Паднаа сценаријата за уривање на Владата

Димитар Ковачевски на безбедносниот форум во Братислава/Фото: Влада на РСМ

Малите партии, коалициски партнери во власта, постојано се закануваа дека ќе ја напуштат Владата ако Ковачевски го прифати францускиот предлог.

Додека се очекуваше исходот од самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, во Скопје владини партнери се заканија дека ќе ја напуштат Владата ако премиерот Димитар Ковачевски го прифати францускиот предлог, кој и за најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ беше неприфатлив.

– Очекуваме сите политички чинители да ја отфрлаат оваа верзија. Ги детектиравме сите слабости на предлогот и очекуваме нивна корекција. Доколку сепак се прифати францускиот предлог во оваа верзија, ЛДП ќе ја напушти Владата – објави лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа Горан Милевски.

Претседателот на ДС, Павле Трајанов, побара Владата да ја повлече согласноста за прифаќање на францускиот предлог.

– Ги повикуваме земјите членки на Европската Унија, посебно Хрватска, Словенија, Австрија, Чешка и Словачка, да стават вето на ставање на дневен ред на преговарачката рамка во која се вградуваат националистички барања на Бугарија сврзани со идентитет, јазикот, историски и образовни прашања. Со оглед на фактот дека претставници на Владата на Македонија директно беа вклучени во преговорите со Бугарија, бараме оставки од министрите за надворешни работи  и евроинтеграции Бујар Османи и Бојан Маричиќ – изјави Трајанов.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека Владата прифатила во преговарачкиот процес државата да добие рамка со бугарски условувања, кои практично значат бугаризација на државата и асимилација на народот, доколку сакаме да влеземе во ЕУ.

– Доколку Ковачевски е толку сигурен во предлогот што го преговарал и што го договорил, тогаш единствено исправно е тој да распише избори. На тие избори тој и СДСМ ќе го бранат предлогот за бугаризација и ќе сакаат негова имплементација, а ние ќе бидеме против. Па народот нека одлучи. Изборите што вака би биле распишани би биле референдумски избори, на кои граѓаните ќе имаат јасен избор, или се за предлогот за бугаризација на државата или против – рече Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села изјави дека некоректно би било да зборува за предлог што не го видел.

– Нашите ставови се јасни. Алијанса за Албанците го гледа како решение внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот и сметам дека сите политички чинители треба да го прифатат тоа. Не може цело време да се жалиме дека некој нè блокира, а треба да се вратиме на основното прашање дека ние бараме да бидеме членка на ЕУ. Секоја членка треба да исполни некои услови. Со ова не тврдам дека Бугарите се во право, но тоа се нивните барања и наше е да одлучиме дали ќе бидеме или не во ЕУ. Ние би гласале за внесување на Бугарите во уставот – изјави Села и додаде дека бараат предвремени парламентарни избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот