Политичарите и говорот на омраза равенство со старлетите во таблоидите, и едните и другите по секоја цена бараат внимание

Најновата навреда од Бугарија на македонската адреса повторно стигна од гласноговорникот на т.н. „црна кампања“ против Македонија и Македонците, бугарскиот вицепремир и министер за одбрана Красимир Каракачанов.

Додека Каракачанов вели дека неговата земја е таа која секогаш и помагала на Македонија и дека бугарското „НЕ“ на преговорите на ЕУ со Македонија не е конечно, сепак не пропушта ниту една прилика да ги навреди Македонците.

Во интервјуто за бугарската телевизија „БНТ“ Каракачанов прашува дали ако Македонците утре ќе се наречат марсовци, и Цар Самоил ќе биде од Марс? Тој упати и конкретна навреда кон членовите на македонскиот дел од мешовитата историска и образовна комисија со Бугарија. За неприфаќањето на бугарските политички уцени и закани и за нивното инсистирање на фактографијата тој рече дека се однесувале како „Магаре на мост“.

„Слободен печат“ ги праша комуниколозите Климе Бабунски и Сеад Џигал, зошто Бугарија ја обвинува македонската страна за говор на омраза, во време кога македонската јавност секојдневно ја слуша од нивна страна и тоа директно од бугарските политичари.

Според комуникологот Сеад Џигал интернетот и социјалните мрежи покрај многуте позитивни промени и придобивки донесоа и редица аномалии. Според него, една од нив се т.н. „кликбејт-политичари“, односно политичари и партии кои се обидуваат да го подобрат својот рејтинг кај гласачите и влијанието во политиката со провокативни или навредливи изјави.

Тој посочува дека за нив тоа носи подршка, а за медиумите гледаност и кликови, така што навидум сите се во добивка, освен секако политичкиот дијалог кој трпи ненадоместливи штети.

– Во комуникациска смисла, тие не се разликуваат многу од старлетите во таблоидите, по секоја цена бараат внимание не водејќи сметка за последиците од своите јавни настапи и изјави, често користат говор кој шири не само нетолеранција, туку и отворен говор на омраза. За жал тоа е случај и во повторно актуелизираните спорни прашања со Р. Бугарија. Политичките старлети ги има и кај нас, но се чини во Бугарија многу повеќе, а говор на нетолеранција кој често преминува во омраза се манифестира и од двете страни, се употребуваат разни етикети, стереотипи, дисквалификации и слично. Бидејќи, овој спор е асиметричен, каде ние како држава можеме многу повеќе да загубиме од бугарската страна, видливо е дека има поголема воздржаност од македонската власт, вели Џигал.

Според комуникологот Климе Бабунски вели дека најчесто говорот на омраза се должи на нечија активност, односно кој ќе биде поагресивен во преговорите.

-Да се покажат сопствените аргументи како неприкосновани е само еден од начините да се подигне сопствената цена. Ако политичарите навистина имаат желба тоа да го приземјат најдобро е да се направи некаков условно кажано „јавен билтен“ каде секоја од страните ќе го посочува она што го смета за навреда. Таквиот билтен да се објави јавно и во Македонија и во Бугарија. Така најбрзо ќе видиме што е тоа што ги навредува нив, а што е тоа што не навредува нас, нормално, надвор од дискусијата треба да остане „сопствениот идентитет“. Така јавно ќе се слушнат муабетите на селските чешми, без разлика, дали во нив учествуваат и политичари. Ако „јавниот билтен“ покаже дека дека 10, 20 или пак 90 проценти говортот на омраза доаѓа од политичарите тогаш многу е лесно да се класифицира изворот на говорот на омраза, вели Бабунски.

Според Бабунски говорот на омраза не е само дел од овдешната политичката култура, туку го има насекаде во светот.

-Ако се потсетиме какви пораки си испраќаа политичарите од ЕУ и Обединетото кластво, и дека тие дури и датумите ги пролонгираа, ќе видиме дека тој не е само „балкански специјалитет“, туку е многу повеќе од тоа , тоа е културлошка ракција на одредени активности, вели Бабунски.

Џигал смета дека професионалните медиуми во Македонија треба да бидат многу внимателни, да не го засилуваат наметнатиот конфликт, но и да не го пренесуваат говорот на омраза од сензиционалистички причини и читаност, а граѓаните на социјалните мрежи да покажат одговорност и да избегнат да бидат изманипулирани преку своја вмешаност во вакви кампањи на омраза и нетолеранција кои им погодуваат само на дел од политичарите од Бугарија во нивна борба за власт и влијание во бугарското општество.

Во серијата бугарски навреди кон Македонците учествуваат и премиерот Бојко Борисов, министерката за надворешни работи Екатерина Захариева и претседателот Румен Радев. При секоја прилика не пропуштаат да кажат дека Македонците се Бугари кои насилно биле преобразени по Втората светска војна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот