Преводот како патоказ за разбирање на книжевните вредности на Балканот

Студијата „Сите драјвери вклучени!“ ја скенира состојбата во полето на книжевните преводи

Издавачката куќа „Готен“ од Северна Македонија, во партнерство со фондацијата „Некст пејџ“ (Next Page) од Бугарија, „Аргх!“ од Србија, „Поетека“ од Албанија, „Сандорф“ од Хрватска и Секретаријатот за култура и спорт на Подгорица (Црна Гора) беше дел од тригодишниот проект „Balkans Translations Collider“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

Програмскиот аспект на проектот, кој започна во јануари 2021 година, а се заокружува со крајот на 2023 година, се потпира врз три основни столбови: изработка на студии за преводот на четири национални книжевности (македонската, српската, албанската и црногорската) на јазиците на Европската Унија; организирање на две Академии за книжевен менаџмент и промоција на преводите; како и студиско-професионални престои на луѓе кои се занимаваат со издаваштво во организации од ЕУ.

Разбирањето на различностите не е само дел од мултикултурната мапа на еден регион, тоа е и иницијација тие различности да се претворат во литературни дела чие преведување ќе ги зајакне и поттикне меѓусебните соработки и вмрежувања.

Првиот столб на проектот е посветен на комплексната мрежа составена од организации, индивидуални професионалци, издавачи, фестивали, саеми на книги и други фактори без кои преводите и нивните трансфери кон читателската публика не би биле потполни и, секако, би биле редундантни. Кога зборуваме за вмрежувањето и за овој вид на комуникациски системи, треба да имаме предвид дека студиите што се изработени во оваа насока треба да ја дадат вистинската слика за преводната книжевност на Балканските земји и нивното циркулирање на кое насушно им е потребно систематизирање и методолошка одредница.

Четирите студии генерално зборуваат за состојбата на преводната литература, давајќи слика на преведените дела и автори, како и релациите на самите земји со фондациите и грантовите на платформата „Традуки“, Европската комисија, нивните министерства, како и учеството на саемите и фестивалите, а секако и резиденциите на авторите и преведувачите.

Во опсежната студија на издавачката куќа „Готен“, како партнер во овој проект, не само што е проектирана целата состојба со присуството на македонските писатели во преводната книжевност, туку се позиционирани и драгоцени препораки за формирање на препознатлив фундамент во институционализирањето и кадровското систематизирање на сѐ она што значи застапување на македонскиот автор и неговото писателско достоинство.

Промоција на студијата „Сите драјвери вклучени!“ во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје

Промоцијата на студијата со наслов „Сите драјвери вклучени; извештај (факти, анализи и препораки) за македонската литература во превод (2015-2020)“ се одржа на 24 ноември 2022 година во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје. На промоцијата учествуваа Роберт Алаѓозовски (автор на студијата), Фил Фирт (преведувач од англиски на македонски јазик), Дејан Трајкоски (писател, уредник, преведувач и директор на фестивалот „Про-за Балкан“) и Фросина Пармаковска (писателка), а разговорот со нив го водеше писателот и уредник Владимир Јанковски.

Студијата „Сите драјвери вклучени!“ претставува пресек, скенирање на состојбата во полето на книжевните преводи и објавувањето литература од автори кои пишуваат на македонски јазик на другите европски јазици. Таа треба да го надополни недостигот на анализи и истражувања врз база на податоци и факти во полето на издаваштвото. Тоа е значајна културна област и за високите уметнички вредности на еден народ и на една држава и за одржувањето на интеркултурната комуникација и соработката меѓу европските земји и, за жал, за занемарените аспекти на една, макар и мала, културна индустрија.

Насловна корица на студијата „Сите драјвери вклучени!“

Студијата ги анализира концептите и „природата“ на книжевното творештво, каналите и механизмите преку кои се одвива процесот на преведување и публикување на преводни книги од македонски јазик, ги анализира типот на издавачи и нивниот интерес, културните политики и механизми на поддршка, како и улогата на авторите, преведувачите, уредниците и книжевните агенти во процесот.

Секако, како и другите студии, и оваа студија (која е доста опсежна и детална) не зборува само за количината на преводи и присуството на македонските автори надвор од нашата земја, туку зборува за една исклучително важна состојба која е апликативна на мултикултурната соработка со земјите во регионот, но и во европски рамки. Овие студии треба да ги отворат полињата на идеи и можното институционализирање да го подигне нивото на свеста за правилното валоризирање на авторот, а особено на неговиот превод.

Фондацијата „Некст пејџ“ многу јасно ги истакнува круцијалните идеи на целиот проект, каде што беше преземено истражување базирано на податоци за да се одреди состојбата на книжевните преводи од јазиците на Западен Балкан на други европски јазици за да се идентификуваат трендовите, да се анализираат и да се создадат препораки за политики, како и за да се одговори на тековните потреби на секторот. Она што е важно, кога ќе се спомене зборот „политика“ е дека стихијното преведување базирано врз искуството и напорите на самите автори за своите дела е дисфункционално најмногу заради тоа што напорот за детектирање на дела со голем квалитет е исклучително тежок.

Во таа насока, со вториот столб од проектот беа организирани две Академии за книжевен менаџмент и промоција на преводите, едната во Струга, Северна Македонија, од 13 до 18 мај 2022 година, а другата во Драч, Албанија, од 18 до 22 мај 2023 година.

Академија за книжевен менаџмент и промоција на преводите во Струга

Генералните насоки и на двете академии се однесуваа на дискутирање и рафинирање на концептот на „промоција на преводи“ од сите негови различни аспекти – од побарувачката на публиката, геополитичките фактори и пазарните сили, до соодветните политики за поддршка; презентирање и промоција на преведените дела во меѓународен амбиент; учење од успешните приказни и запознавање со луѓето кои стојат зад нив; заедничко истражување на трендовите и иновативните решенија за промовирање литература од „помалку употребуваните“ јазици; запознавање со локалната книжевна сцена на земјите домаќини; катализирање на нови партнерства и градење на трајна мрежа на истомисленици.

И на двете академии беа присутни книжевни креативци, автори – преведувачи, агенти и уредници, како и претставници на фондации, како што е „Традуки“ итн. Низ неколкуте сесии на двете академии се дискутираше за можностите за вмрежување на земјите од регионот, за потребата од формирање на центри за книга, но и за капацитетите на агенциите за застапување на самите автори.

Генерално, агентите и авторите, како и преведувачите говореа за своите искуства при пласирањето на нивните книги во другите земји отворајќи ги сликите за преводната книжевност во својата земја, а притоа се дојде до заедничка констатација дека не само поттикнувањето на преводите на значајните автори во одделни земји, туку и нивното пласирање и донесување до крајниот реципиент – читателот е од особена важност за секоја земја.

Секако, на двете академии од драгоцена важност беа искуствата на книжевните агенти кои говореа за исполнувањето на своите тенденции авторите од својата земја да бидат достојно презентирани вон границите, но и за напорите да се детектираат добрите авторски имиња и нивните дела од другите земји и да се приближат кон читателската публика во нивната земја. Искуствата на самите автори при процесот на преведување на нивните дела беа разновидни, но секое од нив носеше аспект кој ја надополнува сликата за менаџирањето на преводната книжевност.

Еден од најзначајните сегменти на проектот беше третиот столб, кој е посветен на студиско-професионалните престои на луѓе кои се занимаваат со издаваштво во организации од ЕУ. Практиката и искуството на европските земји во презентирањето на делата низ призмата на стабилно систематизирани институции наменети за тоа е од драгоцено значење за земјите од Западен Балкан, па така овде би го истакнале искуството на Билјана Црвенковска, сопственичка на издавачката куќа „Чудна шума“ од Скопје, која гостуваше во издавачката куќа „Виге Ваге Књиге“ во Марибор, сопственост на Ања Голоб, која е и самата позната словенечка писателка.

Престој на Билјана Црвенковска од „Чудна шума“ во издавачката куќа „Виге Ваге Књиге“ во Марибор

Овој еднонеделен престој на Билјана Црвенковска е од огромно значење не само за неа како авторка и издавач, туку и за издаваштвото во нашата земја најмногу заради искуствата во работата врз европските проекти, предизвиците со кои се соочуваат малите издавачи во земјите со помали пазари и помала читателска публика, начините за надминување на одредени проблеми, како и можностите за вмрежување и партнерство.

Секако дека примената на оваа размена на искуство ќе доведе до промена на начинот на размислување во полето на издаваштвото и презентирањето на преводната книжевност на нашите простори. Дополнително, одредени искуства од работата на „Виге Ваге Књиге“ кои се применливи и за македонскиот пазар ќе бидат добредојдени за примена и во работата на „Чудна шума“. Покрај студискиот и работен престој кај „Виге Ваге Књиге“, Црвенковска во Словенија оствари и работни средби со уште неколку словенечки издавачи, автори и преведувачи.

Лидерот на проектот, фондацијата „Некст пејџ“ од Бугарија, генералните заклучоци од реализацијата на „Balkans Translations Collider“ ги презентираше на Саемот на книга во Франкфурт во 2023 година.

„Balkans Translations Collider“ е важен проект за македонската книжевност, за начинот на нејзината презентација во Европа и во светот, за конечната интенција овој проект да се претвори во нешто што би значело достојна валоризација на македонскиот писател, за достоинството на писателската фела, но и за отворањето на границите на македонските писатели и дела кои, сѐ уште, се некаде во сенката на непознатото, што е многу погубно затоа што мултикултуралноста не е само иницијација и тенденција, не е само ветување за разбирање и соработка, таа е и поле за откривање на духовната патека која покрај другите уметности, ја подразбира и книжевноста.

Автори на текстот: Сашо Огненовски и Тони Димков

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот