Политиката на проширување на Федерика Могерини – (не)успешна приказна

Шефицата на европската дипломатија, денеска во Брисел, на работна вечера, уште еднаш ќе ги собере лидерите на Западен Балкан. Станува збор за проштална средба, по што Могерини својата функција ќе му ја отстапи на Шпанецот, Жозеп Борел.

Поднесувајќи го извештајот во Европскиот Парламент, Федерика Могерини во април годинава, во своето завршно обраќање пред европарламентарците, оцени дека политиката на проширување била една од „успешните приказни“ во текот на нејзиниот петгодишен мандат на чело на европската дипломатија. Таа како успешен пример на европската политика кон Балканот го наведе Договорот меѓу Скопје и Атина.

„Нашата политика кон Балканот, на Балканот, но првенствено со Балканот, е успешна приказна која имаше тежок почеток и пат од неочекуваното до воспоставување на доверба и заеднички предизвици – изјави тогаш Могерини.

Но, колку политиката на проширување на Могерини беше навистина успешна приказна? Во моментов, како што стојат работите кај земјите од Западен Балкан, во однос на евроинтеграциите, Босна и Херцеговина не ни стигна до статус кандидат, дијалогот со Белград и Приштина е во ќорсокак, Србија и Црна Гора не напредуваат во преговорите, а Албанија и Македонија добија црвен картон за датум за преговори.

Аналитичарот Андреја Стојковски вели дека, доколку се погледне политиката на Европската комисија за време на мандатот на Могерини, можеби може да се каже дека проширувањето на ЕУ е успешна приказна.

– Ако тргнеме од моментот кога оваа Комисија почна да работи, позицијата нејзина беше дека во наредните 5 години нема да има нови проширувања, односно нема да има нови држави. Во тој случај може да се каже дека политиката на Могерини е успешна приказна. Ваквата политика на Комисијата постоеше од самиот почеток, иако 26 од 27 земји држави-членки на Унијата изразија разочарување што не се отпочнаа преговори со албанија и Македонија. Реално, оној дел од државите кои се во процесот, направија сериозни поместувања – посочува Стојковски.

Според него, Србија и Црна Гора продолжија со преговорите и со отворањето нови поглавја, но успехот на секоја држава поединечно, во голема мера зависи и од локалните политичари. Во тој контекст, Стојковски како пример ги наведува Босна и Херцеговина и Србија, на коишто успехот им е ограничен поради Милорад Додиќ и Александар Вучиќ.

– Дефинитивно, најголем успех забележаа Македонија и Aлбанија, но за жал овие две држави не добија зелено светло за отпочнување преговори со Европската унија – дециден е Стојковски.

Политикологот Гордан Георгиев посочува дека Федерика Могерини немаше многу среќа да биде носител на функција која и онака нема преголема вредност во оваа Европска Унија, којашто не знае каде и’ е главата, а каде опашката.

– Единствената светла точка и’ беше Зоран Заев, и неговата дрскост и одлучност да го реши спорот со Грција, со што и’ го отвори патот неа и на Хан да прокнижат еден неочекуван успех во нивните портфолија. Денес, кога е јасно дека Македонија нема наскоро да почне преговори, а Могерини мора да си замине од функцијата, таа има исто толку големи причини да го „мрази“ Макрон колку што го „мразиме“ ние Македонците. Според мене, и Могерини и Хан во нашата колективна меморија ќе останат врежани како сепак неславен двоец кој, трудејќи се да си помогне себеси, ни ветуваше мед и млеко на патот кон ЕУ, без притоа за тоа да ги праша претпоставените и оние коишто де факто одлучуваат т.е. државите членки на Унијата – вели Георгиев.

Следното проширување на ЕУ не е на видик. Реномираниот „Фајненшл тајмс“ вчера објави дека Франција би можела да го укине ветото за почеток на преговорите со Македонија и со Албанија во замена за прифаќање на нејзиниот предлог – во сферата на надворешната политика и оданочувањето наместо со консензус, одлуките да се носат со квалификувано мнозинство. Ако биде прифатено ваквото барање на Париз, оценува весникот, повеќе не би имало причина за одлагање на процесот на проширување на ЕУ.

Се шпекулира дека во замена за членство, на Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, па дури и Црна Гора и Србија, кои веќе ги почнаа преговорите, ќе им биде понудено да пристапат во единствениот пазар, како Норвешка и Исланд. Овој предлог, можно е европските лидери да го стават на маса во 2020 година.

Земјите ќе треба да работат по европските директиви што се важни за потенцијалните инвеститори. Целиот процес треба да се претстави во јавноста како трка и да се комбинира со финансиски награди. Повеќе грантови и инвестиции за земјите кои добро напредуваат во административните и правните реформи. Но, ваквиот предлог, според официјални информации, се уште не е ставен на хартија.

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот