Подигањето на кабастиот отпад од дома – најпопуларна услуга кај граѓаните

ФОТО: Архива

Жителите на Скопје што имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, без разлика дали живеат во индивидуални или во колективни домаќинства, за соодветен надоместок, можат да се јават во јавното претпријатие и нивните вработени од дома да го подигнат кабастиот отпад.

Најактуелна и најбарана услуга за граѓаните, во овој период од годината, е преземање кабаст отпад директно од внатрешноста на домовите. Оваа услуга за собирање и транспорт на кабаст отпад, се реализира со специјалните возила на ЈП „Комунална хигиена“ и беше воведена неодамна.

Имено, жителите на Скопје што имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, без разлика дали живеат во индивидуални или во колективни домаќинства, за соодветен надоместок можат да се јават во јавното претпријатие и нивните вработени од дома да го подигнат кабастиот отпад.

– Неодамна воведовме новитети кај услугата за собирање и транспорт на кабастиот отпад од домовите на граѓаните. Жителите на градот Скопје кои имаат потреба да се ослободат од својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди, можат на бесплатниот телефонски број 0800 222 33 да ја нарачаат услугата за подигнување и транспорт со специјалните возила на ЈП „Комунална хигиена“. Со воведените измени на услугата, граѓаните имаат можност да ја одберат опцијата нивниот кабаст отпад да биде преземен директно од внатрешноста на домот, без разлика дали станува збор за индивидуални или за колективни домаќинства – ја објаснуваат постапката од ЈП „Комунална хигиена“.

Оваа нивна услуга се наплатува според ценовникот за дополнителни дејности на ЈП „Комунална хигиена“, а кој го донесе Советот на Градот Скопје, на 28 мај, годинава.

Според новиот ценовник, подигнување и транспортирање на кабаст отпад внатре од домот чини 2.800 денари, изнесување од пред врата 2.000 денари, а изнесување кабаст отпад без работници односно користење само на возилата на претпријатието чини 1.600 денари.

– Во септември 2020 е забележано процентуално зголемување од 50 отсто, кај барањата на граѓаните за реализирање на оваа услуга од страна на ЈП „Комунална хигиена“ и во истиот месец се реализирани вкупно 24 тури – велат од претпријатието.

На овој начин, и со оваа услуга, градските власти во соработка со јавното комунално претпријатие, помагаат во намалувањето на можноста за создавање диви депонии од кабаст отпад.

Овој проблем е актуелен во текот на целата година, бидејќи реновирањето на домовите на луѓето и потребата да се купат нови работи за поудобен и полесен живот, ја налагаат потребата од исфрлање на веќе постојниот мебел и електрични уреди.

За жал, голем е бројот на оние што наместо на соодветна локација, кабастиот отпад го фрлаат на диви депонии или едноставно го оставаат до најблискиот контејнер.

За несовесното однесување на голем број граѓани, говори и фактот што секоја година, огромни количества отпад, надежните го собираат и со него понатаму соодветно се постапува, сѐ со цел намалување на загадувањето на градот.

– Во периодот од 1.1.2020 до 31.8.2020, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ отстранија 7.741m3 отпад од диви депонии составени претежно од кабаст отпад. Инаку, претпријатието на граѓаните им ја нуди и опцијата бесплатно со свој сопствен превоз да го депонираат кабастиот отпад во центрите за селекција лоцирани во Карпош и во Вардариште, каде што на овој начин граѓаните одложуваат приближно 200м3 кабаст отпад месечно – велат од ЈП „Комунална хигиена“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот