Празничен рецепт на Пеце Клечкароски: Паста во сос од тиква

Фото: Приватна архива

„Нема да ја кажам онаа клише новогодишна честитка како ,,нека ве следат здравје и среќа”, туку би рекол работете на тоа да имате здравје и среќа бидејќи тие работи не паѓаат од небото туку тоа е секојдневна борба, а резултатот зависи од вашата подготвеност секој ден да бидете подобри луѓе. Почитувајте ги другите, помагајте на другите и соработувајте со другите луѓе за што било, бидејќи подобар свет се гради преку кооперативноста, а не преку компетитивноста, дури и во случај кога сте водени од најсебични причини за егзистенција, па во таа смисла би порачал да ги поддржувате нашите домашни мали бизниси, занаетчии, фармери, уметници и сите креативци секогаш кога ќе можете бидејќи таквите постапки би изградиле подоблесно општество и опкружување за сите нас“, порачува Пеце Клечкароски во неговата новогодишна честитка.

Пеце Клечкароски за претстојните празници ви донесува еден негов рецепт.

Во овие зимски празнични денови можете да си зготвите вкусна паста и да ги повикате вашите блиски луѓе на ручек или вечера и да наздравите со некое убаво вино од македонските семејни винарници, порачува Пеце. За убава паста набавете си домашни селски јајца од најблиското село или фарма. Формулата за класична паста би била едно јајце со средна големина на 100 грама брашно или околу 5 жолчки на 100 грама брашно доколку сакате пастата да има поизразена жолта боја и поинтензивен вкус. Овие количини важат за една порција. Замесете тврдо тесто од јајцата и брашното и растегнете го со помош на машина за паста или со сукало на работна површина најтенко што можете доколку сакате малку физичка активност. Формирајте го или исечете го тестото во вашата омилена паста форма и спремно е за готвење.

За ладните зимски денови јас би одбрал паста во сос од тиква. Исечете ја тиквата на груби парчиња, сварете ја или испечете ја во рерна врз плех обложен со хартија за печење (можете да додадете и зачини како мајчина душица или рузмарин). Зготвената тиква префрлете ја во блендер, додајте путер или маслиново масло по желба и измелете додека добиете мазно пире од тиква. Претходно припремената паста ставете ја да се вари во зовриена вода со малку сол околу 2 до 3 минути, односно додека стане „ал денте“, а на страна во пошироко тавче врз растопен путер згответе малку ситно сечкан кромид и лук, додадете малку бело вино, па кога делумно виното ќе испари додадете го тука и пирето од тиква и сѐ нека се соедини и зготви кратко време.

Фото: Приватна архива

Сварената паста додајте ја во сосот заедно со малку од водата каде што се варела пастата и зачинете со сол и бибер. Промешајте внимателно и не многу агресивно за сите состојки убаво да се соединат и пастата убаво да го впие сосот. Пастата треба да изгледа сочна и малку течна бидејќи додека да сервирате на чинија можно е премногу да згусне од ладењето и да се залепи. Доколку пастата ви изгледа сува и премногу течност ви испарила во текот на готвењето, тогаш слободно додадете уште малку од водата каде што се варела пастата, за да ја освежите и рехидрирате. На крај, додадете малку ситно сечкан магданос.

Сервирајте на чинија со малку рендано тврдо сирење, пармезан или пекорино, прелијте неколку капки маслиново масло одозгора и декорирајте со ливчиња магдонос или свежи микро салати.

За декорација може да употребите и чипс од тиква, кој ќе даде фина крцкавост на јадењето. За чипс од тиква исечете ја тиквата на многу тенки парчиња и испржете ги во масло, па ставете ги врз кујнска хартија да се исцеди вишокот маснотија од пржењето.

Оваа паста можете да ја комбинирате со безброј други состојки: риба, ракчиња, школки, пилешко месо, карфиол или брокула запечени на скара, печени јатки итн. Добар апетит!

Фото: Приватна архива

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот