Петровска: Дали опозицијата се сомнева во сопствените министри штом не сака да гласа за техничката влада?

Славјанка Петровска
Славјанка Петровска, министерка за одбрана/Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Коалицискиот капацитет на СДСМ се покажа на дело во изминатите години, кога во различни околности, поради различни ситуации, нудевме и бевме дел од коалиции за коишто сметавме дека ќе донесат добро за Северна Македонија, истото го мислиме и сега. Веќе подолго време во јавноста се зборува за коалицијата која ќе има европски предзнак или која ќе понуди конкретни решенија за европска Македонија, рече министерката за одбрана и претседавач на Централниот одбор на СДСМ, Славјанка Петровска, во емисијата „360 степени“ на прашањето дали на изборите е подобро СДСМ да оди со заеднички листи со ДУИ, Алијанса за Албанците или само со традиционалните коалициски партнери.
Петровска посочи дека дискусиите во рамки на партијата уште траат, како и во другите политички партии кои потенцијално би се приклучиле на оваа коалиција.

– Јас велам дека треба да ги обединиме коалициските капацитети. Не велам дека инсистирам или дека се залагам за тоа, меѓутоа, сметам дека секогаш пред избори е добро, и заради отвореност и заради чесност кон граѓаните, да им кажете со кого би коалицирале и по изборите – истакна Петровска.

На прашањето дали таква предизборна коалиција би имала капацитет да освои повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, министерката Петровска посочи дека станува збор за широка коалиција во која сите би работеле на заедничката кауза и дека ако обединувањето е доволно добро, може да се добијат повеќе пратеници.

Петровска искажа став и за проблемите околу формирањето на техничката влада.

Оваа Влада се формира согласно измените на Законот за влада кои беа направени во 2015 година и на сите нам ни е добро познато во кои околности тие беа направени и што беше целта. Се овозможи учество на опозицијата, без оглед која политичка партија ќе биде опозиција, во подготовката и реализирањето на предвремени или редовни парламентарни избори, значи само за парламентарни избори. Сега имаме една ситуација кога опозицијата сака да номинира, прво не сакаше, па сега се предомисли и вели – сакаме да номинираме министри во Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика, но нема да ја гласаме таа влада. Се поставува прашањето – ако номинирате сопствени министри во таа влада и таа влада има само една единствена цел, а тоа е организирање и спроведување на редовните парламентарни избори, тогаш зошто не ја гласате таа влада. Логично е, и ако сум јас денес пратеник во Собранието, и јас би имала сомнеж и дилема дали треба да ја гласам владата во која некоја политичка партија номинира министри, но сепак нема да ги поддржи – истакна Петровска.

Министерката посочи дека е потребна дискусија за тоа кои се обврските на сите политички партии, затоа што изминатиов период опозицијата, бегајќи од носење на одлуки на различни прашања, секогаш топката ја префрлувала во Собранието на парламентарното мнозинство.

– Ако не сакаат да си ги гласаат сопствените министри, тогаш се поставува прашањето која е логиката да номинираат, а да не сакаат да ги поддржат? Имаат сомнеж во сопствените министри? Актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери им пречи? Па, тој со години е претседател на Собрание, таму каде што истите тие пратеници речиси секојдневно со него на најразлични начини имаат комуникација и остваруваат редовни координации – посочи Петровска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот