ОЈО цела година проверува дали Bejtulla Asani е Бејтула Асани: Случаите со закани и напади врз новинари тапкаат во место

На само неколку километри од Скопје, во Арачиново, вчера беа киднапирани новинари на кои им се заканувале да избришат снимки од граѓанска анкета. Новинарите само се обидувале да ги дознаат проблемите на граѓаните во селото, кои се пожалиле дека немаат канализација и водовод. Наводно лицата кои што го направиле инцидентот, биле блиски луѓе на градоначалничката на општина Арачиново Милкие Халими. Халими, пак, јавно се огради и го осуди настанот.

Од МВР за случајот со заканите кои биле упатени кон новинари во Арачиново велат дека обвинителот утврдил дека нема елементи на кривично дело кое се гони по службена должност. Од полицијата го повикале и пријавителот на настанот, Ф.А. да направи записник за пријавеното, но тој одбил. Пријавителот на полицијата ѝ рекол дека тој ги разјаснил меѓусебните недоразбирања со лицата. МВР ги повикала и новинарите врз кои биле упатени заканите, но и тие се откажале од поднесување на пријава.

Од 59 случаи во кои биле нападнати новинари во Македонија, само два добиле разрешница, се вели во извештајот на „Репортери без граници“ за минатата година.

Една година ОЈО проверува дали Bejtulla Asani е Бејтула Асани

Пред речиси една година, братот на функционерот на ДУИ Бекир Асани, Бејтула, му се закануваше на новинарот и поранешен претседател на ЗНМ, Насер Селмани.

Тогаш новинарите протестираа пред Владата, МВР поднесе пријава до Јавното обвинителство, а за тоа до каде е случајот, Селмани вели дека е до никаде.

– Последно што знам е дека проверуваат дали Фејсбук профилот е навистина на тој човек кој што ми се закануваше. Човекот си призна дека тој се закануваше, а овие уште проверуваат – вели новинарот.

Тој додава дека сега нема никакви информации што се случува со случајот во Обвинителството.

– МВР тогаш реагираше одма, ги посети луѓето и ги предупреди, но откако случајот се пресели во Обвинителството, работата е заглавена – објаснува Селмани.

Според него, доколку се погледнат бројките за разрешени случаи во кои жртви се новинарите може да се заклучи дека тие луѓе кои нападнале новинари не се наивни, дека се луѓе од системот и дека некој ги штити.

Институциите неажурни

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски, вели дека предметите во кои жртви се новинари не се процесуираат до крај поради недоволната комуникација помеѓу институциите.

– Понекогаш, особено во минатото, кога имаше напади од полицајци врз новинари, солидарноста помеѓу полицајците не дозволуваше случаите да се откријат до крај – вели Чадиковски.

За него е нејасно зошто во Обвинителството и во судовите се кочат и се одолговлекуваат веќе процесуирани случаи од МВР.

– Во поедични случаи може да има политички или други причини, но генерално во огромен дел е поради недоволна ажурност – објаснува новинарот Чадиковски.

МВР: Ние нашето сме си го завршиле

Од Министерството за внатрешни работи велат дека од 2017 година наваму, сите случаи на физички напади од полицијата се расчистени.

– Сите случаи на физички напади се расчистени и се поднесени соодветни поднесоци до Обвинителството, а натаму не е наша надлежност, следи работа на Обвинителството и на Судот – вели Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Од Обвинителството не ни одговорија на прашањето зошто предметите во кои жртви се новинари, тапкаат во место.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот