Осама го надмудри Џорџ

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Џорџ Вокер Буш денес ужива на својот ранч во Тексас, откривајќи го талентот за сликарство. Осама бин Ладен беше ликвидиран пред десет години и фрлен во водите на Индискиот Океан, но и двајцата засекогаш ќе бидат запаметени со ист повод: Саудиецот по спектакуларниот терористички напад, а Американецот по одговорот со кој ја одреди поразителната судбина на „вечната војна“.

Директните авионски удари во њујоршките кули-близначки предизвикаа глобална геополитичка и економска криза, која заврши така што САД потрошија илјадници милијарди долари обидувајќи се да се имунизираат од исламистичкиот екстремизам со масовните владини програми за следење, ограничување на приватноста и – инвазијата врз Авганистан.

Буш помладиот имаше личен план, втемелен на одмазда. Тој го толкуваше 11 септември како чин на објавување војна, нешто слично на јапонскиот напад врз Перл Харбор во декември 1941 година. Но, нападот на Ал Каеда немаше елементи на меѓудржавен судир.

Буш тргна во инвазија

Наместо веднаш да се концентрира на потерата по Бин Ладен и неговите соработници, потпирајќи се на методите на контратероризам – која по цела една деценија се покажаа како подеднакво ефикасни – Буш тргна во инвазија.

Тој започна „војна против тероризмот“, апстрактен концепт, кој светот не го разбра.

Против кого се борат Американците? Освен британскиот премиер Тони Блер, тешко беше да се изнајде влада што би го поддржала нападот врз Авганистан. Дури ни талибанците не беа за планот на Бин Ладен за меѓународен џихад, но Вашингтон ги одби понудите за преговори.

Покрај талибанците, кои повторно се на власт во Кабул, неоконзервативниот проект на Буш за демократизација на Авганистан е во руини, а Вашингтон и принуден значително да ги преразгледа своите глобални амбиции. Америка на крајот беше поразена, иако не загуби ниту една конвенционална битка. Денес многумина тврдат дека Буш беше најлошиот претседател во американската историја.

Бин Ладен заврши како морално поразена фигура, но некогашниот муџахедин, кого ЦИА го ангажираше во борбата против Советите, успеа командувајќи војска од неколку илјади припадници на племенски милиции, вооружени со „калашникови“ и ракетни фрлачи, да ја порази најопремената и најскапата армија во светот.

Водачот на Ал Каеда ги вовлече САД во асиметрична војна, иако, со шепот, и во Пентагон тврдеа дека во таа војна не може да се победи. Сакаше Буш да окупира муслиманска земја, за да може џихадот да ја расипе нејзината воена сила и, како и Советите пред нив, поразени да ги напуштат клисурите под Хиндукуш.

Додека другите џихадисти настојуваа да се борат против „блискиот непријател“, против проамериканските режими ширум регионот, Бин Ладен се придржуваше до стратегијата „удар во главата на змијата“, со што ги испровоцира САД на насилен и нерационален одговор, кој ги затру американските односи со исламскиот свет, а сите муслимански сојузници на Америка ги претстави како соработници на непријателот. Водачот на Ал Каеда ги принуди Американците да војуваат според неговите правила и да, со огромна доларска цена, прифатат сѐ повеќе свои и жртви од НАТО.

Бин Ладен подобро и појасно отколку Буш ја разбираше Америка. Го наведе американскиот претседател да го прави точно тоа што го посакуваше: да го воведе муслиманскиот свет во период на хаос, во кој уште се наоѓа, и да создаде услови да не биде победена идеологијата на Ал Каеда и на другите милитантни групи.

Неоконзервативците што го креираа одговорот на Буш по 11 септември и Ал Каеда се огледуваат едни во други. Им беше помило насилството од дипломатијата. За нив немаше среден пат. Светот е поделен на два спротивставени блока – на исламот и на Западот – и само еден може да биде победник. И едните и другите се доживуваа себе си како крајно добро што се бори против крајното зло. Не ги поднесуваа умерените муслимани, како ни западните либерали.

„Неоконите“ на Ал Каеда и на Буш споделуваа заедничка, но лажна интерпретација на исламот како религија на насилство, како и истото превртено мислење за неизбежноста на судирот на цивилизациите. Го воведоа светот во спирала на смртта.

Муслиманите платија далеку повисока цена во човечки животи. Според истражувањето на американскиот универзитет Браун, војната против тероризмот низ Авганистан, Ирак, Јемен и на други места однесла до еден милион човечки животи. Настрада и репутацијата на Америка како лидер на слободниот свет, а дури сега претстои сериозно соочување со последиците од авганистанскиот воен и геостратегиски пораз, кој е реплика на ирачкиот.

Терористот што ја промени историјата

Војната против тероризмот создаде повеќе терористи отколку што успеа да ги ликвидира. Теророт стана стандардно и прифатено оружје на секој учесник во таа војна, вклучувајќи ги и операторите на американските дронови, кои испоубија илјадници авганистански цивили. Никој одговорен за војната не е повикан на одговорност ниту понудил извинување за одлуките што биле донесени.

Со дистанца од две децении, би можело да се заклучи дека Осама го надмудрил Џорџ. Додека ја ширеше идејата дека насилниот џихадизам ќе биде машина за исламската обнова, и дека е неопходно чистење на регионот од странските влијанија, особено американските, Бин Ладен се покажа како искусен џудист, кој тежината на својот противник ја искористи за да го совлада.

Ако Џорџ Вокер Буш реагираше рационално, вирусот на Ал Каеда и на талибанците не би мутирал така успешно, Осама бин Ладен би бил презрен како само уште еден терорист и ништо повеќе од тоа. Благодарение на Буш, стана терористот што ја промени историјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот