Празен со политика, преполн со тестостерон

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Носителот на „левичарската“ идеја се претвори во „одвратно дете“ на една поинаква Северна Македонија, киднапиран од бившите истребувачи кои ја создадоа најголемата срамота и несреќа на оваа земја, луѓе кои се воспитани од одмазднички ритуали.

Апасиев, тоа момче кое по цели денови плаче над својата судбина, а таквото оплакување го опишува на Фејсбук, верувам дека ќе ја надживее својата биографија. Типично за сите радикали празни со политика, а полни со тестостерон! Толку типично за сите претходни „политички икони“ на кои им истече рокот на употреба. Денес, напален до крајни граници, опседнат од неконтролирана амбиција и од биолошка старост, само уште Апасиев верува дека е млад, дека сите го сакаат и дека е невин.

Сопственикот на личната трагедија се занесува дека е моќен, а не сфаќа дека е разгален од други, Апасиев нѐ убедува во Собранието дека е невин, а притоа бара сертификат за невиноста. Тој дечко за себе вели дека поминал трауматична младост – а ние другите демек поминавме богатства, луксуз и останати керефеки – оплакувајќи се себеси, создава некоја критична маса, која всушност не е воопшто критична. Се работи за една сурија од никој и ништо кои не се ниту анархисти, а не се ниту некои талентирани за политика, туку само претставуваат „генетски“ синџир во таа крајно десничарска и ултраконзервативна политика. Неговата појавна политика е обичен скафандер, неговата реторичка политика е стрелање.

Богатиот политичар

Политичката глетка на Апасиев претставува низа од признанија со кои – јас мелам пари, а вие аплаудирате – нѐ убедува дека никогаш не бил во коалиција со луѓето кои до вчера беа власт во оваа земја, па фрустрацијата од двете политички партии самиот ќе ја презема на свој грб, притоа, се разбира, дебело наплатувајќи, оти, боже мој, тоа нему му припаѓа, а постојат и будали кои велат „ако, нека му припадне“! Неговиот здодевен глас и јазик преполн со одвратни простачки клишеа – чека синхронизација и толкувач, а додека чека, „стрела“ други – стрелајќи други, се стрела самиот себе. „Марш Радмило, пиз.. ти материна“, „сите ќе ве стреламе“, „сороспијчиња едни“, „децата крв ќе ви плукаат“…

Многу академски. Вистински доктор – Менгеле. Знаејќи дека само со еден негов брутален исказ во нормални земји до сега ќе ја завршеше политичката кариера, а жирантите на Апасиев  – тоа се неговите гласачи – не ги забележуваат тие детали, ним им е важно тој да „кака“, а какајќи тие нему му доделуваат премногу пари од буџетот на државата. Таквите блуеници од него прават повеќе да не биде најсиромашниот „студент“, туку според распоредот на силите – два пратеника во Собрание – Апасиев денес е најбогатиот политичар. Фино му се намести цела приказна, јас себе се оплакувам за минатите студентски денови, зошто би се мачел нешто да работам и да создавам, си отворам политичка партија и фино-лепо, млатам пара. Притоа, свесен е дека нема никаква политичка платформа, не дај боже инфраструктура; нема програма, нема политика, нема луѓе, нема ништо – ама има сурија од никој и ништо кои нему лично му носат големи пари. И има реторички стрелања на луѓе кои не може ниту физички, а богами ниту ментално да ги прескокне.

Од друга страна, очигледно е дека Апасиев и таа негова „Левица“ претставува доброволна жртва на еден политички метод – националистички: бонсек за политичка радикализација, растурач на институции и персона која претставува наличје на два спротивни света – јавната и тајната Северна Македонија. Лице и наличје на меѓусебно премрежени и невозможни комбинации од политики и злосторства, жртви и џелати, правда и корупција, „високи“ цели и кеш, приватна политика и нејзино јавно оправдување. Така Апасиев го премина рубиконот. За дечкото нема повеќе враќање назад. Апасиев денес е на својот крај, ни оддалеку не е онолку добар колку што беше на почетокот. Прво затоа што не смееше така да ја постави својата политика и, второ, затоа што не сакаше? Само ѓаволот тоа ќе го знае.

Одвратно дете

Носителот на „левичарската“ идеја се претвори во „одвратно дете“ на една поинаква Северна Македонија, киднапиран од бившите истребувачи кои ја создадоа најголемата брука и несреќа на оваа земја, луѓе кои се воспитани од одмазднички ритуали. Апасиев е осуден да биде дел од една макро историја со брзина на „епохализам“, специјални задачи и служби; ќе заврши заборавен од сите, сурово ќе биде вратен на маргината од која тргна. Апасиев не може повеќе да биде ништо во, како што вели и сам (потсмевајќи се): „нашата земја“; да го наречеме Доријан Греј – промашено; да го наречеме „малиот нарцис“ – веќе видено; Maлиција – испарено; Хари Потер – неадекватно; Петар Пан – надминато.

Овој мал предатор на политичката сцена како да ги има избрано најбизарните ликови од серијата Готам: тамошните политички чинители во таа дистописка серија припаѓаат на онаа општествена хирургија која вели: прво сечеш, а потоа анестезираш. Поточно, прво оперираш, а потоа даваш анестезија. Познати и се такви политички персони драматис на оваа земја, кои никако не можат да запрат со историја, не онаа општествена, туку напротив, онаа лична. Кога ќе се растури самиот од неговата вонсериска аздисаност, на неговите ментори ќе им биде потполно сеедно дали во провалија го однесе неговата амбиција, идеологија, среброљубие или само реваншизмот за оние што од него направиле „сиромашен студент“ преполн со тестостерон

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот