Приштинска „платформа“

Пораките што Албин Курти ги испрати за време на „приватната“ посета на Чаир и на Тетово по својот карактер навлегоа во „приватноста“ на внатрешните работи на Македонија.

Албин Курти, кој е под меѓународни санкции поради неприфаќањето на условите на меѓународната заедница во преговорите со Србија за северот на Косово, во Скопје и во Тетово се обиде да го набилда својот рејтинг во ривалството со албанскиот колега Еди Рама, претставувајќи се како нов сеалбански лидер во регионот. Иако посетата, според кабинетот на косовскиот премиер, е на покана на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, а по повод преименување улица, како и на покана на тетовскиот градоначалник Билал Касами заради промовирање на идејата за патно поврзување на Призрен со Тетово, значи немаше карактер на официјална, реакциите по неговите изјави потврдија дека таа беше сè освен „приватна“.

Курти ги повика своите истомисленици од Македонија да го поддржат Берлинскиот процес наместо Отворен Балкан, проект зад кој застанаа официјален Белград, Тирана и Скопје. Контрирањето на Косово да се придружи кон Отворен Балкан и заладувањето на односите на Курти со меѓународната заедница, албанскиот премиер Еди Рама го нарече „самоизолација на Косово“, но поттикна ривалство меѓу премиерите на двете соседни земји на Македонија. Овој факт не може да не влијае и врз политичката ситуација во земјава, знаејќи како функционираат овдешните политички субјекти од албанскиот блок. Курти во Тетово ја најави својата платформа на дејствување, која веројатно и дополнително ќе биде надградувана во Приштина.

„Северна Македонија треба да биде што поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија, која не се дистанцира од Милошевиќ и од Путин. Вака Северна Македонија ќе биде што поблиску до влез во Европската Унија, а нашиот Балкански Регион ќе биде побезбеден. Поради ова ние треба да ѝ помагаме и ќе ја поддржуваме Северна Македонија“, изјави Курти, не коментирајќи ги условите што македонскиот албански опозициски блок ги постави за прифаќање на уставните измени. Притоа е симптоматичен молкот на ДУИ спроти прославата на 22-годишнината од Охридскиот рамковен договор, односно промоцијата на новиот политички субјект Демократско движење.

Веење знаме на т.н. Голема Албанија со намерно изоставување државни обележја, е редовна практика на овдешните албански лидери чија цел е лов на гласови на електоратот со потпалување националистички страсти. Осудата што пристигна од премиерот Димитар Ковачевски беше во обланда, отпосле барајќи мерки од СВР Тетово, иако настанот го обезбедуваа македонски полицајци, кои требаше да го спречат овој инцидент. Истакнување знамиња што не се државни и неинтонирање химна при организирање настани во присуство на државници од странски земји е многу повеќе од „непочитување на протоколите“, како што пишува во реакцијата на кабинетот на Ковачевски. Особено кога е во пакет со промена на име на улица во Чаир, и не на која било, туку улица наречена според антифашистичката Втора македонска бригада. Таквите проблеми не се решаваат со пораки за изградба на нова улица.

Косовскиот премиер од „историското“ Вејце им држеше лекции на македонските власти поради застојот во изградбата на патот Тетово – Призрен, но заради свои потреби и спасувањето на сопствената фотеља може да се очекува негово почесто занимавање и со македонските работи. Зашто пораките што Албин Курти ги испрати за време на „приватната“ посета на Чаир и на Тетово, по својот карактер навлегоа во „приватноста“ на внатрешните работи на Македонија.

Минатиот „петок во знакот на Курти“ е само предвечерие на бурниот петок што претстои, кога македонското Собрание и формално треба да ја отпочне расправата за измена на Устав како дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Со оглед на непроменливиот став на ВМРО-ДПМНЕ во однос на внесувањето на Бугарите во Преамбулата, односно неприфаќање уставни измени под бугарски диктат, извесно е дека тешко ќе се исполни посакуваниот рок за таа цел – ноември.

ВМРО-ДПМНЕ постојано инсистира на предвремени избори, но сите албански партии се едногласни дека нема да соработуваат со партии што се против уставни измени што е услов за евроинтеграциите. Ако победи, ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да коалицира со албански партии, кои и да се. Или можеби планираат неприфаќање албански диктат и приштинска платформа и „репреговарање“ на уште некој договор?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот