ПИСМО: Забранета посета на Спомен-костурницата на српските војници во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Прилеп

Дискриминаторското, шовинистичко, античовечко, антицивилизациско и за нас верниците антихристијанско однесување и однос кон група верници и припадници на српскиот народ, на кои без објаснување им е забранет пристап до Спомен-костурницата во криптата на храмот во Прилеп е опомена и се надеваме само еден грд пример.

Во рамките на редовните хуманитарни активности на неколку членови на „Спона“ и организацијата „Срби за Срби“ од Белград, сакајќи да ја посетат црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Прилеп (вторник, 25 февруари 2020 година) и да се помолат во криптата на храмот над останките на своите предци – српски војници што страдале во Првата балканска и Првата светска војна, беа спречени од локалниот свештеник на МПЦ, предизвикувајќи вистински скандал, кршејќи ги најосновните човекови права на Србите во оваа земја.

Да потсетиме, црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Прилеп почнала да се гради во 1924 година, кога темелите ги осветил тогашниот епископ Битолски Јосиф (Цвијовиќ), а осветена е во 1936 година во присуство на епископот Охридско-битолски Николај (Велимировиќ). Црквата била посветена во чест на кралот Петар Први Ослободителот и во нејзината крипта биле сместени останките на повеќе од 1.800 српски војници, кои загинале во војните од 1912 до 1918 година во Прилеп и околината. Ќе спомнеме дека црквата ја проектирал познатиот српски архитект Момир Коруновиќ. На местото на сегашната црква постоел стар параклис, кој локалните Срби, на чело со свештеникот Алекса Кочовиќ, го подигнале уште во 1884 година, среде притисокот на Бугарската егзархија, која им ја одземала старата градска црква во прилепската Варош.

Самата црква со криптата, во текот на претходните две години, повеќепати ја посетија и стручњаци од Заводот за заштита на спомениците од Белград и констатирана е многу лоша состојба на костурницата, која е оштетена уште од времето на бугарската окупација во 1941 година, а денес е сосема скриена и претворена во складиште и недостапна е за јавноста. Активистите на „Спона“ во претходните неколку години имаа разбирање од локалниот црковен клисар и можеа да ја посетат и да се помолат над спомен-криптата, но овој пат тоа беше брутално спречено од а „лицето во мантија“, со зборовите дека „можеме да запалиме свеќа и горе во црквата“, постојано гледајќи во подот. При нашата молба дека како христијанин прави грев, бидејќи на христијаните, исто така, не им чита ни молитви ни опело, а притоа им забранува на другите тоа да го прават, особено ако се во прашање потомци, тој остана доследен на својата забрана. При обиколката на црквата од страна на нашите активисти, тие беа постојано набљудувани и блиско следени од спомнатото „лице во мантија“ во друштво на женско лице, кое во неколку наврати ги изговараше зборовите: „Проштевајте, извинете“.

Во истиот град Прилеп се наоѓаат германските воени гробишта, каде што се наоѓаат крстови со имиња на повеќе од 1.700 германски војници, кои настрадале во Првата светска војна, со јасно истакната табла на германски и на македонски јазик: Германски воени гробишта – Deutscher soldaten Friedhof. Самите воени гробишта ги подигнало Кралството СХС/Југославија и не се разликувале од воените гробишта на сојузничките и српски војници (исти такви постоеле и во Скопје, но биле урнати по 1945 година, како и српските во 1941 година, додека француските и британските се до денес недопрени). На самите германски гробишта се наоѓа и спомен-книгата со имињата на повеќе од 2.000 настрадани германски војници на нацистичка Германија (Вермахт) во Втората светска војна.

Покрај Битола, Прилеп е центар на воената меморијалистика, но додека сите се добредојдени и слободни да се помолат и да се сеќаваат на настраданите предци, како и во целиот цивилизиран свет, само на нас Србите, кои сме родени во оваа и на оваа земја тоа демократско, човеково, верско и секое друго цивилизациско право ни се забранува, бидејќи сме Срби, а самото постоење на костурницата на српските војници во Прилеп се сокрива и премолчува.

Би сакале организацијата која „лицето во мантија“ ја претставува, како и државните власти на Северна Македонија и на цела Европа, да ни одговорат – кому уште тоа му се забранува да се поклони на останките на своите предци, дали на Британците, Американците, Французите, Италијанците? Дали и нивните гробови се сквернават и се сокриваат со стари шпорети, кабаст отпад и стар мебел? Дали и кому се уриваат гробовите на предците, со цел бришење на свеста и историските факти дека тука и пред 1991 година, и пред 1945 година, и пред 1941 година, и пред 1912 година, и пред 1871 година, и пред 1371 година, живеел српски народ, со своите материјални докази за културно наследство и цивилизациско битисување? Чии се владетелите во Прилеп, ктитори на фреските? Дали се тргна во нова офанзива против канонскиот поредок на Српската православна црква и нејзината автономна Православна охридска архиепископија? Дали и во Македонија Србите се тој фактор кој нарушува до таа мера што треба да се пресметуваат и со мртвите Срби, нивните гробови и расфрлани коски? Дали мерката на демократичност на едно општество и држава е тоа што е глува на пресудата на Европскиот суд за човекови права за кршење на верските слободи и забраната за регистрирање на единствената канонска православна црква? Дали е тоа најдобрата препорака за отворање на толку исчекуваните преговори со ЕУ за пристапување во тој сојуз на демократски држави и народи (барем така сите до една се фалат дека се)? Кои тоа верници во Европа, во 21 век, лето Господово 2020 година, своите верски слободи ги изразуваат во станови, куќи и бараки, модерни катакомби на 21 век? Дали тоа значи дека времето на христијанските прогони од времето на Диоклицијан важи само за Србите и Македонците верни на својата канонска црква? Токму ваквото дискриминаторско, шовинистичко, античовечко, антицивилизациско и за нас верниците антихристијанско однесување и однос кон група верници и припадници на српскиот народ, на кои без објаснување им е забранет пристап до Спомен-костурницата во криптата на храмот во Прилеп е опомена и се надеваме само еден грд пример во колкава мера мораме да работиме на своето достоинство, толеранција, но и образование за да се почитуваме и разбираме едни со други. Со овој чин не се посрамотени само Србите, тие на земјата и оние што почиваат под неа. Најмногу е посрамена цела Северна Македонија и нејзиниот чесен народ – македонскиот, најбратскиот кој Србите го имаат. Нека остане така!

Со почит,

Наташа Станчиќ, претседател на Културно-информативниот центар на Србите во Македонија „Спона“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот