Превирања во Алтернатива: Гаши би останал во Владата и без датум од ЕУ, но Реџепи условува

Скендер Реџепи Алтернатива
Скендер Реџепи / Фото: Слободен печат- Драган Митрески

Партијата треба да размисли за учеството во Владата доколку земјата не добие датум за отворање на преговорите со ЕУ и ако Европската комисија не испрати експерти што ќе ги преиспитаат монтираните судски случаи, смета пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи.

Алтернатива останува на принципите поради кои одлучи да се приклучи на владејачкото мнозинство, вели за „Слободен печат“ портпаролот на партијата Орхан Муртезани, откако нивниот пратеник Скендер Реџепи изјави дека партијата треба да размисли за учеството во Владата доколку земјата не добие датум за отворање на преговорите со ЕУ.

Според Реџепи, ако Македонија не добие датум, тогаш во партијата треба да се отвори тоа прашање бидејќи една од точките на кои се обврзале е интеграцијата во ЕУ. Дали Алтернатива треба да остане во власта, ќе зависи и од одговорот на Европската комисија дали ќе испрати тим од експерти, кои ќе треба да ги преиспитаат монтираните судски случаи, смета Реџепи.

Внатрепартиски недоразбирања?

Одржувањето на евроинтеграцискиот курс и добрососедството е една од најважните точки за да се приклучиме кон владејачкото мнозинство, вели Муртезани.

– Не зависи од нас решавањето на спорот со Бугарија, ниту одлуката за отворање на преговорите со ЕУ, иако нашето вклучување во Владата секако го помогна овој процес. Ние ги исполнивме условите за отворање на преговорите со ЕУ и сме оптимисти дека тоа ќе се случи до крајот на јануари. Ако тоа не се случи, не сметам дека само Алтернатива треба да го постави прашањето како понатаму, туку сите политички фактори во државата – додава портпаролот Муртезани.

И додека во Алтернатива има спротивставени позиции кој пат да го фатат, висок функционер од Владата за „Слободен печат“ изјавата на Реџепи ја толкува како внатрепартиски недоразбирања.

– Не верувам дека Алтернатива ќе се повлече од договорот. Алтернатива не е за брзи избори. Тие се на ставот дека избори треба да има во 2024 година. Тоа е основата на влегувањето во коалицијата – вели владиниот функционер.

Нови средби со помалите коалициски партнери

Помалите партии што изразија незадоволство од дел од програмските определби на Алтернатива како нов владин партнер, на одделни средби со премиерот Зоран Заев, лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски и генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски, ги претставија своите приоритети за поддршка на дополнетата владина програма, како и за кадровски решенија во новата влада. Заев и Ковачевски се сретнаа со претседателите на ЛДП и на Демократскиот сојуз, Горан Милевски и Павле Трајанов, како и со пратеникот од Партијата за движење на Турците Енес Ибрахим. За денеска се планирани средби со ДОМ, НСДП и со претставници на Србите и на Ромите.

За да ги смири страстите на помалите партии за спорните точки од програмата и за бројот на министерски и директорски функции што им припадна на „алтернативците“, Заев планира да ја прошири Владата со неколку министри без ресор. Министер без ресор одговорен за дијаспората ќе добие Алтернатива, а такви позиции ќе им бидат понудени и на НСДП (најверојатно за образование), како и на Ромите (за спроведување на стратегијата на Ромите) и на Турците (за намалување на сиромаштијата).

По средбата, ЛДП соопшти дека останува во Владата и ќе го поддржи и идниот мандатар, откако се договорени политики важни за ЛДП во делот на економија, екологија и изборните реформи, децентрализацијата, локалната самоуправа, воведување една изборна единица, отворени листи за советници, пазарот на криптовалути, градење и урбанистичко планирање итн.

Трајанов, пак, на средбата презентирал осум точки, кои според ДС треба да бидат дел од владината програма: реформи во правосудството преку ревизија на работата на сите судии и обвинители, повторувањето на постапките за монтираните процеси, закон против тешки облици криминал и висока корупција, вработување високообразовани млади лица преку вработување во јавниот или во приватниот сектор (финансирање од буџетот најмалку една година), реформа на изборното законодавство (една изборна единица со пропорционален модел и без изборен праг) итн.

За ДОМ приоритет е Европскиот зелен договор, употребата на обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, измени на изборниот модел, една изборна единица, отворени листи и 50 отсто жени на листите…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот