Проект на Биљана Тануровска-Ќулавковски и Ивана Васева ја доби наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2021 година

Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ ја додели наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2021 година од областа на ликовната критика на Биљана Тануровска-Ќулавковски и Ивана Васева.

Комисијата на Здружението на ликовни критичари „АИКА Македонија“ во состав Мира Гаќина, Владимир Јанчевски и Маја Чанкуловска-Михајловска одлучи наградата „Ладислав Баришиќ“ за 2021 година да се додели на проектот „Политички перформанс како проширено поле во Македонија во 90-тите години“ на Биљана Тануровска-Ќулавковски и Ивана Васева, заради релевантноста на темата во денешниот културен, но и на општествено-политичкиот контекст.

Перформансот, според авторките, како еден од оние видови уметност од лиминална и гранична природа, како и со проширено значење кое се шири и вонуметничкото и естетското, создава различни мапи и остава траги кои се влијаени од социо-политичките, економските и културните околности во одреден период, време, и простор, а со тоа создава бројни мрежи на значења.

Истражувањето насловено „Политички перформанс како проширено поле во Македонија во 90-тите години“ ќе го истражува перформансот како естетски, но и проширен термин, како оној што се шири низ дискурсите, започнувајќи од човековото однесување за да вклучи цела низа феномени поврзани со ефикасноста, каде што продуктивноста не се однесува на поединци и групи, но на системи, технологии и социјални апарати.

Специфичниот контекст на 90-тите години на минатиот век во Македонија е период оптоварен со настани што можат да послужат како „материјал“ за уметниците. Меѓу горливите политички, економски, социјални и културни прашања од 90-тите години на минатиот век – војната во регионот, приватизацијата, мултикултурализмот, етничките немири, идентитетските прашања, преминот од социјализам во капитализам, итн. можат да се забележат низа културни перформанси низ чија призма може и да се разгледува како, зошто и каде се развивало перформативното политичко и политичкото перфомативно.

Во оваа насока, намерата на авторките е да ги истражат политичките перформанси во земјава, во обид да пронајдат форми на критичка уметност како перформанси или перформанси како проширен поим што ја задржуваат политичноста како форма на критичност и антагонизам кон доминантната социјална и културно-политичка состојба на работите. Доделувањето на наградата е овозможено со финансиска поддршка од Министерство за култура на РСМ и Град Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 90, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 24-25 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот