Пратениците шокирани што Беким Сали не знаел дека КАТО системот постоел на Онкологија, ама фаќал прашина

Анкетна комисија за случувањата во онкологија / Фото: Слободен печат / Методиј Здравев

Поранешниот министер за здравство, доктор Беким Сали денеска ги шокираше пратениците во собраниската Анкетна комисија формирана да утврди постоење политичка одговорност за скандалот на Клиниката за онкологија, кога кажа дека не чул дека Клиниката располага со КАТО системот за автоматизирана подготовка на цитостатици, со кои е невозможно да се украдат или субдозираат цитостатици. Беким Сали за КАТО системот разбрал од текстот на „Слободен печат“. 

-За жал во периодот додека бев министер за здравство немав информација за постоење на КАТО системот. По некоја случајност никој не ми споменал дека бил набавен во 2016 и не бил пуштен во употреба и не сум имал таква информација, изјави Сали.

КАТО системот уште не е вратен во употреба.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски на ова одговори дека е „згрозен како се правеле работи на клиниката простачки, вулгарно и брутално“.

– КАТО системот ако бил во функција, ни хипотетички пациент кој починал во 2014 година не би можело да биде лекуван во 2022. Гарантира следење, контрола и заштита и бил отстранет. Дополнително на тоа се воведува биолошка терапија неколку пати поскапа од класичната и не сте ја обезбедиле. Поправете ме ако грешам, ама сета одлука била од директорот кој имал апсолутно право да си нарачува лекови колку што тој сметал, без оглед на буџетот и финансиските рамки со кои располагал. Во услови кога Фондот за здравство не дозволувал набавки бидејќи ги надминувале нивните можностси и не дозволува да се спроведе тендер, министерот спроведува тендер и гледаме на каков начин Државниот завод за ревизија констатира еден хаос со финансиското раководење, рече Јаревски.

Тој го праша Сали како е можно да биде законски лекови да се набавуваат на реверс и дали тоа значи дека тендерот мора да биде наместен ако се знае дека лековите се веќе земени.

– Не сум толку стручно спремен за да кажам што би се случило ако некој набави на реверс, а тендерот да биде отпосле објавен. Можам да одговорам дека во периодот кога јас бев министер, тоа не се практикуваше. Ревизорскиот извештај имаше забелешки и го разрешивме претходниот директор, рече Сали. 

Тој додаде дека набавката на биолошката терапија централизирано одела преку Министерството за здравство, но бидејќи станува збор за повеќегодишна набавка, таа веќе била распишана па во периодот на неговото министерување, немало потреба да се склучуваат такви договори.

Пратеникот Драган Ковачки го праша Сали дали некој од Обвинителството некогаш го контактирал додека бил министер или обратно и тој одговори негативно и рече дека за крадење и препродажба на лекови дознал од медиумите. Инаку, МВР уште во ноември 2022 извести за случајот кој моментално е во судски процес, каде аптекарот на клиниката, Калтрин Уштеленца е обвинет за земање поткуп од пациентката Минка Веизовска, односно 100 евра за да ѝ издаде биолошка терапија „Кејтруда“. Исто така, во март беше вториот пат кога МВР доби пријава дека медицинска сестра крадела цитостатици и за неа има обвинение за проневера во службата бидејќи лековите ги изнесувала со цел да ги предаде на друг (според обвинението).

Пратеникот Зоран Коцевски кажа дека ги загубил двајцата родители на Клиниката за онкологија и дека таму нема никаков ред, ниту пак место пациентите да седнат, а кога ќе влезат да се лекуваат доаѓаат од 6 часот наутро, за доктор да ги прими накај 13 часот, а да завршат со цел процес вечерта. И тој го прекори Сали за незнаењето дека постоел КАТО системот на Клиниката.

– Примете сочувство за смртта на вашите родители, сите ние имаме барем еден близок со мака кој се обратил на Онкологија. Но, не сум можел да знам се што се случува во сите болници. Министерството за здравство управува со 116 институции и не сум знаел за постоење на ваков систем на клиниката и тоа го сметам како одговорност на менаџерите на клиниката. Зошто тој систем е отстранет од употреба не сум имал дојава ниту информација од Онкологија, рече Сали.

Коцевски му реплицираше на Сали дека „со ова потврдува дека некој го криел КАТО системот“.

– Некој нешто од вас криел, зашто со КАТО се решава еден горлив проблем на Онкологија. Луѓето таму што ја примаат хемотерапијата, одат во 6 часот наутро, ги оставаат книшките, го чекаат докторот да дојде во 10 да донесе со него 5 пациенти, а овие што ги оставиле книшките, доаѓаат на ред во 13 часот. Десет минути тој одлучува дека треба да ја примат биолошката терапија, па чекаат уште час или два и завршуваат во вечерните часови, а на некои им кажуваат и дека снемало биолошка терапија па си одат дома без неа. Не би требало да е така, истакна Коцевски.

Сали рече дека преписките меѓу Клиниката за онкологија и Фондот за здравство биле доволен доказ за постоење на систем кој создава динамички прогресивен долг. Затоа на пет состаноци барал да се формира стручна комисија која ќе утврди каде треба да се даваат биолошките терапии со предвиден буџет.

Претседателката на анкетната комисија Рашела Мизрахи рече дека на Онкологија постоел метастазиран карцином и дека Фондот за здравство морал, како контролен механизам да констатира пречекорување на количините и дека имало земање лекови на реверс, како и дека морало да има (а немало) протокол за биолошката терапија потврден од стручен колегиум.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот