
Почнува јубилејното 15. издание на дводневниот музички фестивал „Здраво млади“ во МКЦ
Во знак на долгогодишната посветеност кон новата музичка сцена и поддршка на млади артисти, ЈУ Младински културен центар го најави јубилејното 15-то издание на фестивалот на нова музика „Здраво млади“, кое ќе се одржи на 10 и 11 октомври 2025 во МКЦ.
Препорачано
„Здраво млади“ е фестивал на независната и современа музичка сцена, создаден со цел да биде платформа за млади музичари, нови музички правци и иновативна програма. Јубилејната 15-та година за „Здраво млади“ е „година со уште позасилена програма, многу нови и веќе познати изведувачи на домашната сцена и свежа енергија, која најавува настан на кој се поканети сите, бидејќи одамна се немаме видено“, истакнуваат од МКЦ.
Првиот фестивалски ден е посветен на домашната млада алтернативна сцена, која ќе се реализира во соработка со Музичката младина на Македонија (МММ). Овој проект, насловен „Imagine Macedonia“, во кој МММ е партнер, e натпревар за млади музичари со авторска музика од сите жанрови, чија цел е здружување на млади луѓе од сите музички жанрови.
„Imagine Music Experience“ годинава се одржува во 9 земји (Франција, Белгија, Норвешка, Шведска, Македонија, Унгарија, Холандија, Велика Британија и Зимбабве) и е програма отворена за музичари на возраст од 13 до 21 година. Секоја година, победниците на националното финале од секоја од овие земји имаат шанса да настапуваат и да се натпреваруваат на меѓународното финале во Брисел, Белгија (11-15 декември) во салата на „La Botanique“.
Годинава „Imagine Macedonia“ ќе се реализира во соработка со Младинскиот културен центар во Скопје и фестивалот „Здраво млади“ на кој ќе настапат следните млади музички состави: „LSD during war“, „Големата вода“, „Мираж“, „The Pot“, „Sunneater“, „Корка“, „Tsar Von Time“ и „DENMV“.
На 11 октомври, главната фестивалска вечер ќе ја отвори победникот од натпреварот „Imagine Macedonia“. Вечерта е поделена на три фестивалски бини: сала „25 Мај“ (Денсинг сала), на која ќе настапат легендарниот белградски бенд „Репетитор“, митскиот либиски цар на „хабиби фанкот“ – Ахмед Факрун, скопскиот состав „Педро Хоризонте“, хрватскиот алт-поп бенд во подем „Ki Klop“, и новите рокенрол ѕвезди на македонската сцена „Преку ред“.
Втората фестивалска бина, лоцирана во Клубот МКЦ, оваа година се реализира во соработка со здружението на граѓани за промоција на женската активност „Tiiiit.Inc“ од Скопје. Бината е посветена на фестивалот „Прво па женско“ и во рамките на оваа програма, ќе настапат следните артисти: „Pocket palma“, „Suze od luka“, Katerinha, Gillespie, KEM, „Lelee“. Оваа програма, настанува како фузија на двата фестивали – „Здраво млади“ и „Прво па женско“, кое годинава ќе го доживее своето 13-то издание.
Фестивалот „Прво па женско“ е единствен фестивал во земјата посветен на феминистичката култура и активизам, кој промовира разновидни пристапи во промислувањето и презентацијата на родот во уметноста и критичките пракси. Програмата која ќе ја претстават во рамки на „Здраво млади“ e дел од есенското издание на „Прво па женско 13“. Благодарение на оваа соработка, дизајнот оваа година за фестивалот го изработи младата дизајнерка Ана „Април“ Попоска.
Фестивалот „Здраво млади“ е поддржан од Министерството за култура и туризам, Град Скопје, мрежата Liveurope и „Тиииит.инк“, а влезот е слободен, известија од МКЦ.