Нокдаун за шовинистичката политика на Софија кон Македонија

Сашо Орданоски
Сашо Орданоски / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

Да беа попаметни Бугарите, до подобри заклучоци за сопственото поведение можеа да дојдат со повнимателно следење на она што се случува во Србија, бидејќи нивната реална фрустрација кон Македонија поминува главно низ Белград, пред да се истури врз Скопје. Ама не беа и не се.

Не сум сигурен дека нашите пријатели во Бугарија разбираат што им се случи во изминатите десетина дена, со (навидум) молскавичното признавање на автокефалноста на МПЦ-ОА, а и што допрва ќе им се случува…

Историската одлука е на Српската православна црква. Благодарноста и заслугата со право одат на сметка на српскиот патријарх Порфириј и новиот прогресивен светоглед што тој, со неговото доаѓање на чело на СПЦ, го примени и врз овој непотребен меѓуцрковен спор.

Но, не треба да се биде многу паметен за да се сфати дека целата деликатно и подолго време координирана световно-црковна „операција“ меѓу Цариград, Белград и Скопје очигледно е водена во рамките на темелниот геополитички зафат за заокружување на американската политика кон зацврстувањето на националниот и државниот суверенитет на Македонија, проект започнат многу одамна и трпеливо спроведуван сите овие години од распадот на СФРЈ наваму, токму за да се заокружи западната стратегија кон Балканот за фазата на „прередувањето“ на светскиот поредок што непромислено го испровоцираа Русите со грубата и трагична агресија врз Украина. Опстанокот на суверената и либерал-демократска Република (Северна) Македонија уште пред три децении беше прогласен и континуирано повторуван „национален интерес на САД“.

Кој не разбира – и дома и надвор од државава – што значи грижата за спроведувањето на американскиот „национален интерес“ во модерните, сѐ уште „важечки“ меѓународни односи (па и во сферата на меѓурелигиските глобални односи), за своите постапки одговара, во крајна инстанца, во Вашингтон. Прашајте ги Груевски и Мијалков како изгледа сумарумот на тоа искуство. И, да, сум пишувал уште поодамна дека таквата американска политика ја нема ефикасноста и префинетоста на „машинка за мелење кафе“; вистинската асоцијација повеќе наликува на „машина за дробење камења“. Ефектот е, сеедно, ситен песок за „врзивен малтер“ меѓу блоковите.

Во тој американски балкански проект САД ја обезбедуваат „тврдата“ компонента за убедување и систематски, иако спор притисок врз фриволноста на шареноликите актери, а Европската Унија учествува, во најдобар случај, со повремена турни-ме-да-кинисам политичка и поголема економска поддршка, задржувајќи ја својата перманентна неволност за интеграција на Балканот во своите редови. Што е право, историските, социјалните и географските консидерации на ЕУ се многу покомпликувани од оние на Американците кога е Балканот во прашање. Во тој пристап нема брзање, но без упорната и, кога треба, резолутна американска интервенција, Европа одамна ќе беше поразединета и понестабилна од она што е денес. За сопирачките и компликациите на тој пат се задолжени, главно, Французите со својата шармантна, империјална, банкротирана европска политика. Тоа барем Македонија го има добро почувствувано врз сопствениот грб.

Но, да се вратам на почетокот, што значи тоа за нашите пријатели во Бугарија?

Полека, но сигурно, кога е Балканот во прашање, Софија го презема неславниот примат од Белград – што е друга, но динамично променлива и, види чудо, накај можна позитивна приказна во прашање – за компликување на балканската европска интеграција. Заглавени во своите националистички, повремено шовинистички, проруски внатрешно-политички конвулзии, Бугарите пропуштаат важна историска можност конечно да се етаблираат во конструктивен фактор на Балканот во рамките на американските „национални интереси“. Со „проектот Петков“ им се пружи прилика на цивилизиран начин и со „спасен образ“ да ги нормализираат односите со Македонија и своерачно да го откочат понатамошното регионално евро-интегрирање. Наместо да ја видат и добро да ја проценат „пошироката слика“, тие будалесто, со грамажата на интелигенцијата на Каракачанов, прво го елиминираа Заев (и Димитров) од македонската политика, а потоа одбраа да го слават Ванчо Михајлов во Битола. И, најверојатно, бидејќи самите се „забојадисаа“ во аголот, се доведоа во ситуација да го повторат евро-ветото за Македонија во јуни.

Експресно следуваше „поздравот“ со епохалната разврска на статусот на МПЦ-ОА, што е секако далеку поважно остварување за македонскиот национален и државен, верски, но и политички идеал, од евентуалното уште едно пропуштање на некаков проектиран рок за евро-македонска деблокада. Ние, за жал, за догледно време, ќе останеме вон ЕУ; тие, за недогледно време, останаа со „прстот в уста“. И тоа откако прво ние станавме членки на НАТО, за да не добие некој уште побудалести идеи.

Доброооо… Македонија е приморана својата регионална и поширока перспектива да ја бара низ коридорот север-југ, со Грција и Србија, а да ги зацврстува односите и на запад, со Албанија и северо-западно со Косово; и повторно, по инсистирање на Бугарија, да ги „стави во мирување“ своите источни перспективи. Може ли некој во Софија рационално да објасни како е тоа во интерес на Бугарија?

Со тоа, заштитата на „националниот интерес“ на САД, па и на Западна Европа, на југот од Балканот и формално се префрла на исток, во Бугарија. Што мислите, како ќе се одвива таа западно-источна пресметка – зборот не е случаен – во месеците и годините што следуваат? Дополнително, сега токму внатрешно-политичката стабилност на Македонија (што е порака и до македонските домашни политички дејци) ќе стане важен фактор за источниот „театар“ на таа пресметка. Машината за „дробење камења“ е веќе вклучена и, како што стојат работите, ќе се оди на постепено производство на „песок“ во Бугарија, бидејќи таа е премногу важна земја на источното крило на НАТО за да може пар-форфе – без борба – да се препушти на антизападните руски махинации.

Груб и поедноставен е овој обид за анализа на тековната јужно-балканска геополитичка динамика, но да беа попаметни Бугарите, до подобри заклучоци за сопственото поведение можеа да дојдат со повнимателно следење на она што се случува во Србија, бидејќи нивната реална фрустрација кон Македонија поминува главно низ Белград, пред да се истури врз Скопје. Ама не беа и не се. А, проблемите на Вучиќ се далеку поголеми од оние што си ги произведе Софија со својата набрзина официјално обновена великобугарска политика кон Македонија. Сега единствената надеж им е токму Вучиќ, каков-таков, да не успее во прозападното модернизирање на Србија, бидејќи и нему му е сигурно објаснето во детали на каде ќе „дува ветерот“ во годините што доаѓаат на Балканот.

Бугарите тукушто добија верско-политички нок-даун за својата погрешна политика кон Македонија. Броењето до десет е во тек, работите им стојат на климави нозе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот