Пратениците „машки“ се дигнаа против лесната промена на полот

Лична карта лични карти документи
Издавање на новите лични карти/ Фото: МИА

Пратеници и од власта и од опозицијата се против предлогот на Владата да може да се озакони промена на полот само со нотарска изјава и со фотокопија од лична карта.

Нема шанси да помине измената на Законот за матична евиденција со која се предвидува да може да се озакони промената на полот само со нотарска изјава и со фотокопија од лична карта. Партиите и од власта и од опозицијата се против ваквиот предлог на Владата и измените ќе ги турка по редовна процедура, со јавна расправа и со амандмани, а не по скратена постапка и со европско знаменце, како што предлага Министерството за правда, дознава „Слободен печат“ од извори во власта.

Идејата да може да се промени полот само со изјава целосно е неприфатлива за опозициските ВМРО-ДПМНЕ, за Алијанса за Албанците, за Беса како и за владејачката Алтернатива, а делумно ни за владејачките СДСМ и за нејзините коалициски партнери, ни во ДУИ.

Според предлогот на Владата, дефиницијата за правно признавање на родот утврдува дека тоа е постапка во која поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и така да се признае родовиот идентитет.

Владата се повикува на меѓународните стандарди што бараат државата да воспостави брза, транспарентна и достапна постапка, заснована на принципот на самоопределување.

Според предложените измени, барањето за правно признавање род се поднесува до Управата за водење матични книги. Во постапката нема да се бара доставување докази за хируршката процедура за целосно или за делумно прераспоредување гениталии, за хормонална терапија или за кој било друг психијатриски, психолошки или медицински третман на подносителот на барањето. Правното признавање род треба да се заснова единствено на самоопределување за да биде во согласност со меѓународното право за човекови права. Според предлогот, транс-луѓето не мора да извршат медицинска интервенција за да можат да го остварат правото. Под медицинска интервенција се подразбира дијагностицирање, хормонска терапија, хируршки зафат или стерилизација. За евиденција за промена на полот потребни се само копија од лична карта на барателот за правно признавање на род и изјава дадена на нотар. Според Владата, измените ќе придонесат кон почитувањето на родовиот идентитет, вклучително и промената како дел од правото на приватен живот, гарантирано со Уставот и со меѓународните конвенции за човекови права. Воедно, тоа ќе ја унапреди социјална инклузија и недискриминација на ЛГБТ-популацијата во Македонија.

Од СДСМ најавија амандмани и јавна расправа за предлогот.

– Со оглед на тоа што за ова прашање како држава веќе плаќаме отштети врз основа  на пресуди од Судот за човекови права во Стразбур, наша обврска е да ги заштитиме и граѓаните и буџетот. Предлог-законот за матична евиденција е влезен во собраниска процедура, а за да дојдеме до најдоброто можно решение ќе одржиме и јавна расправа за отворено да разговараме за сите прашања – вели за „Слободен печат“ Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ.

Неофицијално и во партијата на Али Ахмети нема единство за предлогот. Членови на ДУИ кои се против, се повикуваат на семејството како основен столб на општеството, додека тие што се „за“ законот се повикуваат на европските трендови и почитувањето на човековите права.

Владејачката Алтернатива е децидно против.

– Не смее да помине предлогот бидејќи се коси со основните начела на семејството. Веруваме дека пратениците ќе бидат совесни и нема да го нарушат принципот на семејството во нашето општество. Законот ќе овозможи склучување истополови бракови. Ова е класична измама, која на подмолен начин сака да ги легализира ЛГБТ-браковите. Која е логиката само со нотарска изјава да се промени полот?  Ова е циркус што само кај нас може да се случи – вели пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи.

Парламентарните опозициски партии се единствени.

– Сметам дека е несоодветно вака широка материја за која постојат меѓународни стандарди да се регулира само со изјава на нотар и со фотокопија од лична карта, без да се одговори на сите оние прашања што произлегуваат од вака дефинирано законско решение. На пример, што ќе се случи со одењето во пензија, со учеството во спортски натпревари, со кандидатурите во политиката каде е задолжителен родов баланс на листите, со добивање права од спротивен пол? Што ако маж се декларира за жена за порано да оствари право на пензија? Треба јавна дебата за да се слушнат различни ставови и мислења на експерти – смета Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

И за Беса е неприфатлив предлогот.

– Не може само со изјава да се смени полот. Можни се злоупотреби од криминалци. Може некому ќе му текне еднаш да биде маж, па жена, па повторно маж… како тоа ќе се регулира – прашува Фадил Зендели.

Во предлогот од Владата се вели дека во нашето законодавство не постои  рамка за правно признавање на родот. Северна Македонија е една од десетте земји во Советот на Европа каде што правното признавање на родот не е достапно, покрај Албанија, Андора, Ерменија, Кипар, Грузија, Лихтенштајн, Монако, Сан Марино и Србија.

Што пишува во предлог-законот?

„Секој граѓанин на Република Северна Македонија, кој има наполнето 18 години, кој е деловно способен и кој не е во брак, има право на правно признавање на родот во постапка уредена со овој закон. Во постапката за правно признавање на родот, секој може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин се признава родовиот идентитет. И покрај тоа што меѓународните стандарди во оваа материја не дозволуваат дискриминација врз основа на брачен статус, односно брачниот статус не смее да биде пречка за правото на правно признавање на род, предложената одредба се наметна поради тоа што, според Законот за семејство, бракот е со закон уредена заедница на живот на маж и жена во која се остваруваат интересите на брачните другари, семејството и општеството. Еднополовите бракови и заедници не се правно уредени во Република Северна Македонија. Исто така, со оваа одредба се уредува дека правното признавање на родот ќе биде признато во сите области во кои се остваруваат правата и слободите на граѓаните, во постапка утврдена со закон“, се вели во предлог-законот.

Владата го повлече законот кој ќе овозможеше декларативно да се смени полот, соопшти Груби

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот