По санкциите од САД, ГЕРБ ја губи поддршката

Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI

Според истражувањата на агенцијата „Алфа рисрч“, партијата на Борисов има кревка предност од 2% пред Има таков народ на Слави Трифонов, а БСП заостанува

ГЕРБ бележи пад на изборната поддршка, по санкциите на САД и концентрацијата на повеќе скандали околу наследството на нејзиното владеење, но сепак останува прва сила со кревка предност од 2% во однос на формацијата на Слави Трифонов Има таков народ (ИТН). БСП е трета, но веќе заостанува скоро 4% зад ИТН и има мала предност пред Демократска Бугарија, која е цврсто етаблирана како четврта сила. Ова го покажуваат податоците на „Алфа рисрч“ од истражувањето спроведено во периодот од 30 мај – 7 јуни.

Според истражувачите на јавното мислење, и следниот Парламент по изборите на 11 јули ќе биде фрагментиран, во кој веројатно ќе се повтори конфигурацијата на најмалку шест партии, а националистите најверојатно ќе останат надвор од него, дури и по нивното предизборно обединување. Сепак, многу веројатно е дека овој пат партиите кои артикулираат протест ќе имаат подобри позиции и ќе бидат поуспешни во обидот да ги исполнат очекувањата на мнозинството Бугари следниот Парламент да формира Влада.

Борисов губи поддршка

По објавувањето на санкциите на САД против познати бугарски бизнисмени и политичари, поддршката за ГЕРБ се намали за 2%, што е за нив најзначаен пад за толку краток период. Во моментов, изолацијата и нападите против ГЕРБ доведуваат до пад, но не и до колапс на неговата поддршка, смета „Алфа рисрч“. Поранешната власт ги губи своите позиции не само во Софија, туку и во регионалните центри. Нивните тврдокорни поддржувачи се силно мобилизирани, но пошироката периферија може да не излезе на избори.

Отсуството на ИТН и Трифонов од медиумите и од јавните дебати во време кога имаше зголемен интерес за отворени дискусии, не ѝ дозволи на оваа партија значително да ги подобри своите позиции, а приближувањето на резултатите со ГЕРБ главно се должеше на одливот на поддршка за партијата на Борисов, наместо пробив на ИТН. Двосмисленоста, според анализите, е зголемена и од контрадикторните сигнали за идната улога на самиот Слави Трифонов.

Пад на ГЕРБ до најтврдото гласачко јадро и задржувањето на поддршката за ИТН покажаа и податоците од истражувањето на „Маркет линкс“ од пред десетина дена, иако разликата меѓу двете партии беше малку поголема – околу 3,5% во корист на ГЕРБ. Сепак, тоа истражување беше спроведено пред воведувањето на санкциите на САД.

Нестабилен електорат

На претходните избори, поддршката за Слави Трифонов беше многу потценета од истражувачите на јавното мислење во Бугарија. Како што сега наведува „Алфа рисрч“, излезните анкети од гласањето во април покажаа дека голем дел од гласачите на Слави се мобилизираа во последен момент и не може да се исклучи тоа повторно да се случи. Но, истовремено, тоа е електорат со „потенцијална нестабилност“ и можно е негово преориентирање кон другите протестни партии.

На почетокот на кампањата, БСП беше трета, со поддршка од 14,4%, нешто помалку од изборниот резултат во април. Според „Алфа рисрч“, социјалистите не успеваат да го зголемат својот резултат заради две пречки: демотивирање на некои гласачи заради внатрешно-партиските односи, но и заради радикализација на левицата со зголемениот став за гласање за крајно леви партии, наместо за шарена палета на струењата во една коалиција.

„Стани! Излези!“ добива поддршка од 5,3%. Во голема мерка, нивните гласачи имаат сличен профил со оние на Слави Трифонов, па е можно и прелевање.

Од друга страна, националистичката групација на ВМРО, НФСБ и Волја останува под прагот од 4% поддршка за влез во парламентот и по нивното обединување пред следното изборно гласање.

Неколку радикални антисистемски партии, како Вазраждане, левичарскиот сојуз на Жан Виденов и Бугарското лето на Васил Божков собираат одредена поддршка. Во зависност од степенот на политичка напнатост, и тие може да одземат гласачи од БСП или од протестните партии, според „Алфа рисрч“.

Кој ќе гласа?

Во моментов, според „Алфа рисрч“, 53,2% од испитаниците велат дека ќе излезат на гласање, а процентот се очекува малку да се зголеми за време на кампањата, но со оглед на летниот период, тешко е да се предвиди со точност. „Маркет линкс“ објави многу поголеми цифри минатата недела – 63% од оние кои се цврсто решени да гласаат.

Дополнителен елемент на несигурност се неопределените. 13-15% од оние кои сакаат да гласаат сè уште не донеле конечна одлука за кого ќе го дадат гласот. Засилената политичка конфронтација ги консолидираше протестното и радикалното гласање, но дистанцираше некои од поумерените гласачи. Ова е особено точно за две групи во електоратот: оние кои внимателно го следат развојот на ситуацијата по американските санкции и некои гласачи на ИТН.

Проценките измерени од „Алфа рисрч“ за сегашниот технички владин кабинет се многу повоздржани. Иако позитивните проценки доминираат над негативните, мнозинството има контрадикторно мислење за тоа, што дополнително го мотивира ставот следниот Парламент да формира редовна Влада. 

Преземено од „Капитал“ од Софија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот