Орце Ѓорѓиевски е новиот претседател на ЗЕЛС, Арсовска ќе работи како член на Управниот одбор

Ѓорѓиевски, Арсовска / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

По разрешувањето на градоначалничката Данела Арсовска од позицијата претседател на ЗЕЛС, за нов претседател е избран градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Вака одлучи мнозинството од членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС на денешната седница.

Потпретседателите, Висар Ганиу, градоначалник на Општина Чаир и Перо Костадинов, градоначалник на Општина Валандово, остануваат на истата позиција, додека досегашната претседателка Данела Арсовска, продолжува со активностите во ова тело, како член на Управниот одбор.

Од Град Скопје, разрешувањето на Арсовска го коментираат како последниот пример за соработката помеѓу две партии на штета на граѓаните за нивните лични и теснопартиски интереси, затоа што, според Градот, на постојниот политички естаблишмент очигледно му пречат луѓе со визија, вредни и чесни, луѓе кои се независни и делуваат исклучително во интерес на граѓаните.

Покрај разрешувањето и именувањето нов претседател, на денешната седница на ЗЕЛС, Управниот одбор донесе заклучок за упатување итно барање до Владата за одржување заедничка средба на која главна тема на разговорот ќе биде изнаоѓање решенија за предизвиците со кои се соочуваат единиците на локалната самоуправа, поврзани со енергетска криза.

Беше нагласено дека општините се доведени во колапс од високите сметки за електрична енергија и дека ваквата состојба најголемиот број на општини не би можеле да ја издржат ниту уште еден месец.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот