТикТок млади/ Фото: Luiza Nalimova / Alamy / Alamy / Profimedia

Мислам дека не треба да се забрани Тикток, тоа не би решило низа социјални проблеми. Ако не е Тикток, ќе биде некоја друга мрежа. Не е само Тикток платформата со негативни содржини, иако можеби е најпроблематична и најпопуларна меѓу младите, ни изјави професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Јасна Бачовска Недиќ

Министерството за образование (МОН) ги повикува на разговор директорите на училиштата за кои има пријави на новоотворениот имејл дека таму има меѓуврсничко насилство, дознава „Слободен печат“ од извори во МОН. Досега пристигнале 20-ина мејлови, ама не се открива за кои училишта.

MОН ќе донесе мерки за тоа како ќе се функционира во сите основни и средни училишта, кои најверојатно ќе важат од септември. Фокусот е на насилството, врсничкото насилство, ладното оружје, облеката, социјалните мрежи и мобилните телефони.

Во широка дебата ќе се разгледуваат повеќе опции, а не се исклучува и тоа да се забрани носење мобилни телефони во училиштата и децата да носат униформи. Сите овие мерки во моментов се со статус на предлози и не се официјални ниту донесени.

На министерот за образование Јетон Шакири му стигнуваат критики во приватното сандаче за пораки откако предложи Владата итно да процени како Тикток влијае врз младите. Тој изјави дека заедно со АЕК и со Министерството за информатичко општество ќе се разгледаат сите можности во начинот на употреба на Тикток како апликација.

– Освен тоа, ќе разгледаме како младите ги користат и другите апликации од каде што може да земаат материјали – рече Шакири, кој ја најави можноста за „комплетно ограничување на употребата или барем внесување одредени податоци пред да се користат одредени апликации“.

МОН ќе проверува и дали има доволно психолози и педагози во училиштата

Сето ова е поттикнато од случувањата во соседна Србија каде што 13-годишниот Коста Кецмановиќ уби осуммина свои соученици и чуварот на училиштето, а застрела и повреди и други вработени и соученици. Масакрот ги поттикна и македонските образовни власти да размислуваат во насока да се ограничи употребата на мобилните телефони во училиштата.

Професорката на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Јасна Бачовска Недиќ, смета дека Тикток не треба да се затвори, затоа што не е главниот и изворниот проблем, кој треба системски да се решава, а не парцијално. Професорката вели дека забраната на Тикток не би решила многу социјални проблеми.

– Живееме во едно редефинирано општество, каде што Тикток како мрежа не е одлучувачки фактор. Мислам дека тоа не би ги анулирало ваквите насилни случувања. Компаративно гледано во некои други земји, пред сè на Западот, каде што на еден поинаков начин е поставена слободата на изразување – вакви настани се случувале. Не можам да воспоставам каузалитет за вакви насилства со социјалните мрежи. Мислам дека не треба да се забрани Тикток, бидејќи ако не е Тикток, ќе биде некоја друга мрежа. Не е само Тикток платформата со негативни содржини, иако можеби е најпроблематична и најпопуларна меѓу младите. Мојот став е дека не треба да се забрани, бидејќи тоа не би решило низа социјални проблеми – ни изјави професорката.

Таа додава дека апсолутно не можеме да зборуваме за реверзибилни процеси што би нè вратиле назад како општество, со забранување мрежи.

– Ние влегуваме во една нова општествена сфера на мрежно општество и треба да се работи на сензибилизација, подигнување на свеста, знаењето. Значи апсолутно треба системски да се решава проблемот, а тоа значи да се вклучат мрежите и медиумите во образованието. Замислете, ние имаме комплетно поинакво општество, а во училиштата немаме компјутери и телефони. Тие мора да се вклучени во наставата за на некој начин на децата да им станат и „здодевни“ дома. Преку тоа да ги согледуваат сите негативни состојби, односно заднината како се креираат тие содржини и целта зад нив, за да не бидат жртви – вели професорката.

Јовески бара построги казни за делата поврзани со оружје

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека трагедиите со кои се соочува српското општество се аларм и за нашите институции да се мобилизираат за што поефикасна контрола на оружјето, а обвинителите да бараат построги санкции.

– Барам од сите јавни обвинители во државата при постапување да инсистираат на построги кривични санкции за недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материјали. Заострувањето на казнената политика мора да се одразува во постапувањето на основните јавни обвинителства, кои треба да внимаваат висината на санкцијата за вакви кривични дела да се движи во рамките на законски определениот распон, без можност за алтернативна мерка – смета Јовевски.

Тој додаде дека оружјето е средство за извршување многу други кривични дела и неговата употреба надвор од законските рамки не смее да се толерира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот