Презентиран Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2021/2022

Средношколци во Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Премиерот Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска денеска на прес-конференција го презентираа Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2021/2022 година во Република Северна Македонија.

Конкурсот е објавен на веб-страницата на Министерството за образование и наука (МОН) и е достапен на следниот линк https://mon.gov.mk/content/?id=3850, а од утре ќе биде објавен во печатените медиуми, на македонски и на албански јазик, во „Слободен печат” и „Коха”.

Министерката Царовска нагласи дека првпат конкурсот е донесен во социјален дијалог со локалните самоуправи и со реалниот сектор и додаде дека и во иднина на тој начин треба да се креира уписната политика во средните училишта и во иднина. Таа потсети дека кампњата „Учи паметно, работи стручно” се одвиваше низ 19 настани во разни општини и заедно со стопанските комори, локалните самоуправи и училиштата утврдиле кои се потребните профили што треба да се отворат во одредено училиште или кои треба да се стават во мирување.

Царовска како придобивки од стручното образование ги истакна: брз и успешен настап на пазарот на труд на секој ученик што ќе заврши средно стручно образование, добра основа  за понатамошна високообразовна надградба, гарантирана добра заработка и финансиско осамостојување на младите кои побрзо можат да дојдат до работни места и компаниите добиваат подготвени и веднаш вработливи кадри. Посочи на политиката за стипендирање, која, како што рече, Владата ја донесе на претпоследната владина седница.

– Со Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2021/2022 година во 109 средни училишта предвидени се вкупно 30 053 слободни ученички места во 913 паралелки. Од кои 19 602 во стручно образование во 604 паралалеки, 9 261 ученик во гимназиско образование во 274 паралелки и 1 190 ученички места во 35 паралелки за уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко-информатичка гиманзија, рече Царовска.

Министерката Царовска нагласи дека фокусот е ставен на средното стручно образование, кое, како што рече, е образование на сегашноста и на иднината. Апелираше учениците да се запишат во средните стручни училишта.

Премиерот Заев нагласи дека кампањатата „Учи паметно, работи стручно” била успешна и дала ефект и изрази благодарност до стопанските комори, до сите компании што ја поддржале, до Швајцарската амбасада, Германија, УСАИД, УНДП…

– Анализата на МОН, во која учествуваа 450 компании, покажа дека дури 85 отсто се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавањето на стручен и квалитетен кадар, рече Заев.

Додаде дека заложбата и посветеносата на Владата е да ги развива зацртаните стратешки цели, меѓу кои се развојот на економијата, зголемување на продуктивното вработување и подигнување на животниот стандард на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот