Повторување на истите грешки како стокхолмски синдром

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Каде се наоѓаат со својата политика опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива во целата оваа геополитичка сложувалка на Џо Бајден, во која Македонија како дел од Западен Балкан е активен чинител за разврските на овој дел од Европа, кој сѐ уште не е дел од ЕУ, а делумно е дел од НАТО?!

Можеби беше чиста случајност, но во политиката, реални да бидеме, случајности речиси и да нема, но „екологизацијата“ на ДУИ, таа „марксистичко-ленинистичка“ партија, излезена од воениот шинел на ОНА, како нејзино политичко крило во последните две децении од плурална Македонија, во моментот кога најмоќниот човек на светот, американскиот претседател Џозеф Бајден ги објави дипломатско-финансиските санкции против лица што ги поткопуваат  „историските“ договори, Охридскиот рамковен и Преспанскиот, во суштина е едно идеолошко свртување за 180 степени на интегративците, кои како многупати низ годините, секогаш се акомодирале на новонастанатите политички соображенија.

 

Против договорите

 

Вистина, ДУИ не само што не била партија против меѓународните договори, напротив, ги поттикнувала, уште повеќе не била против внатрешниот Охридски, бидејќи тие се „виновниците“ за неговото создавање, но во суштина оваа нова Бајденова дипломатска офанзива на Западниот Балкан е црвен картон кон националистите, балканските шовинисти, етноцентристи, потпалувачи на меѓуетнички тензии и корумпирани лицемери од политичари. Бидејќи ДУИ, во изминатите дваесет години, беше облечена во етнонационалистичка наметка, чии исклучиво етнички политики, беа високо на агендата на секоја извршна власт која ја пополнуваше ДУИ, во оваа Бајденова листа можеа многу лесно да се најдат „на таа страна на историјата“. Како што напоменав, Али Ахмети е стар политички волк, со политичко чувство на препредана лисица, овој пат го фати последниот воз за да се качи на патот кон Брисел, кој високата надворешна американска дипломатија трајно ни го зацрта, нам и на преостанатите земји од нашето најблиско опкружување.

По промовирањето на концептот „Едно општество за сите“ од владејачката левица, за создавање еден граѓански надетнички концепт за промовирање на националните политики, за кој „злобниците“ велат дека не е нивен изворен проект, туку дошепнат од една „влијателна странска амбасада“, и ДУИ се префрлаат, барем засега декларативно, на страна на граѓанството, напуштајќи ги етнонационалните, во суштина националистички политики. Дали свесно, новата политика е да се остави бришан простор во македонското политичко милје, како со нож пресечено, партиите да се поделат на проевропски, програѓански и националистички антиевропски, антизападни, односно партии што или директно декларативно се залагаат против двата меѓународни договори на Македонија со источниот и со јужниот сосед или, пак, уште пострашно за Американците, директно ги поткопуваат и работат за нивно минирање. Во целата оваа геополитичка сложувалка на Џо Бајден, во која Македонија како дел од сложувалката на Западен Балкан е активен чинител за разврските на овој дел од Европа, кој сѐ уште не е дел од ЕУ, а делумно е дел од НАТО, каде се наоѓаат со својата политика опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива?! Левица не ја ставам во овие македонски политички равенки, и покрај тоа што единствена од сите политички партии кај нас има нагорен рејтинг и зголемување на своето гласачко тело, бидејќи од самото формирање оваа е антинато, антиамериканска, отворено антиглобалистичка партија. Но, ВМРО-ДПМНЕ и АА се барем декларативно прозападни, проевропски партии, и во новата политичка конјуктура ќе биде многу интересно да се следи како ќе се снајдат. Опозициската ВМРО, отворено застана против Преспанскиот договор, додека АА го поддржа и тука се разидуваат значително многу, можеби по најважното национално прашање, по кое ќе се кршат копјата доколку овие две партии еден ден бидат исправени пред предизвикот да ја состават идната македонска влада.

Партијата на Христијан Мицкоски, исто така отворено е и против Договорот за добрососедство со Бугарија, за кој деновиве во десетина македонски градови се одржуваат протести, барајќи да се обзнанат јавно преговорите со официјална Софија, кои треба да доведат до деблокада на македонските евроинтеграции. Што значи, и покрај тоа што се свесни во Белата Палата, дека нивната „македонска, патриотска“, политика по овие две прашања наидува на неодобрување кај т.н. меѓународна заедница, особено кај креаторот на Договорот од Нивице (читај: САД), тие ќе продолжат во истиот наратив, со кој ќе се обидат да ги освојат претстојните локални избори наесен, со надеж да предизвикаат предвремени парламентарни идната година напролет, за да ја освојат власта.

 

Фатална грешка

 

Без разлика на сѐ, што ни покажува практиката? Минатогодишните парламентарни избори ни укажаа дека ловењето гласови на патриотска реторика, особено за „капитулантскиот“ Преспански договор, воопшто не го зголеми гласачкиот резервоар на десницата, која го освои својот историски минимум, малку над 300.000 гласа, додека владата на Заев со сите свои афери, проследени во изминатите три години од нивното владеење, успеа да ја задржи власта, макар и со два пратеници предност. Тоа е доказ дека македонското општество е или веќе уморно од издигнувањето на националните теми највисоко на пиедесталот на политичката борба, бидејќи се чувствува предадено, изманипулирано и прелажано од сите политички елити, или пак македонското општество е навистина созреано и веќе не „паѓа“ на националистичкиот филм сервиран пред секои избори, за да го довери својот глас и да донесе одредена политичка гарнитура на власт.

Колку и да звучи сурово, во оваа наша држава, во која политичките процеси се насочуваат од меѓународните организации и нивните најмоќни земји членки (САД, Германија, Франција), е многу недугаво вие како политичка опција која се нуди на македонската политичка „шведска маса“ да бидете против интересите на овие големи сили и да верувате дека ќе дојдете на власт, бидејќи „народот ќе ве гласа“.

Дотолку повеќе што еден таков пример на својата кожа најголемата десничарска партија во 2016 година го искуси кога и покрај тоа што номинално победи на тие парламентарни избори не успеа да формира влада бидејќи наведените влијателни земји го спречија тоа, да бидеме искрени. Политиката е перцепција, но и умешност на (воз)можното! Ваше е дали ќе умеете да влечете велемајсторски шаховски политички потези во кои ќе излегувате како победник. Сепак, како и во фудбалот, така и во политиката, колку и да одиграте маестрално добро, на крајот една грешка може да биде фатална. Тоа најдобро го знае, поранешниот премиер, сега веќе пребеган азилант во Будимпешта, Никола Груевски. Глупавите учат од туѓите, а паметните од своите грешки. Но, каков треба да сте, ако и од сопствените грешки, не влечете никаква поука, и упорно ги преповторувате?!

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот