Преспа – местото кадешто ќе го најдете својот мир

Фото: Татјана Миљовска

Ако загадената средина го деградира нашето здравје, ако луѓето не се среќни, се депресивни, незадоволни, ако нема оптимистички изгледи за следните генерации, тогаш треба да заклучиме дека имаме сериозен проблем!

Преспа, како природно место богато со убавините на дивината и со специјално заштитени области врз основа на високите еколошки вредности, ги има сите елементи да се прогласи за објект на уживање според визијата и принципите востановени од  енвиронменталната естетика. Евидентен е широк спектар на природни амбиенти со особено естетско значење: планини, шуми и ливади со раскошен биодиверзитет, пространи овоштарници во рамницата и пасторална рурална средина, блата населени со многу птици и прекрасно езеро – едно од седумнаесете најстари во Европа. Во оваа дивина тишината не само што го лекува срцето и белите дробови туку и  душата, во целосно уживање што носи мир, спокојство, хармонија, толку непходни за денешниот човек, полн со стресови.

Но, антропогените влијанија (човечкиот фактор), веќе низа години предизвикуваат нарушувања во оваа дива убавина, а во поново време со климатските промени драстично се забрзува процесот на девастација. Затоа денес човекот мора итно да интервенира за да ја врати рамнотежата на системот, а природните елемети да ги прочисти за тие  повторно да дејствуваат позитивно и хармонично. Постои акутна потреба од развивање на еколошка солидарност за да се заштити регионот за следните генерации. Во таа смисла усогласувањето со принципите на енвиронменталната естетика е сосема во функција на одржливиот развој на Преспа.

Естетика на дивината

Енвиронменталната естетика е естетика на природата со нагласок на природната средина како окружување на човекот. Како „програмска филозофија“, или фиозофија која има практична ориентација, се фокусира, накратко кажано, на истражување, на соодветно вреднување, разбирање на природата и хармоничен однос со неа, што  ќе ги мотивира и поддржи дејствијата за  зачувување, одржување и обнова на дивината.

Односот кон природата е повеќеслоен и сложен исто како што е односот кон уметничкото дело. Ако сакаме да доживееме еден простор-предел-екосистем вистински длабоко (како уметничкото дело) тогаш ќе ни помогне и знаењето за неговата историја, и науките како биологијата, геологијата, географијата, метеорологијата, физиката, хемијата, екологијата, астрономијата, но и непосредното доживување (преплавување),  емотивното восприемање па и само медитативното посматрање и восхитот. А во изнаоѓање на приоритетите за акција секако треба да се раководиме според најдоброто решение за целиот еко-систем и синергијата меѓу учесници, како антропогените така и неантропогените.

Преспа чистење
Фото: Татјана Миљовска

Како што човекот има морални права (и обврски) така и природата има свои права – природни права, затоа што таа има суштински внатрешни вредности (intrinsic values). Етиката на почит кон природата ја градиме врз спознанието (емотивно, душевно, духовно, интелектуално) за нејзините внатрешни вредности.

Доживување на природниот предел  (призор, пејзаж) е холистичко искуство (искуство на заокружена хармонична целина со која сме стопени во единство) и мултисензорно. Перцепцијата е динамично восприемање „однатре“, бидејќи сите наши сетила (не само сетилото за вид) активно учествуваат во свесното присуство во и со природата. Аспектите на типот на природната средина го одредуваат начинот на нејзино доживување и вреднување, но, и годишното време како и периодот од денот носат различна енергија.

Како да се развие еко-активизмот?

Естетската и етичката (моралната) линија во разгледување на еко-проблемот се стопуваат за да се овоплотат во практично решение. Ако загадената средина го деградира нашето здравје, ако луѓето не се среќни, се депресивни, незадоволни, ако нема оптимистички изгледи за следните генерации, тогаш треба да заклучиме дека имаме сериозен проблем! Најпрво тоа треба да си го признаме. Да го поставиме (лоцираме) проблемот правилно и енергично да се соочиме со него, е есенцијално. Не може некој однадвор да ни го подобри расположението, ако не се потрудиме самите.

Како да го развиеме еко-активизмот? Бидејќи имам скромно искуство со еко-активизмот, можам да споделам некои битни поенти како поука. Еко-активизмот не е толку развиен кај нас затоа што поголем процент од населението има пасивен однос кон околината и природата. Навистина многу мал процент од луѓето не се грижат за околината, фрлаат ѓубре насекаде. Но многу голем процент е пасивен и заедно со овие „лоши граѓани“ го сочинуваат мнозинството кое е „незаинтересирано“ за околината. Тие сите сметаат дека не е нивна работа да се грижат за околината (бидејќи не ја чувствуваат како своја) и со некој свој ангажман да придонесат за подобра животна средина. Се гадат од ѓубрето што го гледаат насекаде, и мислат дека таа состојба е непоправлива, дека ние сме нечист народ и дека не можеме да ги промениме навиките и менталитетот. Тука е проблемот, во таа психологија на пасивност, апатичност и неенергичност. Кога поголем дел од населението има активен однос, не во смисла да собира ѓубре како еко-активистите (па и тоа, зашто да не), туку барем да ги опоменуваат тие кои непосредно загадуваат, мнозинството граѓани ќе биде еко-настроено, па оние малку несовесни и неосвестени ќе се плашат да фрлаат ѓубре кај што ќе стигнат, бидејќи „во водухот“ ќе биде таа еко-свест. Значи еко-свеста треба да биде „во водухот“ и луѓето да се солидаризираат за почиста околина. Се разбира постојат и технички проблеми, на пример не постои служба која ќе го собира кабастиот отпад на повик, па граѓаните старите фотелји, каучи и душеци ги фрлаат по ендеците во непосредната околина.

Преспа ѓубре
Фото: Татјана Миљовска

Еколошко просветлување

Со зачувување на овој парк на дивината (всушност станува збор за два национална парка – Пелистер и Галичица, еден парк на природата – Езерени и Преспанското Езеро како споменик на природата кои го градат паркот на дивината Преспа) можеме сите да имаме само придобивки, бидејќи не само што ќе си го зачуваме здравјето (и психичкото и на физичкото тело и менталното здравје и енергијата) туку ќе поттикнеме услови за создавење место каде што многу луѓе ќе уживаат во убавините на природата, ќе се рекреираат и ќе си го најдат својот мир. И не само тоа: еколошкото просветлување нè издигнува и нè влева во главната струја на светските случувања, на тој начин што низ локалното унапредување на животната средина се вмрежуваме во глобалниот енвиронментализам.

Апел до Општина Ресен

Оваа година, како и секоја друга, на есен, собиравме ѓубре на потегот Сирхан-Отешево. Собравме околу 60 вреќи ѓубре сортирано во пластичен отпад, стакло и лименки. Треба да се обрне внимание на фактот дека ова ѓубре е направено само за една година! Кога само на потег од 3-4 км помеѓу Сирхан и Отешево (на патот, на крајбрежјето и на локацијата Рибарско Село) е собрана оваа количина ѓубре, можеме да претпоставиме колку многу ѓубре вооошто има во цела Преспа. Апел до општината Ресен и ЈКП Пролетер за грижа за природната убавина на Преспа!

Фото: Татјана Миљовска

„Следејќи ја состојбата молиме да се постават контејнери за отпадоци и ѓубре на одредени локации кои ќе се празнат во  периодот лето/есен. И да се постават информативни табли со знаци за забрана на фрлање на ѓубре. Исто така, да се воведе служба за подигање на кабаст отпад, на повик“.

Од еко-ентузијастите: Благородна Богеска, Зоран Анчевски и Татјана Миљовска , населба Сирхан.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот