Планетата стравува од небо со нуклеарно оружје

Кој ја контролира вселената, тој ја контролира и планетата - Илустрација Profimedia

Амбасадорите на САД и на Јапонија во ОН ги повикаа сите потписнички на Спогодбата од 1967 година да се придржуваат до обврската да не поставуваат оружје за масовно уништување во вселената

Америка, единствената земја што употребила атомска бомба како оружје, и Јапонија, земјата што беше жртва на нападите во Хирошима и Нагасаки пред речиси 80 години, заеднички предложија резолуција со која се бара забрана за поставување нуклеарен арсенал во вселената, ако веќе тој не може да биде уништен на земјата.

– Какво било поставување нуклеарно оружје во орбита околу Земјата е опасно и неприфатливо – изјави амбасадорката на САД, Линда Томас-Гринфилд прексиноќа на состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Повод за апелот е предупредувањето од Белата куќа дека Русија „стекнала капацитет“ да развие „проблематичен систем за уништување сателити“. Претставникот на Белата куќа, Џон Кирби, ниту ги потврди ниту ги демантираше извештаите дека тоа оружје е нуклеарно, но потврди дека „се поставува во вселената“, дека е „далеку од оперативно“ и дека „ја нарушува Спогодбата за надворешна вселена“ од 1967 година.

Рускиот претседател Владимир Путин одговори дека неговата земја нема намера да испрати нуклеарно оружје во вселената, туку само развива вселенски капацитети „слични на оние што веќе ги има Америка“.

Спогодба со 114 потписници

Уште во октомври 1967 година на сила стапи глобалната Спогодбата за надворешна вселена, со која се дефинираат принципите за активности при истражувања на надворешната вселена, вклучувајќи ги Месечината, другите планети и небесни тела. Спогодбата, ратификувана од 114 земји, вклучувајќи ги САД и Русија, забранува во орбита околу Земјата и во вселената да биде испратено или поставено какво било нуклеарно или друго оружје за масовно уништување.

Забрзаниот технолошки развој и масовната примена на сателитите, пред сѐ за комуникација и позиционирање, ја прави орбитата стратегиски чувствителна зона од која зависат животите на милијарди луѓе и човештвото воопшто.

Шефицата на јапонската дипломатија Јоко Камикава предупреди дека глобалните ривали и нуклеарни сили, дури и во времето на Студената војна со „конфронтирачка природа“, се согласиле дека вселената мора да остане мирољубива.

– Забраната за поставување какво било оружје за масовно уништување во вселената мора да се почитува денес – изјави Камикава, која претседаваше со седницата на Советот за безбедност на ОН.

Гутереш: Да не дозволиме „Опенхајмер 2“

Амбасадорката Томас-Гринфилд ги повика сите потписнички да се придржуваат до обврската од Спогодбата. Таа додаде дека САД се спремни „без какви било услови“ да почнат разговори со Русија и со Кина за билатералните прашања за контрола на оружјето.

Рускиот амбасадор Дмитриј Полјански ја отфрли предложената резолуција од САД и Јапонија како „уште еден пропаганден излет на Вашингтон“, како „политизирана“ и „оттргната од реалноста“. Тој го критикуваше текстот на резолуцијата, оценувајќи дека ниту бил составен од експерти ниту биле консултирани специјалните меѓународни платформи како Конференцијата на ОН за разоружување или Комитетот на ОН за надворешна вселена.

Генералниот секретар Антонио Гутереш оцени дека заканата за нуклеарно уништување денес е многу поголема од порано поради „ескалацијата на геополитичките тензии и недовербата“.

Тој го илустрираше напорот со наградениот филм за животот на Роберт Опенхајмер, директорот на американскиот проект за развој на атомска бомба во Втората светска војна.

– Филмот Опенхајмер им ја претстави на милиони луѓе ширум светот суровата реалност на нуклеарното уништување. Човештвото нема да може да преживее „Опенхајмер 2“ – предупреди Гутереш.

Претставникот на Белата куќа во февруари изјави дека администрацијата во Вашингтон „многу сериозно“ го разгледува прашањето на развојот на руското оружје, но додаде дека тоа „не претставува итна закана за јавноста во САД“.

– Говориме за оружје што може да биде употребено за напад врз луѓе или да предизвика физичко уништување тука на земјата – изјави Кирби во февруари.

Тој додаде дека претседателот Џо Бајден веќе наредил „воспоставување директни дипломатски контакти со Русија“ заради проблемот.

Убиец на сателити

Советникот на Бајден за национална безбедност Џејк Саливен изјави дека Белата куќа „намерно не објавува детали“ за руското оружје, што поттикна многу шпекулации и претпоставки. Републиканскиот конгресмен Енди Оглс го критикуваше претседавач на Комитетот за разузнавање во Претставничкиот дом, Мајк Тарнер, дека „со објавувањето на заканата предизвикал „притисок врз благосостојбата и психата на Американците“.

Експерти и поранешни функционери имаат спротивставени ставови во врска со заканата од руското оружје. Центарот за стратегиски и меѓународни студии лани објави дека Русија веројатно развива антисателитско оружје (АСАТ), кое опфаќа и проектил што бил успешно тестиран во ноември 2021 година и уништил стар и нефункционален советски сателит.

Модерната цивилизација без сателити не би можела да издржи – Фотографија ЕПА, Инго Вагнер

Американските оружени сили, кои се убедливо најмоќни во светот, значително зависат од сателитските комуникации, од разговорите и трансферот на команди и информации, па сѐ до извидување, откривање лансирани проектили, лоцирање потенцијални цели и комуникации на бојно поле.

– Нашата војска, начинот на кој денес се водат војните и инвестирањето во оружје, сѐ тоа зависи од сателитските капацитети. Без нив, би биле во многу тешка ситуација. Не би можеле да водиме војни на начинот на кој се подготвуваме во изминатите 30 до 40 години – вели Кари Бинген, поранешна висока агентка во Пентагон и авторка на извештајот на Центарот за стратегиски и меѓународни студии.

Вселената е мозокот на планетата

Од оперативноста на сателитите зависат и општествата во кои трансакциите, позиционирањето и транспортот зависат од брзи и стабилни врски.

– Сателитите се интегрален елемент од нашите секојдневни животи. Американците и не само тие, се потпираат на уреди во вселената за кои воопшто не знаат ништо – предупредува Бинген.

Русија, но и САД и Кина, имаат капацитети да гаѓаат сателити, но, барем декларативно, се воздржуваат тоа да го прават со нуклеарно оружје.

– Русија покажа целосно непочитување на спогодбите што ги потпишала. Таа изврши воена агресија врз Украина, спротивно на сите меѓународни закони и норми. Тие не го почитуваат сопствениот збор и сопствените обврски – вели Мик Малрој, поранешен заменик-помошник секретар за одбрана на САД.

Метју Крениг, поранешен одбранбен и разузнавачки офицер во администрациите на Џорџ Буш, Барак Обама и Доналд Трамп, изјави дека е „природно“ вселената да биде во фокусот на оружените сили на сите земји.

– Сѐ до овој момент луѓето ја истражуваа вселената. Сега влегуваме во фаза на комерцијализација на вселената, а тука сме на почетокот. Следната фаза ќе биде обезбедување на вселената. Си мислиме дека небото и морињата се слободни и отворени за комерцијални активности. Во идеални услови, би сакале и вселената да биде тоа и по 30 години, кога ќе патуваме, ќе тргуваме, а можеби и ќе живееме во вселената. Затоа мораме да ја обезбедиме и таа средина – вели Крениг.

Москва категорично отфрла дека на кој било начин распоредува нуклеарно оружје во вселената.

– Активностите на Русија во вселената во ништо не се разликуваат од оние на други земји, вклучувајќи ги и САД. Ние секогаш сме биле, а и сега сме категорично против какво било распоредување нуклеарно оружје во вселената – му порачал неодамна рускиот претседател Путин на министерот за одбрана Сергеј Шојгу на состанок пренесуван на телевизија.

Шојгу притоа му одговорил на Путин дека „нема такви проекти“ и дека „тоа го знаат и Американците“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот