Норвежани ќе регрутираат македонски работници: Се бараат механичари, автолакери и автолимари

Фото: EPA-EFE/ADAM BERRY

Компанијата „Ворк саплај“ на 15 септември во Скопје директно ќе регрутира македонски работници за норвешката автомобилска индустрија. Според објавата на Фејсбук, се бараат механичари, автолакери и автолимари, а има можност и за механичари за земјоделски машини и електрични автомобили. Од заинтересираните се бара да достават биографија, а потоа ќе добијат потврда од консултантите, со напомена дека ќе имаат лични интервјуа, на кои ќе може да ги добијат сите информации. Од компанијата посочуваат дека нудат ефикасен процес на регрутирање како за кандидатите од ЕУ, така и за земјите што се надвор од неа, што значително го олеснува процесот за аплицирање на потенцијалните кандидати.

Во понудата се објаснува дека на кандидатите им се нудат долгорочни договори, норвешки плати и бенефиции, работна недела од 37,5 часа, како и помош при наоѓање сместување. Посебно се нагласува дека тимот што ќе ги води разговорите е целосно вакциниран против ковид-19.

– Нудиме ефикасен, брз и безбеден начин за да го подобрите вашиот живот и кариера, ве поддржуваме во постигнувањето на балансот меѓу работата и животот, осигурувајќи подобар живот за вашето семејство. Норвешка е една од најразвиените економски и политички стабилни држави во Европа и во светот, во која има интензивна побарувачка на експерти за поправка на автомобили. Со вистинската формална едукација и работно искуство, ви претстои возбудлива иднина, живот и работа во Норвешка – стои меѓу другото во објавата на „Ворк саплај“.

Колкава е заинтересираноста на македонските граѓани за работа во странство покажа и неодамнешната објавата на германската амбасада во Скопје дека имало повеќе од 50.000 прегледи на страницата на која се аплицира за добивање работна виза. За потсетување, од 1 јануари 2021 година во Германија влезе во сила таканаречена „Регулатива за Западен Балкан“ со која се овозможува привилегиран пристап до германскиот пазар на труд за државјани од шесте земји во регионот.

– Според германската законска регулатива, во целиот регион на Западен Балкан смее да се доделат 25.000 визи годишно, од нив Северна Македонија добива годишна квота од 4.750 визи – соопшти амбасадорката Анке Холштајн на Фејсбук. Списокот на чекање за термин на кој може да се аплицира за работна виза во Германија беше отворен на 1 септември годинава, а истиот ден бил пренатрупан со барања.

Во канцелариите што нудат преводи велат дека во изминативе месеци има огромен наплив на барања, а најголемиот дел од нив се однесуваат за превод на германски јазик.

– Речиси деведесет проценти од преводите се на германски јазик и тоа конкретно за лични документи, уверенија за неосудуваност и училишни дипломи. На граѓаните им е најсигурно кога аплицираат со комплетна документација, кај познат работодавач, бидејќи така имаат можност за сите бенефиции – ни рекоа во едно преведувачко биро.

Дојче веле пишува дека на заинтересираните граѓани од Северна Македонија им беа издадени рекордни 6.425 работници визи во 2019 година, но постапките речиси запреле во 2020 година поради пандемијата, па лани работна виза добиле само 1.291 луѓе.

Според шефот на Сојузната агенција за вработување Детлев Шеле, на Германија ѝ се потребни околу 400.000 доселеници годишно за да се пополнат сите неопходни работни места и тоа од сите профили: негуватели, техничари за климатизација, логистичари и факултетски образовани луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот