Оркестарот на Македонската филхармонија ќе го изведе концертот „Светлина“ со солистот Станко Мадиќ и диригентот Оливер Балабурски

маестро Оливер Балабурски

Концертот „Светлина“ ќе се одржи в четврток, на 4 април, во 20 часот, а со Оркестарот на Македонската филхармонија како солист ќе настапи виолинистот Станко Мадиќ (Србија / Германија), концерт-мајстор на Радио-оркестарот на Минхен.

За првпат во Македонија, Станко Мадиќ ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 еден од највлијателните современи живи композитори, Петерис Васкс од Латвија. „Чиста убавина на звукот“ – така е опишано ова дело со наслов „Далечна светлина“, а создадено во 1996 година на барање на латвинскиот познат виолинист Гидон Кремер.

По скоро две децении од неговото создавање, денес овој концерт е веќе класика и е дел од репертоарот на големите симфониски оркестри. Петерис Васкс во ова дело ги внел својата душа и меланхолична страст, неговите силни врски со природата, верувањата и идеалите кои ги гледа како полека исчезнуваат насекаде, и претставува центар на севкупното негово творештво.

Диригент на концертот „Светлина“ е маестро Оливер Балабурски, кој долги години живее и твори во Канада, а со Македонската филхармонија ќе диригира по подолг период пауза. Истата вечер, заедно со оркестарот на Филхармонијата и маестро Балабурски, ќе биде изведена и Симфонијата бр.4 во F-moll, оп. 36 од рускиот музички гениј Петар Илич Чајковски. Токму Четвртата симфонија претставува своевиден автопортрет – симфониски хибрид, во кој се вкрстуваат архитектонската форма со поетиката на симфониската поема.

Македонскиот диригент Оливер Балабурски, кој годиниве наназад живее и работи во Канада, во неговата 30-годишна кариера како уметник, имал можност да изведува дела од различни музички жанрови – оперска, симфониска, камерна и забавна музика, како и живи изведби на неми филмови со оркестар.

Станко Мадиќ, виолинист

Станко Мадиќ (Белград, 1984) студиите по виолина ги започнал на шестгодишна возраст во класата на проф. Роберт Тошков и продолжил со проф. Дејан Михаиловиќ, во чија класа на само 14 години станал студент на Белградската музичка академија како прворангиран студент на приемниот испит. На 17 години дипломирал како најдобар ученик на својата генерација.

Мадиќ е добитник на стипендија од Кралското семејство Караѓорѓевиќ. Магистерските студии на Новосадската државна академија на уметности ги завршил на 19 години, повторно во класата на проф. Михаиловиќ, а студиите ги продолжил во класата на проф. Игор Малиновски на Музичката академија „Карл Марија фон Вебер“ каде што се стекнува со втора магистерска диплома.

Добитник е на први и специјални награди на многу значајни меѓународни натпревари. Свири на виолина на Карло Карлети од 1908 година, добиена со поддршка на „Комерцбанк“ од Нинберг, како и на модерна виолина направена специјално за него од Сава Гришенко, познат изработувач на виолини од Минхен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот