Почнува „CINEDAYS загревање – Европско патувачко кино под отворено небо“

Во Крива Паланка на градскиот плоштад пред општинската зграда денеска почнува „Cinedays загревање – Европско патувачко кино под отворено небо“.

Станува збор за нова програма на фестивалот на европски филм CINEDAYS, по повод 20-годишното постоење со цел претставување на нови европски филмови на отворено пред публиката во целата земја.

Фестивалот продолжува и утре во Крива Паланка, а потоа во Струмица на 3 и 4 јули (градскиот парк, Домот на Армијата) и во Струга, на 9 и 10 јули (Центар на култура, летна сцена).

Бесплатните проекции, како што посочуваат од Град Скопје, почнуваат во 21 часот, со исклучок на завршната вечер во Струга, која започнува од 20:30 часот и ќе бидат проследени со сесии разговори со познатиот филмски критичар Влатко Галевски и неговите гости, експерти за темите опфатени во филмовите.

Како што појаснуваат од Градот, станува збор за годишно прикажување на нови европски филмови, признати од критиката и сакани од европската публика, кое секоја година ќе патува во три различни градови.

Европското патувачко кино под отворено небо, оваа година ќе прикаже 12 филма: шест европски филмови продуцирани во последните години, кои ја одразуваат европската креативност и разновидност и кои нудат по нешто за сечиј вкус и шест македонски кратки филмови, дел од нив, наградувани на различни филмски фестивали.

Годинашната селекција на играни филмови ги вклучува: „Хакер” (Данска), „Патешествието на Принцот” (Франција), „Брат ми брка диносауруси (Италија), „Рока го спасува светот” (Германија), „Слава” (Бугарија) и „Кожурец” (Германија). Филмовите третираат теми што ги засегаат сите луѓе, но посебно младите денес – од темната страна на дигиталната технологија, до прифаќањето и разновидноста, животот на луѓето со посебни потреби, насилството и предрасудите, корупцијата и слабостите на граѓанското општество, сексуалната ориентација и родовиот идентитет, итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот