Од синот на Талат до „светиот дух“ на криминалното судство

Со која морална вертикала ќе градат личен интегритет тие двесте ли се, 450 ли се, идни судии и обвинители, кога биле соучесници во овој срам за државата, а утре ќе треба да делат право и правда „во име на народот“.

Со какви ли одбрани зборови треба да го оцени новата американска амбасадорка Анџела Агелер скандалот со тетовските „уверенија“ што ги добиле наводно доволно образовани правници (но без доволно кредити и кредибилност), кога изборот на новиот обвинител за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази го нарече збунувачки. Не само САД, туку сите наши поддржувачи, ЕУ и другите меѓународни партнери што се финансиери на реформите во правосудството, имаат нов повод да ја преиспитаат својата поддршка поради најновиот, најблаго речено, упад во судско-обвинителниот систем.

Не е ни најважно дали се ставени печати и потписи на уверенија или дипломи издадени од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, кој исто така уште од неговото формирање беше финансиски поддржан од меѓународната заедница. Не е ни битно дали станува збор за „техничка грешка“ со 449 или со помалку од 200 студенти, како што се обиде да изрелативизира актуелниот ректор на тетовскиот универзитет и академик Абдулменаф Беџети. Важно е што сосема случајно (дали?), по поднесена анонимна пријава за некадарноста на синот на собранискиот спикер Талат Џафери да стане судија или обвинител, се разоткри лавина неправилности во системот, поттикната од поројот од под Шар Планина.

Периодот во кој се случувале„техничките грешки“, барем според признанието на Беџети, е 2011 и 2012 година. Време на најголемата моќ на претходната режимска врхушка, предводена од тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и „вечниот“ партнер во власта ДУИ. Лично, немам дилема дека партнерски е договорена шемата. Една од целите на тогашниот режим беше да се постават партиски луѓе во правосудството, со цел прикривање на организираниот криминал и корупција, кои го разјадуваа општественото ткиво. Криминалот опстана до ден-денес, а последиците врз правната држава се далекусежни и со многу поцврсти темели од постаментот на Ќосето и стиропор градбите на „Скопје 2014“

Давањето уверенија за завршени мастер-студии по само шест ислушани семестри и 180 кредити (наместо потребните 300 кредити и осум семестри), овозможување Барлет Џафери да полага правосуден испит без стаж од една година и пет месеци пред завршување на 7/1 степен на студиите без „проверување на датумите“ од Комисијата за прием во Академијата за судии и обвинители, своеволно толкување на тогашниот закон дека наводно му дава дискрециско право на министерот Аднан Јашари од ДУИ да прогледува низ прсти некому (односно на син на висок функционер во власта – сопартиец), уништување на документацијата по само една година во Министерството за правда, се само дел од злоупотребите што треба да се истражат, за конечно да се прати порака дека еднаш засекогаш треба да запре непотистичкото-партиско-клиентелистичко градење на правосудниот систем. По срамот што го доживеавме дека Абази е избран од 66 свои колеги клиентелисти, уште попоразителен факт е 10-годишното прикривање на скандалот, зашто никој не може да ме убеди дека за шашмата не се шушкало во судските кулоари. По сè што се случува во ова сфера, депласирана е и констатацијата за падот на довербата на граѓаните кон една од трите власти – судската. Тоа и онака не може да оди подолу, на дното е со – осум отсто!

Како денес ќе го убедите граѓанинот дека правдата е достижна по серија системски пропусти со очигледна заднина да се тргува со влијание и да се толкуваат закони со коруптивна предумисла? Со која морална вертикала ќе градат личен интегритет тие двесте ли се, 450 ли се, идни судии и обвинители, кога биле соучесници во оваа дамка за државата, а утре ќе треба да делат право и правда „во име на народот“? Како да им се врати ентузијазмот на сите актуелни млади адвокати, судии и обвинители да градат кариера кога пред секој избор, нивните колеги кандидати сами ги повлекуваат кандидатурите под партиски притисок, а во корист на „избраниот“ поради неговите заслуги во заштита на сопартијците криминалци? Залакот во грло од студентскиот оброк од 140 денари ќе им застане на сите дискриминирани студенти на правните факултети во земјава, па и дипломирани правници што се надвор од партиските шеми, од сознанието дека некои нивни врсници, но „нечии деца“, имаат загарантирана диплома без оглед колку ја заслужиле, згора и загарантирано работно место, со дискрециски гаранции за партиско прескокнување на условите за полагање правосуден испит!?

Властодршците градат систем со кој медиокритетите салиеровски ги потиснуваат квалитетните и со години ги бркаат од земјава децата со идеи и чиста душа што требаше да бидат нашиот општествен потенцијал. Тие деца сега како оформени личности и академски граѓани ги промовираат своите квалитети, некогаш и генијалност, во општества со поинаков систем на вредности, додека на ова парче земја се гради култ кон „светиот дух“ на криминалот. Во конкретниов случај – кон инкриминираниот дел од државата што по дефиниција треба да се бори против криминалот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот