При крај се подготовките за објавување тендер за изградба на хидро електраната Чебрен

Кочо Анѓушев/ Фото: МИА

Подготовките за објавување на тендер за изградба на хидро електраната Чебрен по принцип на јавно приватно партнерство (ЈПП) се во финална фаза, порача вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на презентација во Владата на новата прелиминарна студија изработена од Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ (International Finance Corporation – IFC), дел од групацијата Светска банка, која е неопходна за објавување на тендер за изградба на ХЕЦ Чебрен на која имаше и претставници на Секретаријатот на енергетската заедница.

-Владата на Република Северна Македонија е посветена на реализација на енергетските реформи, кои подразбираат и постепена транзиција од конвенционалното производство на електрична енергија од фосилни горива, кон се повисоко ниво на производство на енергија од обновливи извори. ХЕЦ Чебрен ќе овозможи дополнителна стабилности и сигурност на електро-енергетскиот систем во Северна Македонија, со обезбедувањето на секундарна регулација и потребните балансни услуги на системот во земјата и во регионот- рече Анѓушев.

По многубројни неуспешни тендери, со новиот сеопфатен пристап и студиите направени за ХЕЦ Чебрен, како и вклучување на сите релевантни страни, додаде дека е убеден во успешна реализација на јавниот тендер и конечна реализација на проектот.

-Со изградбата на овој енергетски капацитет, како и реализација на проектите за изградба на фотонапонски електрани со инсталирана моќност од околу 200 мегавати, што е десеткратно поголемо производство од досегашното, удвојување на производството на електрична енергија од ветерни електрани, производството на електрична енергија од обновливи извори значително ќе се зголеми, потенцира Анѓушев.

Студијата ја презентираа претставници на консултантската куќа АФ МЕРКАДОС во соработка со Ексергија, кои беа ангажирани од страна на ИФЦ. На презентацијата присуствуваше и делегација од Секретаријатот на енергетската заедница, предводена од заменик директорот на Дирк Бушле, како и делегација од ИФЦ, предводена од менаџерот задолжен за Северна Македонија и Црна Гора, Зоран Мартиновски.

Претставниците на Секретаријатот на енергетската заедница ги оценија позитивно реформите во енергетскиот сектор во изминатиот период, а тоа се потврдува и во нивниот последен годишен извештај, кадешто Република Северна Македонија е препознаена како регионален шампион во спроведувањето на реформите во енергетскиот сектор.

Изградбата на хидро електраната Чебрен  е стратешки проект кој е од голема важност за енергетската стабилност во Северна Македонија и во регионот на Југоисточна Европа. Согласно предвидениот план, се очекува до крајот на 2019 година да се објави меѓународен јавен повик за изградба на ХЕЦ Чебрен. Како што информираат од Кабинетот на Анѓушев, од информациите добиени од ИФЦ,  постои голем интере од меѓународните компании за инвестирање во овој проект.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот