Оваа година ништо не е исто: Матурантите разочарани што ќе останат без матурската „вечер од соништата“

Фото: Профимедиа

Коронавирусот го запре животот во сите сфери, кризата која и натаму трае го зафати и месец мај, кој традиционално е познат како месец во кој матурантите го одбележуваат крајот на своето четиригодишно средношколско образование.

Поради Ковид-19 матурантите се одалечени од училишните клупи, па така крајот на последната година од завршниот циклус на нивното задолжително образование нема да го поминат на очекуваниот начин.

Вкупно 13.200 матуранти нема ниту да полагаат државна матура, а наставата до самиот крај продолжува да се одвива онлајн.

Она што е најболно се секако матурските прослави,  а без кои не може да се замисли крајот на последната учебна година.

Токму на оваа тема во разговор за „Слободен печат“, матурантката Сара Нунеска од Економско средно училиште- СОЕПТУ „Кузман Јосифоски – Питу“ во Прилеп, сподели колкав е всушност недостатокот од славење на матурата и што тоа значи за матурантите.

Недостатокот од славење на матура со учениците од целата генерација е голем, со оглед на тоа дека матурската вечер сите ние сме ја замислувале како ноќ која треба да се памети. Ние бевме генерација којашто во нашето училиште сакаше да воведе промена, односно на местото од „класична“ матура се боревме да имаме неколкудневна матурска екскурзија во Будва. Но за жал, нештата кои не престигнаа, ни го уништија и едното и другото – вели Нунеска.

Во однос на одлуката матурантите да не полагаат државна матура во овие услови, Нунеска истакнува дека сите потајно посакувале тоа да се случи, како и дека на еден начин матурантите се среќни поради тоа, но истакнува дека и недостигаат последните школски денови, како и дружбите со сокласниците и професорите.

Со оглед на тоа дека сите потајно се плашевме од државната матура и сметавме дека таа не може да ни го оцени нашето знаење и труд кој сме го вложиле во изминатите четири години.. Верувам дека исто така сите на некој начин се израдувавме на одлуката за државната матура да биде укината. Што се однесува до тоа дека последните денови не ги поминавме сите заедно можам да кажам дека дефинитивно ова не беше крајот на средното училиште кое сите ние го замислувавме. Најмногу ми фалат моментите на дружба , кога за најразлични нешта се смеевме со  соучениците и професорите, рутината која ја имавме, па дури и стресот пред испрашување – заклучи Нунеска.

За тоа дали сепак тие како матуранти планираат алтернативен начин на прослава преку некоја онлајн платформа или пак ќе ја одложат прославата на матурски за август или септември, Нунеска изрази надеж за побрзо надминување на ситуацијата и верува дека прославата ќе може да се случи во живо пред да започнат студентските денови.

– Според мои размислувања и гледишта, а се надевам истите ги делиме со моите соученици, начинот на он-лајн славење матура нема да има никаков ефект ниту пак ние самите го посакуваме тоа. Со претпоставките дека оваа ситуација ќе ја надминеме што побрзо, сите ние се надеваме дека  ќе ја добиеме можноста физички заедно да ја прославиме матурата, пред  да го започнеме бруцошкиот живот – заклучи Нунеска.

Од друга страна пак, чинот на прославата на „вечерта од соништата“ опфаќа многу дополнителни трошоци и подготовки, па според ланска пресметка направена од „Слободен печат“, дојдовме до заклучок дека една средна матурска вечер чини вртоглави 2.000 евра.

Годинава тие трошоци ги нема, но некои од родителите сметаат дека иако финансискиот трошок е голем, сепак им е жал што токму нивните деца нема да можат да прослават на вообичаениот начин.

Точно е дека за традиционалната прослава на матурска се одделуваат големи суми на пари, што не секогаш е добро. Меѓутоа, сепак, сметам дека никој не се надеваше на ова и дека сите, како и јас, посакуваат нашите деца да имаа прилика да си прослават нормално, како и генерациите пред нив – вели Коста Петров, родител на матурант од гимназијата „Никола Карев“ во Скопје.

Во однос на домашна прослава по повод матурирањето на учениците, Петров вели дека треба да се избегнува групирање со поширокиот круг на роднини, бидејќи смета дека ситуацијата со вирусот и натаму е алармантна.

– Состојбата со Ковид-19 и натаму е аларамантна и треба да останеме внимателни. Кога веќе нашите деца нема да имаат прилика да слават матурска вечер, можеме и ние да се воздржиме од фамилијарни групирања, па планираме овој чин да го прославиме на скромен начин само со најблиските – додава Петров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот