Пишувај, Бертолд, или роман за отaде гробот

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Сите што ме познаваат, или барем оние што го следат мојот фејсбук-профил (слушај, профил, јеботе профил!?), знаат дека сум голем вљубеник во книгите (и речениците) на Светислав Басара. Не знам како го пронајдов, или можеби тој мене ме пронајде… Без разлика, пред да одам на заслужен колумнистички одмор, последните два текста (оваа и следната сабота) ќе ги посветам на творештвото на Светислав Басара. Во денешниот број ќе се обидам да ја пресликам (односно рецензирам) книгата „Ангелот на атентатот“ (22 април 2015, Лагуна). Зошто баш сега? Па веројатно затоа што „тако ми се ќефнуло“, или можеби затоа што за македонската политика во овој момент немам што повеќе да кажам, а башка доаѓа лето, па има многу поважни работи во мојот работен репертоар. Нејсе, да одиме со ред.

Браво, Принципе! Раката да ти се позлати! Ако го уби тиранинот, Гаврило, одмазднику, половина милион убиени животни! Тоа е само дел од военохушкачкиот јуриш што за годишнината од сараевскиот атентат одекнува низ Србија и се издигнува до небесата. Можеби по читањата на тие документи на Принцип ќе му дојде од газот во главата дека ние двајца сме „Диоскури“, лице и опачина на иста трагедија, и дека двајцата лудо ја изгубивме главата.

Куршумот сè уште кружи

Светислав Басара, преку читањето на оваа книга, јасно, темелно и со намера ја одредува цела една јубилејна комеморација на стогодишнината што послужи како повод за почеток на Првата светска војна, не мислам овде на целиот „книшки текст“, колку што мислам на оваа реченица: „А куршумот што Гаврило Принцип го испука пред деведесет години сè уште кружи на овие простори. Неодамна го погоди Зоран Ѓинѓиќ“. Сите локални обиди за сатанизација на Гаврило Принцип и Млада Босна, то ест нивната политика – како отворено, така и нешто суптилно – се потпираа на таа паралела.

Во романот „Ангелот на атентатот“, сакам да потенцирам дека Басара не поставува паралела или изедначување помеѓу убиецот на Фердинанд и убиецот на Зоран Ѓинѓиќ. Кога Басара вели дека станува збор за „истиот куршум“, тој истовремено цели кон нешто многу подлабоко и многу замрсено, Басара цели на „кошмарот на вечното повторување“.

„Ангелот на атентатот“ е конструиран роман, односно фикционален текст, карактеристично за Басаријанската проза. Формално, станува збор за текст што е поделен на два дела, односно поделен е на пет „поднасловени“ поглавја. Првите две поглавја се долги, секое има повеќе од стотина страници. Последните три се еден вид „дополнување“ и доаѓаат под еден наслов со име „Correspondance diplomatique“.

На триесетина страници, Басара нè води кон „Писмото на Илаја Фредериксон“, то ест ни опишува една депеша, преписка меѓу Тито и Сталин. Врската помеѓу оваа преписка и остатокот од романот би можела да биде на посебна опсервација, надвор од целовитоста на книгата, но за тоа, на оваа страница, немаме доволно карактери, ако ме разбирате што сакам да кажам.

Во овој текст ќе се позанимавам само со првиот дел од романот, односно ќе ја третирам „Ерихонските труби свират Радецки марш“, односно „Музејот на гадоста“. Важно е да се потенцира дека омотот на романот е инспириран од познатиот фрагмент на Волтер Бенџамин, кој зборува за сликата на Пол Кле „Ангелус Новус“. Поднасловот на романот има име „Таблоид“. Кај нас ова име има погрдно значење, ама ете, Басара таквиот „знак“ (збор?) го зема и го претвора во поднаслов. Етимолошки, таблоид означува мала доза на некој лек, односно „таблоид“ едноставно означува „таблетка“. Во преносно значење, зборот „таблоид“, кон крајот на деветнаесеттиот век означува нешто концизно, или со современ јазик речено, нешто „зипувано“.

Во почетокот на дваесеттиот век, таблоидите беа медиуми што објавуваа кратки текстови и кои се печатеа во мал формат. Во следните години трендот на таблоидизација продолжи да се шири, а својот идеал-типски формат го доживеа со пронаоѓање на алатката Твитер. Во пластична смисла речено: таблоидот по дефиниција (по дифолт!) го огрубува и поедноставува, го симплифицира медиумот. Можеби затоа и Басара вака постхумно сака да ни го претстави Фердинанд, жанровски, таблоидно, со тоа што поднасловот го нарекол „таблоид“. Можеби, пак, Басара сака да ни даде знак дека ние сите ја голтаме „таблоидно“ денешната култура како лек?

Редок десничар

Мртвиот Франц Фердинанд ја диктира постхумно својата исповед на својот секретар Фердинанд Бертолд. Бертолд, меѓутоа, не е никаков обичен секретар, тој е „посмртен секретар“ и не треба – ни објаснува Басара во својата фуснота авторитативно (а фусноти во книгата има премногу) – „да го мешаме со Леополд Фон Бертолд, австроунгарскиот министер за надворешни работи“. Чисто формално, оваа техника во книжевна смисла е благородна. Текстот е пишуван во прво лице еднина, а монолозите не се изговараат „во ветар“. Фразата, „Пишувај, Бертолд!“, со која се отвора романот, ќе провејува низ нарацијата во романот често, како еден вид лајтмотив. Веднаш по фразата „Пишувај, Бертолд“, нараторот продолжува: „Подготовките за моето убиство и убиството на мојата сопруга, Софија Хотек, траеја повеќе од еден век – и затоа атентатот – во пркос што моите извршители беа најжалосни егземплари на тапоумноста и неспособноста – едноставно мораше да успее“.

На внимателниот читател во оваа реченица јасно му се исцртува дека сенката на Франц Фердинанд не паѓа само на иднината, туку и на минатото. Ако таа смрт, дури и по еден век, продолжува да влијае врз нашите животи, можно е, во светот на романите на Басара, убиството на Фердинанд да се подготвувало дури и пред да биде надвојводата роден. Почетокот на таквиот пад, можно е да се рефлектира и во падот на Француската монархија, односно во раѓањето на Француската буржоаска револуција. Низ разни сликовити нарации, Басара не води од Ниче до Вагнер, преку Крлежа и Кристофер Кларк, па се до Зигмунд Фројд и папата Бенегдит XVI…

Ако не беа, вели Басара, германските романтичарски поети, филозофи и музиканти, немаше да има ниту Срби, Хрвати, Унгарци и Италијани, а можеби ќе ги немаше ниту Русите, барем не во толку монструозна форма. Ви се молам, погледајте ја оваа Басарина сатирична бравурија: „Прататковината на сите тие заскитани народи, запамти го ова Бертолд, не е азиската степа, туку Виенската национална библиотека“.

Видете, да бидеме на чисто: Басара е десничар, ама на еден начин што кај нас е ужасна реткост, оттука Басара знае дека зборот политика не може да се замисли како што се замислува кај нас во некои дихотомни сфери од типот „за“ или „против“. Впрочем, ако веќе светот се сведува на глупавата дихотомија, Басара би се одредил за некоја своја дихотомија, а таа дихотомија не би била мала и клаустрофобична, туку би била голема и слоевита. Читајте го Басара, или читајте таблоиди. Едниот свет е богат и слоевит, другиот и едноставен и прост. На вас е што ќе одберете.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот