Проектантот на „Беласица“ вели дека не може со дрон да констатираат оштетувањата на мостот

Вукан Њагуљ/ Фото: МИА

Констатациите за оштетувања на конструкцијата на мостот „Беласица“ од пожарот коишто се однесуваат на состојбата на каблите за преднапрегање, а кои се донесени врз база на преглед на мостот со дрон и тоа на помалку загрозените делови на неговата конструкција, без сомнение не можат да бидат основ за носење заклучок дека каблите не се сериозно оштетени, вели проектантот на мостот, Вукан Њагуљ.

Њагуљ појаснува дека се неопходни испитувања на лице место и дополнителни пресметки.

Според него, улогата на средишната плоча на мостот за негово правилно функционирање во ниту еден случај не може да се смета за споредна.

Напротив, со тоа што ги поврзува главните сандачести носачи во една целина таа значително ги намалува влијанијата во нив при несиметричното сообраќајно оптоварување. Ова може да се докаже со соодветна статичка пресметка, онака како што е направено и во Главниот проект, вели Њагуљ за МИА.

Мислењето дека мостот е во ред само затоа што во моментот стои и затоа што можеби би издржал некое пробно оптоварување, според Њагуљ, не е во согласност со основните особини на сите градежни материјали.

Тоа конкретно подразбира дека мостот не е сигурен доколку поради пожарот дошло до губиток на силата на преднапрегање и како последица на тоа до пораст на напрегањата на затегнување во бетонот преку границите дефинирани со проектот. Во такви околности мостот наизглед сигурно ќе стои се додека носивоста на бетонот на затегнување поради замор не се намали на ниво кое ќе овозможи појава на статички неконтролирани пукнатини што ќе доведе до загрозување на стабилноста на конструкцијата. Или грубо кажано – мора да се знае зошто мостот стои, појаснува Вукан.

Додава дека би сакал да го види извештајот како човек кој целиот работен век се занимава со мостови, особено како проектакт на мостот „Беласица“.

За жал, немав прилика да го погледнам Извештајот, а како некој кој целиот свој работен век, па и повеќе, се занимава со мостови и особено како проектант на овој мост навистина би сакал да ја имам таа можност, вели Њагуљ, додавајќи дека поради тоа неговите заклучоци се креирани врз основа на информациите објавени во јавноста.

Експертизата за опожарениот мост „Беласица“ ја направи приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени и таа е доставена до Град Скопје.

Директорот на Институтот, професор Михаил Гаревски тогаш рече дека од визуелната инспекција не е забележана изложеност на каблите за преднапрегање ниту на еден дел од мостот, туку дека тие се скриени со заштитниот слој на бетон.

Минатата недела, од АД ЕСМ информираа дека се започнати теренските активности за отстранување на опожарениот топловод на мостот „Беласица”. Оттаму соопштија дека ќе вложат максимални напори демонтажата да се заврши во најкраток можен рок.

Отстранувањето на топловодната инсталација, за проектантот на мостот Њагуљ, е добар почеток, но смета дека тоа требало да биде направено многу порано.

Отстранувањето на топловодната инсталација секако е добар почеток затоа што е тоа неопходно за извршување на дополнителните испитувања на конструкцијата на лице место и за локална санација на нејзините делови. Штета што со тоа не се започна порано. За време на мојата посета на мостот на 25 мај, лично предложив со тие активности да се започне веднаш, независно од тоа какви работи на мостот ќе биде неопходно да се извршат, истакна проектантот.

Поминаа скоро три месеци откако на мостот „Беласица“ избувна пожар кој зафати површина од 2.000 м2. Оттогаш сообраќајот по мостот е забранет, а возилата и пешаците се пренасочуваат по околните улици со што се создава сообраќаен метеж во градот. Освен информацијата од АД ЕСМ дека е почнато отстранување на топловодната цевка, нема официјални информации за колку време би завршила санацијата и кога повторно мостот ќе биде пуштен во употреба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот