Преговорите со Северна Македонија и Албанија приоритет на Еврокомисијата за 2020 година

Европска комисија/ Фото: Слободен печат/Архива

Европската Унија е посветена да го продлабочи партнерството со Западниот Балкан, регионот со кој дели многу, стои во работната програма на Еврокомисијата за годинава.

Европската комисија денеска ја усвои својата работна програма за 2020 година, во која меѓу приоритетите се наведени и започнувањето на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, работната програма на Европската комисија опфаќа конкретни чекори кои извршното тело на ЕУ ќе ги преземе во текот на годината за да ги оствари политичките заложби формулирани на почетокот на мандатот. Тоа се еколошката транзиција, дигиталното општество, поголема одржливост на економијата, како и посилна улога на Европската Унија на глобалната сцена.

Токму во овој дел се наоѓа и проширувањето и поспецифично старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија во 2020 година.

– Европската Унија е посветена да го продлабочи партнерството со Западниот Балкан, регионот со кој дели многу. Кредибилна пристапна перспектива за регионот е од огромно стратешко значење за Европската Унија и за самиот регион, ова ќе биде потврдено во придонесот на Комисијата на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај 2020, стои во работната програма на Еврокомисијата за годинава.

Европската комисија ветува дека ќе „продолжи да притиска за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија”, а паралелно ќе се посвети на подобрување на процесот на зачленување во ЕУ, преку нова методологија и засилена инвестициска рамка.

Западниот Балкан и Африка се главните приоритети на оваа Европска комисија во делот на надворешната политика и улогата на ЕУ во светот. ЕУ ќе „продолжи да се бори” за „поредок заснован на правила” и сите иницијативи на работната програма ќе имаат силна надворешна димензија за да се зајакне геополитичката улога на Европската комисија.

– Оваа Комисија е посветена да се справи со генерациските предизвици како климатските промени, дигитализацијата и миграцијата, посветени сме да испорачаме за Европскиот зелен пакт и да ги подобриме шансите на европските граѓани и бизниси во дигиталната трансформација, оваа работна програма ќе помогне да се изгради Унија, која се стреми кон повеќе, соопшти претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен.

Работната програма за 2020 првпат содржи и долгорочни перспективи за да се обезбеди улогата на ЕУ на глобалната сцена на траен начин, порача еврокомесарот задолжен за интеринституционални прашања, Марош Шефчович.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот