Прашања што заслужуваат одговор: Како ќе се изведе наставата со физичко отсуство?

Скопје, 01 септември 2021 / Слободен Печат. / Ристе Пејовски

Истовремено со учебната година почнаа и незадоволствата и кај родители и кај наставници. Иако образовнивните власти уверуваат дека е најдобра, дека ништо не може да ја замени наставата со физичко присуство во училиштата и дека ќе направат се за да им излезат во пресрет на сите што од оправдани причини не се во можност да ја следат, сепак останаа голем број дилеми и неодговорени прашања.

Има информации за ученици и наставен кадар од различни основни и средни училишта, кои во моментов се во изолација, а епидемиолошките служби детално ги „чешлаат“ контактите за да ја проценат штетата. По епидемиолошките анкети ќе се знае на колку од соучениците на позитивните ќе им биде одредена изолација. Здравствените експерти велат дека доколку има и само еден заразен ученик, во изолација треба да се стави цело одделение.

– Училиштата не се трансмитери на вирусот. Според податоците на Министерството за образование, добиени од директорите на училиштата, само 0,01 % од вкупниот број ученици се позитивни. Ист е процентот и кај наставниот кадар – информираше министерката за образование Мила Царовска.

Таа тврди дека секојдневно комуницира со директорите и на основните и на средните училишта со цел да има безбедни услови за квалитетна настава и соопшти дека околу 2 отсто од учениците поднеле барање да следат настава онлајн.

На повеќето родители барањата нивните деца да следат онлајн настава им беа прифатени, но велат дека не им е јасно, немаат информации, како таа ќе функционира понатаму. Социјалните мрежи се полни со родителски дилеми. „ И петок помина, а во училиштето се уште не знаат како ќе се одвива наставата за децата што се дома“, коментира еден родител. „Јас сум од Скопје и се уште немам одговор на барањето моето дете, од медицински причини, да учи онлајн“се пожали една мајка.

Наставниците, пак, повикаа на обединување и се обратија до властите со свои прашања: Дали е во ред во име на образовниот процес децата и наставниците да се изложат на ризик? Што кога некој наставник ќе се разболи и што ако има фатални последици? Дали треба некој да понесе одговорност или оваа професија треба да се прогласи за високо ризична и платите на наставниците да се изедначат со тие на докторите?

Група родители минатата недела најавија бојкот на наставата од денеска. Незадоволни се и од недостигот на учебници за четврто одделение. Според владините реформи, предвидено е да се учи од дигитални учебници, но уредот за следење на ваквата настава е бесплатен само за 10.000 ученици од социјално ранливите семејства. Сите други ќе треба сами да испечатат хартиена верзија на учебникот, што ќе ги чини најмалку 700 денари, или да набават уред за 10.000 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот