По битката за брегзит и со пандемијата, Џонсон се бори за спас на унијата

Митко Билјаноски. / Фото: Слободен печат

Раздружувања – По четири години напорни и политичко несмасни преговори помеѓу Лондон и Брисел за раздружувањето, Обединетото Кралство од 1 јануари (конечно) и официјално повеќе не е дел од Европската Унија. Но, самите дејства на владата на Џонсон, кои беа на работ на уставноста, придонесоа за јакнење на повиците за нови раздружувања, овој пат во самото Кралство. Пандемијата уште повеќе го извади на површината фактот дека во настојувањето да се оддалечи од Брисел, Лондон се отуѓил од Единбург, Белфаст и Кардиф.

Како што на Доналд Трамп му успеа на крајот од претседателскиот мандат да ги остави  американските држави повеќе разединети отколку соединети, така и неговиот британски „политички близнак“ Борис Џонсон придонесува Кралството да го изгуби обединетиот карактер, можеби веќе во оваа година.

Пред точно 12 месеци Џонсон најави „фантастична година за Британија“. Но, настаните тргнаа во непосакувана насока, со интензитет каков што ни Џонсон ни кој било на Островот можеше да го предвиди. Политичката криза поради хаотичниот брегзит и ненадејниот удар на пандемијата на коронавирусот го истенчија социјалното ткиво на Британија до состојба во која тоа лесно може да се скине на парчињата од кое е составено.

По четири години напорни и политичко несмасни преговори помеѓу Лондон и Брисел за раздружувањето, Обединетото Кралство од 1 јануари (конечно) и официјално повеќе не е дел од Европската Унија. Но, самите дејства на владата на Џонсон, кои беа на работ на уставноста, придонесоа за јакнење на повиците за нови раздружувања, овој пат во самото Кралство. Пандемијата уште повеќе го извади на површината фактот дека во настојувањето да се оддалечи од Брисел, Лондон се отуѓил од Единбург, Белфаст и Кардиф.

Шкотска пред нов референдум

Незадоволството, разбирливо, е најголемо во Шкотска, која не толку одамна, на референдумот во 2014 година, со тесно мнозинство изгласа да остане здружена со Англија, Велс и Северна Ирска во Обединетото Кралство. Но, наместо тој резултат да ги замолкне шкотските националисти со децении, како што очекуваше тогашниот премиер Дејвид Камерон, новиот референдум за раздружувањето од ЕУ уште повеќе ја оддалечи Шкотска од Лондон. Шкотланѓаните јасно ја изразија волјата да останат во Европската Унија, но беа надгласани од Англичаните, што го поттикна подемот на националистичката партија на Никола Старџн. Анкетите потврдуваат дека расположението на граѓаните во Шкотска е значително променето. Резултатите од истражувањето на весникот „Скотсмен“ покажуваат дека сепаратистичкиот блок има тешко достижна предност од 16 проценти во однос на унионистите.

Тоа ја поттикна Старџн да го употреби ветувањето за нов референдум за независност како главен адут за својата нова предизборна кампања спроти регионалните избори, но во исто време ја обврзува по очекуваната победа веднаш да распише гласање, што ќе ја судри со британските власти. Односот на политичките сили во Шкотска не го потресе ни трговскиот договор што Обединетото Кралство го постигна со Европската Унија, и кој премиерот Џонсон настојува да го опише како голем успех.

– Нема договор што би го надоместил она што брегзитот го одзеде од нас. Време е да ја градиме нашата сопствена иднина како независна европска нација – решително порача шкотската премиерка Старџн.

Се враќаат „проблемите“ во Северна Ирска

Врие и во Северна Ирска, во која последиците од брегзитот ќе се чувствуваат најдиректно, со постепено враќање на физичката граница. Националистите таму се убедени дека убедливо мнозинство граѓани би се изјасниле за отцепување од Британија и присоединување кон Република Ирска, но политичкиот пат кон оваа цел е долг и комплексен, поради товарот од периодот на „Проблемите“ и радикализираните групи сепаратисти и унионисти.

Во Велс, пак, нема изразено движење за независност, но поради бранувањата во другите региони националистите стануваат се погласни.

Поларизацијата уште повеќе ја продлабочува најбогатата и најконзервативната Англија, која на владата ѝ забележува дека одлева премногу пари во трите посиромашни региони, од кои поддршката е најслаба.

Како партиски лидер на конзервативците и унионистите, премиерот Џонсон настојува да се наметне како бранител на „обединетиот“ карактер на Кралството, но и неговите сопартијци се убедени дека премиерот во борбата за политички опстанок не се грижи многу за Шкотска, Велс и Северна Ирска, кои и онака не гласаат за конзервативците, а уште помалку за него лично. Затоа во оваа година полна со предизвици, го опишуваат како „хиперактивен слон на минско поле“.

Судир на енергии

Првата мина е позната и јасно обележана, но и нема начин да се заобиколи – парламентарните избори во Шкотска во мај. На референдумот за независност во 2014 година Шкотската национална партија доби поддршка од 45 отсто од гласачите, но веќе следната година освои дури 56 од вкупно 59-те пратеници што Шкотска ги делегира во Парламентот во Лондон. Во 2016 година на референдумот за раздружување од Европската Унија дури 62 отсто од гласовите во Шкотска беа против брегзитот. Фактот што беа надгласани од помногубројните Англичани создаде впечаток кај Шкотланѓаните дека против нивната волја им била скратена европската иднина.

Хаотичното однесување на Лондон во четиригодишните преговори со Брисел за спроведување на брегзитот им донесе уште поголема поддршка на националистите, а ударот на пандемијата ги соочи лидерите одговорни за борбата против вирусот. Иако реагираа со слични мерки, за Старџн се слушаат само пофалби, а за Џонсон критики, главно поради вниманието што ѝ го посветија на јавноста. Шкотската премиерка редовно ги информира граѓаните и им се обраќа на прес-конференции речиси секој ден, додека британскиот, што поради презафатеноста со брегзитот што поради личниот пристап, практично е „невидлив“.

Англиските конзервативци се убедени дека Џонсон ниту има капацитет ниту има волја да ѝ се спротивстави на енергијата со која настапува Старџн, па претпоставуваат дека шкотските националисти ќе се обидат да го искористат оваа слабост на британскиот премиер да побрзаат со обидот да се отцепат, додека не му завршил мандатот.

Унификација на Ирска

Ако Шкотската национална партија извојува убедлива победа на изборите во мај со кампања во чија основа е новиот референдум за отцепување (што е речиси сигурно), на Џонсон ќе му се стесни просторот и ќе му останат две можности – да го игнорира резултатот од гласањето или да ѝ се спротивстави на СНП, за што, ако се суди според неговото досегашно однесување, нема енергија.

А, мошне е веројатно и дека ќе му треба сила и вештина да се бори на два фронта за спасување на Обединетото Кралство. Некаде во истиот период кога ќе гласаат Шкотланѓаните, во Северна Ирска ќе почнат одложено да се чувствуваат последиците од брегзитот. Унионистите предупредуваат дека Северноирскиот протокол од трговскиот договор им остава простор на регионалните власти во Белфаст да не ги прифатат царинските и регулативните правила на Обединетото Кралство, туку на Европската Унија, чија членка е и Република Ирска.

– Меките националисти, кои беа проевропски определени, па дури и некои умерени унионисти, беа притиснати сериозно да преиспитаат каде е Северна Ирска и каде треба да биде. Луѓето што се идентификуваат како Ирци се помирија со статусот на Северна Ирска, главно благодарение на Договорот од Велипеток. Брегзитот отвори прашања што се сметаа за решени и ги стави на врвот на нашата агенда – вели Метју О’Тул, пратеник од северноирската Социјалдемократска и лабуристичка партија, која се залага за реунификација на Ирска.

Можно е токму во оваа година, кога Северна Ирска одбележува еден век од своето формирање, да се продлабочат поделбите.

Притисок од базата во Англија

Џонсон е соочен и со проблеми во својата гласачка база – во Англија. До победата на парламентарните избори во 2019 година конзервативците стигнаа на крилјата на поддршката за брегзитот, дури и во изборни единици што важеа за лабуристички. Но, кога тоа прашање е затворено, Џонсон останува без адут повторно да ги привлече гласачите.

– Кога конечно ќе заминеме од ЕУ, на оваа влада ќе ѝ биде потребен нов непријател. Очигледен избор е Шкотска, и Велс до некој степен. На многумина англиски конзервативци воопшто не им е важна унијата. Тие ги гледаат другите региони како натрапници што цицаат пари од Англија – вели Роб Форд, професор по политички науки на Универзитетот на Манчестер.

Затоа, ако Џонсон не успее да го претстави брегзитот како успех за унијата, тој ќе придонесе за уште поголемо отуѓување на Англија од Шкотска, Велс и Северна Ирска, колку и да позира обвиткан во британското знаме – во кои се преплетени амблемите на нациите споени во Обединетото Кралство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот