ПИСМА ОД ЛОНДОН: Невреме, сеирџии и странци во Лондон – Слободен печат
Колумни

ПИСМА ОД ЛОНДОН: Невреме, сеирџии и странци во Лондон

Ми се чини дека голем број луѓе во Лондон веруваат длабоко во себе дека брегзитот нема да се случи. Тие изгледа не сфатиле дека се странци во сопствената земја. Поточно, ние изгледа не сме сфатиле дека сме странци во сопствената земја.

Одеднаш, се потсетив на стариот југословенски филм што беше многу популарен во Кина во седумдесеттите години „Валтер го брани Сараево”. Има една позната реплика таму која и ден-денес ја паметат многумина Кинези (репризи таму, репризи тука, репризи насекаде). Оди некако вака: „Воздухот трепери, како небото да гори. Доаѓа невреме“.

И така го насловив текстот за брегзит кога дознав дека Британците решиле да излезат, вели Лиу Ји, уредник во „Санлиан“, лајф-магазинот од Пекинг, кој за еден час го прочитаа сто илјади луѓе. Текстовите за брегзит во Кина продаваат повеќе весници од оние за, на пример, американскиот претседател Доналд Трамп.

На Кинезите не им е многу гајле за техничките или правните детали околу брегзит, но сагата остави впечаток. За тоа како настрада репутацијата на британската демократија. Ако прашате некој на улиците на Пекинг што мислат за брегзит, тие ќе ви кажат: „Демократијата само води до конфузија“. Вие знаете дека тоа не е вистина, ама тешко е да се промени впечаток на луѓето.

Колабирана „мека моќ“

Последните две-три децении, Соединетите Држави и Британија беа културни и култни симболи во очите на Кинезите – Америка моќна, богата, да ѝ се завидува, Британија префинета, елегантна. Угледните интелектуалци, особено либералите, говореа за британскиот стил на уставен поредок, споредувајќи го со кинескиот, по урнекот на советскиот тоталитаристички режим.

Студентите знаеја повеќе за Винстон Черчил и Мергарет Тачер, отколку за Џон Кенеди или Бил Клинтон. Тоа беше таа ваша вистинска прочуена британска „мека моќ“, вели Ји.

Но сега тој имиџ колабира. Во брегзит-фарсата, ги нема Черчил и Тачер, само дузина медиокритетски политичари. Ова ги охрабри националистите во Кина, посебно младите родени по 1989 година. Со „помош“ на кинескиот „голем огнен ѕид“ (блокада на интернет), тие малку знаат за политичката криза дома. Но гледаат како Кина има сè повеќе носачи на авиони, воени проектили, софистицирани борбени летала, додека Британија се прпелка и се тетерави со брегзит. Па нешто во нивните срца вели: „Сега ние сме силни. Тие се слаби. Нема што да учиме од нив“. А нивните политичари додаваат – и нека си ја гледаат својата работа и нека не ни се мешаат во Хонг Конг. А младите молчат…

Кога ученикот ќе го претрка учителот

Бев изненаден, ама не и шокиран од резултатот, вели Михир Шарма, колумнист од Њу Делхи, Индија, поранешната колонија на Обединетото Кралство. Вестминстерскиот систем кој го споделуваме и ние тука има за цел да ја прикрие вистинската „волја на луѓето“, вели тој. Лоша идеја е да се комбинира тоа со референдуми. Може со нив да откриете што навистина сакаат луѓето, а тоа да биде нешто кое што политичарите и реалноста да не можат да го испорачаат. А резултатот тогаш, гледајќи го она што се случува, е чиста комедија – една политичка класа заробена во сопствените ветувања и лаги за да го испорача – неиспорачливото. И која сега како последица го губи кредибилитетот, вели Шарма.

Интересно е да се гледа и чита како во Индија се коментира брегзитот. Како „учениците“ од довчерашната колонија сега ги вивисекцираат „учителите“. Во една телевизиска емисија во која учествував објаснувајќи го брегзитот и, по мое мислење големиот и необјаснив акт на себеповредување кој го направија Британците, еден помлад колега говореше дека тоа всушност бил добар потег и дека „осамостојувањето“ од ЕУ ќе биде одлично, зашто Индија, меѓу другите, ќе биде одличен партнер. Е, па, Индија изгледа не мисли баш така.

Британците сметаат најголемиот број индиски колумнисти го помешале нејзиниот статус со Лондон. Лондон е голем глобален град. А Британија, велат, мала европска земја со идеи над својот статус. Чудно е како Англија – не Британија, велат тие, туку Англија се гледа себеси како посакувана локација или партнер за другите земји еднаш кога ќе ја напушти ЕУ. Овој голем и необјаснив чин на себеповредување е истовремено тажно и забавно да се гледа. Сеир!? Упс! Ауф! Ова е малку болно… Во ред, Британија и натаму се смета за петта најголема економска сила во светот, но според податоците од 2016 година, а во меѓувреме брегзитот го нагризува ова и почна да прави фирмите да си го селат бизнисот, а Индија, меѓу другите, да гледа накај Брисел и Берлин.

И конечно…

Ми се чини дека голем број луѓе во Лондон веруваат длабоко во себе дека брегзитот нема да се случи. Тие изгледа не сфатиле дека се странци во сопствената земја. Поточно, ние изгледа не сме сфатиле дека сме странци во сопствената земја.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Исто прочитајте

Close
Close