ОЈО ја повлече наредбата за распит на уредничката на Телма и се правда дека немало намера за притисок врз медиумите

По силниот притисок од медиумските здруженија и јавноста Обвинителството денеска ја повлече поканата за распит за уредничката на Телма Весна Јовановска Дојчиновска. Според информација што ја објави Телма, Обвинителството контатирало дека надлежниот обвинител кој го водел предметот направил пропуст, техничка грешка, затоа што информацијата во пријавата по која се постапувало е објавена на друг медиум.

Од Обвинителството потврдија за „Слободен печат“ дека наредбата за информативен разговор е стопирана со образложение дека ваквото дејствие може да се сфати како форма на притисок, иако, како што тврдат во ОЈО, во ниту еден момент немало намера за такво нешто.

На веста што вчера ја објави Телма дека нивна уредничка е повикана на разговор во полиција, освен Здружението на новинарите (ЗНМ) и новинарскиот синдикат (ССНМ), реагираше и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), која е првата државна иституција што посочи дека ваквите дејствија можат негативно да се одразат на слободата на медиумите.

– Новинарите и останатите медиумски работници не смеат да бидат неосновано повикувани на службени полициски разговори, имајќи превид дека имаат заплашувачки ефект и во иднина можат да водат кон самоцензура. Ваквите постапки на истражните органи кон медиумските работници претставуваат притисок врз медиумите и нивно слободно работење – соопшти АВМУ.

Телма завчера објави дека нивна уредничка е повикана на разговор во полиција за информација што не ја објавиле тие.

В.д. претседателот на ССНМ Павле Беловски вели дека новинарскиот синдикат не сака да верува дека одново се соочуваме со репресии кон медиумите.

– Несмасност, отуство на пракса со медиумите или грешки во постапувањето? Две недели, два случаи на новинарки кои или полицијата или обвинителството ги повикуваат на информативен разговор. ССНМ не сака да верува дека одново се соочуваме со репресии кон медиумите и новинарите типични за едни други времиња, кои со огромени лични жртви и последици кон еснафот успеавме да ги оставиме зад себе. Затоа одново ќе повторам дека е полезно што ни се случија овие несакани инциденти кога полицијата постапи по пријава на граѓанин, а Обвинителството повика новинарка за случај кој вооптшто не се емитиувал на конкретниот медиум. На виделина испливаа сите фрагилности на истражните органи, особено со предметите што се поврзани со медиуми и новинари – вели Беловски за „Слободен печат“.

Тој додава дека токму овие пропусти кај правосудните органи се нотирани и од новинарските здруженија, кои неодамна побараа да се формира посебно одделение во рамките на ОЈО кое ќе третира предмети и случаи во кои се инволвирани новинари и медиумски работници.

– Некој ќе рече, па добро, ја барала дома полиција, не згрешила таа, ќе оди во станица, ќе каже што има и готово. Но, не е така едноставно. Самиот чин на вклучување на новинарите во каков и да е процес, макар и индиректно, остава впечаток на држава која не се грижи за слободата на медиумите, а од друга страна воопшто не е пријатно да ве бара полиција во повеќе наврати, а притоа да не знаете за што. Ваквите постапки оддаваат впечаток дека државата, институциите, власта не се заинтересирани за слобода на медиумите и претставуваат заплашување на новинарите и медиумските работници кое, пак, многу лесно се претвора во автоцензура. Мораме да работиме на свеста, кај сите, и кај институциите, особено правосудните и органите на прогонот, дека новинарството и медиумите се сензитивна област и секој процес кој што вклучува новинари мора да се работи со за нијанса поголемо чувство. Чувство за слободата на изразување и слободата на говорот. Последниот случај со уредничката во Телма, Весна Јовановска-Дојчиновска покажува дека во некои институции недостасува таа свест – вели Беловски.

Тој додава дека заложбите на ССНМ се за директна соработка со правосудните органи, зајакнување на капацитетите, размена на искуства и пракса која веќе функционира во развиените политички системи и општества. Стравот и несигурноста, додава Беловски, особно кога доаѓаат од инстанците на моќ, се најголем непријател на слободата на изразување, што е фундаментот на новианарската професија.

Од Обвинителство информираат дека новинарката била повикана со цел да се утврди фактичката состојба по поднесената пријава.

– Во секоја постапка, надлежниот јавен обвинител ги презема сите дејствија за кои смета дека се неопходни за целосно утврдување на фактите. Во конкретниот случај новинарката била повикана да даде исказ како лице за кое обвинителот сметал дека би можело да има сознанија за да се утврди фактичката состојба. Крајната цел на обвинителот во ниту еден момент не била притисок врз медиумот или новинарката, туку само обид за обезбедување на колку што е можно повеќе докази во врска со поднесената кривична пријава. Сепак, со оглед на јавниот интерес и можноста ваквото дејствие да се сфати како форма на притисок, иако во ниту еден момент немало намера за такво нешто, веќе е разговарано со извршителот и во тој дел наредбата е стопирана – одговорија од ОЈО за „Слободен печат“ на прашањата дали обвинителот ја проверил веродостојноста на пријавата, дали е пракса да се повикуваат на распит уредници и новинари во случаи кога двајца граѓани спорат за објавена информација и дали ОЈО можеби смета дека и самиот новинар е дел од делото од пријавата по која постапува.

Од ОЈО додаваат дека со цел да се унапреди меѓусебната соработка и постапувањето во предметите во кои се инволвирани новинари, основниот јавен обвинител на ОЈО Скопје во следниот период ќе иницира средба со претставници на ЗНМ и на ССНМ.

Од Телма пак, најавија дека Обвинителството и истражните органи го прифатиле предлогот на новинарските здруженија и на синдикатот за формирање на посебно одделение кое ќе постапува во пшредмети во кои се инволвирани медиумите на кој било начин.

Полициски службеници деновиве во два наврати на лична адреса ја барале уредничката на Телма, Весна Јовановска Дојчиновска по наредба на обвинител, за да учествува во распит за информација што била објавена на друг медиум.

– По вторпат, член на семејството на новинарката ја примил поканата за распит кој се однесува на кривична постапка во која се опфатени други луѓе, а ниту обвинителството ниту полицијата не провериле дали спорната содржина е објавена на Телма. Покрај тоа, ТВ Телма во допис го има известено надлежниот инспектор на СВР Скопје кој работи по наредба на обвинител на ОЈО-Скопје, дека на спорниот датум (28.2.2022 година) воопшто нема таква содржина објавена во вестите коишто ги уредувала Дојчиновска-Јовановска. Станува збор за кривична пријава за дело „Предизвкување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна и друга дискриманторска основа“ од член 319 од Кривичниот законик, која Марјан Арсовски ја има поднесено против Љубомир Фрчковски – објавија од Телма.

Понатаму од телевизијата објаснуваат обвинителот на предметот, повикувајќи се на пријавителот дека спорната содржина е објавена на Телма издал наредба до МВР да се испитаат кривичните наводи и да се обезбедат снимки од вестите на 28 февруари во 15:30 и во 18:30 часот.

– Телма по добивање на барањето на почетокот на мај веднаш одговори на припадникот на МВР задолжен за предистражната постапка дека не постои и нема таква информација објавени на вестите на Телма на посочениот датум. Во наредбата на обвинителот е наведено и дека треба „да се утврди кој бил уредник на вестите во 15:30 и 18:30 часот на ден 28.02.2022., а потоа со истиот да се обави службен разговор на околности во врска со поднесената пријава“. Иако е испратен прецизен одговор дека не постои таква информација во објавите на ТВ Телма (доставено е и ЦД со снимките на вестите), сепак и полицискиот службеник и обвинителот продолжиле да бараат нешто што не постои, односно откако ги дознале податоците за уредничката во конкретниот ден и за нејзината адреса, испратиле покана преку полициски службеници кои во два наврати во неделата и понеделникот биле на адресата и ја барале Јовановска-Дојчиновска – објавија вчера од ТВ Телма.

Минатата недела новинарката Соња Колевска-Делевска од порталот сдк.мк беше повикана во полициската станица Беко во Скопје на „службен разговор во врска со поплака“ за објавен текст. Поканата за службен разговор ѝ била доставена од вооружени полицајци на домашна адреса. 

Пријавителот на Делевска е државна службеничка, раководителка во Министерството за правда, која според пријавата почувствувала вознемиреност по нејзиното здравје и по угледот, иако воопшто не е спомната со име и презиме во објавениот текст на 27 април 2022, во кој адвокатка потпишана со име и презиме ја обвинува за корупција.

ССНМ и ЗНМ вчера експресно реагираа на начинот на постапување на ОЈО и на МВР во овој случај.

„Обвинител при скопското обвинителство отворил предмет по пријава за говор на омраза на граѓанин кон друг граѓанин, и со цел да ја истражи и поткрепи пријавата со докази издал наредба МВР да ги обезбеди емитуваните аудио и видео материјали од Телма телевизија, но и наредба за информативен разговор со уредничката Весна Јовановска-Дојчиновска. Полицијата неколку пати ја побарала на домашна адреса, но без да соопшти детали за што точно треба да се јави во полициска станица. Оттука, ССНМ и ЗНМ ја оценуваат за проблематична постапката преку која МВР, но и ОЈО инволвираат новинари кога постапуваат во случаите без истите да ги информираат зошто се повикуваат на службени разговори“, се вели во соопштението.

Од ЗНМ и ССНМ потенцираат дека сите меѓународни регулативи, стандарди и препораки укажуваат на тоа дека кога органите на прогонот веќе постапуваат во случај кој вклучува новинар, тоа треба да го направат на начин што преземените овластувања не смеат да имаат ефект на заплашување, заканување или ограничување на слободата на новинарите и медиумите.

„Дополнително, МВР и ОЈО најмалку што можат да сторат е да стапат во контакт и да ги разјаснат околностите на транспарентен начин, во спротивно ова може сериозно да влијае врз условите во кои новинарите си ја вршат својата работа. Овој случај е уште еден аргумент зошто е потребно посебно одделение во рамки на ОЈО кое ќе третира предмети и случаи во кои се инволвираат новинари и медиумски работници. Потсетуваме дека потребата од континуирана едукација и усовршување на знаењето на обвинителите во заштита на новинарите е обврска на државата како членка на Советот на Европа. Укажуваме дека и кој било граѓанин доколку е незадоволен од начинот на известување во медиумите на располагање ги има саморегулативните механизми. Секоја друга форма и законска можност примената од правосудните органи може да води кон цензура и самоцензура, но и одредена форма на заплашување и предизвикување страв, со што се става црна дамка на демократското владеење“, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот