Нова концертна сезона на Филхармонија „Моја бесмртна љубов“ во чест на Бетовен

Новата концертна сезона (2019-2020) на Филхармонија е насловена „Моја бесмртна љубов“. И оваа концертна сезона на публиката ќе ѝ понуди фантастичен избор на солисти и диригенти, како и софистицирана и деликатно избрана програма која ќе го презентира диверзитетот на класичната музика преку различни естетики и стилови.

– Насловот алудира на писмата кои Лудвиг ван Бетовен ги адресирал на неговата мистериозна „бесмртна љубов“, кои и денеска се пример за деликатно и емотивно обраќање кон љубената. Со оваа посвета на Бетовен, која нема да биде одбележана само со насловот на сезоната, туку и преку изведба на негови дела, Филхармонија се вклучува во одбележувањето на 200 годишнината од раѓањето на овој германски композитор која ќе се прославува насекаде во светот во 2020 година – истакна Виктор Илиески, директор на Филхармонија.

И Филхармонија прославува значаен јубилеј – 75 години од формирањето.

– По повод овој значаен јубилеј нашата институција подготви роденденски концерт кој ќе се одржи на 21 ноември. На роденденскиот концерт ќе присуствуваат министрите кои ќе учествуваат на Самитот на земји од Централна и Југоисточна Европа и Кина „16+1“ кој тогаш ќе се одржува во Скопје. Тоа е голема чест и привилегија за нас како институција бидејќи овој концерт ќе претставува и презентација и промоција на нашата музичка традиција во пошироки рамки – истакна Илиески.

Сезоната на Филхармонија се отвора на 26 септември со концерт на кој ќе биде изведена музичката поема „Така зборуваше Заратустра“, антологиско дело на Рихард Штраус. Како солист ќе настапи врвниот руски пијанист Александар Мелников, чија изведба како што оценуваат критичарите речиси секогаш е проткаена со акутен, предизвикувачки и речиси саркастичен хумор.

Генерален спонзор на новата концертна сезона „Моја бесмртна љубов“ е „Страбаг“, а спонзори се и „Тиквеш“, „ТТК банка“, „Спорт лајф“ , „Пелистерка“, „Пако Мак“, „Нула отпад“ и „Завар“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот