Продолжува војната на зборови на релација МЗТ Скопје – КФСМ: Антиќ наместо да прифати критика, напаѓа со Лаги, навреди и инсинуации

Препукувањата помеѓу Кошаркарската федерација на Македонија (КФСМ) и екпиата на МЗТ Скопје продолжуваат и денеска. Откако во текот на денот КФСМ одговори на вчерашното писмо на „металците“, сега аеродромци повторно возвраќаат.

КФСМ: МЗТ се почувствувал потценет и загрижен, федерацијата не е таа која го доделува пехарот!

Тие му порачуваат на челникот на Федерацијата Перо Антиќ да ги прифати добронамерните критики.
Соопштението на МЗТ Скопје Аеродром ви го пренесуваме во целост:

Господа од КФМ, многу зборови напишавте, меѓу кои и лични навреди, инсинуации и ноторни лаги, за што ќе се видиме и пред судски форуми, ама не ни одговоривте на главното прашање – дали планирате да препишете уште нешто од РФМ освен нивниот протокол за тренирање, за да имаат клубовите бенефит од вас во сезоната што следува?

Сѐ друго што кажавте е боранија, невешта одбрана, клевети, шпекулации односно – класично дефокусирање на јавноста од вистинскиот проблем. Ние не побаравме посебни бенефиции за себе, туку ви се обративме во име на сите прволигаши, за кои велите дека одлично се снашле во пост-корона периодот, иако сите знаеме дека не е така. Ви сугериравме да прифатите добра одлука од компетентна федерација, докажана на дело како заштитник на сите клубови, а не само на миленичињата. А, вие, веднаш се навредивте, па набројавте многу работи кои немаат никаква поврзаност со нашата поента, ниту, пак, се вистинити.

Постојано го споменувате нашиот ваучер како да сме единствени што сме го добиле, а не кажувате дека такво парче хартија добил секој спортски колектив, федерација и индивидуалец во државата. Велите дека сме богати, па не сме требало да бараме помош од вас. Па, зошто, тогаш, да ве плаќаме? Зошто ќе ни е КФМ, ако не мисли да им помогне на клубовите, кои се ‘рбетен столб на макбаскетот, база од кои доаѓаат репрезентативците, гласачи кои ве избираат, ама и менуваат. Тогаш, ставете клуч на врата и продолжете со нешто друго што знаете да го правите. Ако воопшто постои нешто такво.

МЗТ Скопје Аеродром е акционерско друштво во сопственост на општина Аеродром, кој функционира според законските норми на компании во државна сопственост. Сите наши документи се јавни и достапни, ревизијата е на годишно ниво, а најдените аномалии во работата се еднакви на – нула. Ние отчетот го даваме пред нашиот основач, а вие пред клубовите, меѓу кои се и двата наши тима од Првата лига. Тоа е разликата помеѓу вас и нас. За жал, вие, господине Перо Антиќ, сѐ уште никому не сте дале отчет за својата работа од кога сте дојдени на функција, бидејќи се криете зад коронавирусот. Кога треба да се заработат пари од ФИБА, тогаш не е проблем да се направи камп со стотици малолетници среде пандемија со Ковид-19, со префрлање на евентуалниот проблем и вина на родителите, но истовремено опасно е да се организира Собрание со 30 члена. И сега, кој кого манипулира тука?

Наместо да покажете самокритичност и да се извините за индолентноста, а потоа да отидете на часови кај господинот Живко Мукаетов за тоа како успешно се води федерација, вие навредувате и лажете. Во отсуство на аргументи, користите невистини за кои ќе се видиме на суд, па таму докажувајте ја поврзаноста на менаџерските плати со таканаречените бонуси за титула, што не само што не е точно, туку е и смешно. Али, барем ќе биде забавно да ве гледаме како ќе се потите на суд кога ќе ве прашаат дали имате докази за вакво тврдење.

Господине Антиќ, ние немаме ништо лично против вас, едноставно вие први тргнавте на МЗТ Скопје Аеродром, а ние само одговараме на неправдата која ни е нанесена, бидејќи колку и да се правдате, да измислувате лажни аргументи, вистината е една – вие ни ја украдовте титулата освоена на терен. И затоа сте најомразена личност во Аеродром. И затоа ние веќе јавно кажавме дека за нас не постоите и дека никогаш повеќе нема да стапнеме во федерацијата додека сте вие на нејзино чело.

А, ако сте толку многу заинтересирани за нашето присуство на Здружението на прволигашите, тогаш покажете доблест и вратете го на клубовите. Исправете ја грешката на вашиот претходник и овозможете им на тие што ве бираат сами да решаваат за сопствената судбина, а не да бидат само ваши измеќари.

И да. МЗТ Скопје Аеродром не искористи ништо од помошта која ја понуди Владата, само заборавате дека имаме и втор тим, расадник на таленти, бисери и дијаманти кои допрва ќе блеснат, кои заслужија да го добијат тоа што им следуваше и на другите во државата. Што се однесува за делот со лагата за неисплаќање на кошаркарите, сигурно знаете дека ние сме единствен клуб во Македонија, кој со сите свои членови, домашни и странски, најде заеднички јазик и постигна посебен ковид-договор, потпишан од играчите и веќе исплатен во целост од клубот.

А, дали тие кошаркари се незадоволни од односот на МЗТ Скопје кон нив, доволно покажува фактот дека сите македонски репрезентативци од минатата сезона изразија желба и ги обновија договорите, а ангажиравме уште други двајца членови на националниот тим. Затоа, друг пат не ги злоупотребувајте нашите кошаркарски бисери за сопствени нечесни цели. Оставете ги надвор од валканите шеми. Тие се најчистото нешто во кошарката во моментов.

За разлика од вас!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот