Никогаш не е доцна за БАЛЕТ, овие наши „балерини“ се реализирани дами, мајки или сопруги

Годините се апсолутно неважни, доколку го споделуваме духот кој е неизмерлив. А и сопругата на британскиот принц Чарлс, војводката Камила Паркер (72), изјави дека токму во овој карантински период започнала со своите први часови по балет.

Никогаш не е доцна да се исполни сонот од детството. Тоа го потрвдува и оваа балетска група составена од возрасни „балерини“. Идејата за рекреативен балет за возрасни не се роди во Скопје, туку во Штип, благодарение на балерината и професорка Елизабет Колевска од Центарот за балетска уметност „Арабеск“ (Аrabesque).

– Примарната цел и фокусот на нашето балетско студио, секако беа децата. Но, балетот може да биде корисен за секој што сака да го спознае своето тело и да биде во хармонија со него. Воедно, да се здобие со многуте бенефиции кои оваа уметност ги нуди. Формирањето на групата „рекреативен балет за возрасни“ се случи многу спонтано и непланирано. Го имав помислено, но не знаев дека ќе предизвика толку голем интерес, ни објаснува нашата соговорничка Елизабет Колевска и додава: Факт е дека телото во текот на годините се менува и не можеме да изгледаме исто на 20 и на 40 години, но со силна волја и желба, можеме многу нешта да подобриме. Да бидеме подобра верзија на себеси и да му пркосиме на времето.

Значи кој сака да го исполни својот детски сон да стане балерина, без ограничувања на возраста, може да се обиде? Сепак, треба ли да исполнува некакви предуслови, на пример, умерена телесна тежина, некоја одредена висина, пропорции и слично?

– Самиот епитет „рекреативен“ кажува доволно за тоа дека овде не станува збор за професионална афирмација. Во групата имаме жени со различни професии, животи, амбиции, пропорции. Единственото нешто што не поврзува сите е токму балетот. Секоја од нив поради различни причини е дел од нашата мала заедница. Тоа може да биде детски неостварен сон, љубовта кон музиката, кон движењето, или пак едноставно грижата за себеси и своето здравје. Телото на возрасен и телото на дете се тотално различни. Осознавајќи го тоа, принципите на работа во овие групи се разликуваат. Часовите се пропратени од јасни и детални објаснувања за суштината на секое движење, нивното значење, врската помеѓу нивното практично усвојување и сознајниот процес. Целта е да уживаме во танцот, да се ослободиме од стресот, да научиме нови нешта и паралелно со тоа да погледнеме од зад кулисите на оваа магија, наречена балет.

Елизабет со една од „балерините“

Кој е возрасниот просек на групата?

– Групата е сочинета од веќе реализирани дами, мајки или сопруги. Годините ни се апсолутно неважни, доколку го споделуваме духот кој е неизмерлив. Ограничувања не постојат, тие се секогаш само во нашата глава.

Сопругата на британскиот принц Чарлс, војводката Камила Паркер, која има 72 години, изјави дека токму во овој карантински период започнала со своите први часови по балет. Воедно, оваа уметност наназад низ историјата секогаш била поврзана со кралските редови и нивната адмирација кон префинетоста на танцот, што доволно зборува за неа.

Со каква опрема вежбате? Претпоставувам за комплетно уживање би биле потребни балетски фустанчиња и чевли кои пак, се тешко достапни во македонските продавници?

– За реализација на часовите е потребна тенка, еластична облека, во која пред сè ќе се чувствувате удобно. Децата имаат еднакви балетски трикоа, а кај возрасната група одиме на полежерна варијаната. Сите наши членови имаат балетски меки патики, балетанки, со кои се олеснува изведбата на елементите. Во зависност од потребата, се шијат балетски костими кои се поврзуваат со одредени улоги. Возрасната група зеде учество во новогодишната претстава на Арабеск  – „Девојчето со кибритчињата“, во која беа унифицирани според улогата што ја имаа во претставата.

Колку време е потребно за да се научи да се танцува на прсти? Која вежба им е најголем предизвик на ученичките?

– Балетската уметност е систем за движење на телото, составена од стриктни позиции и одговара на јасни правила за хармонија, убавина и сила. Задолжителен услов е зајакнувањето на мускулчињата на телото и зглобовите кај децата, како и години продолжителна и сериозна работа за да се премине кон танцување со врвовите на прстите. Секое дете има различни предиспозиции, а со тоа се сретнуваат и со различни предизвици во однос на процесот на учење. Но истрајноста, упорноста се одлики кои децата ги градат низ овој процес, градејќи се и себе како личности.

Што е со мажите? Можат ли и тие да се приклучат?

– Мислам дека да прашате било кој од групата, ќе ви кажат дека се добредојдени! (се смее, н.з). Секако, зошто да не, како за жените, така и за мажите, балетот ги има истите бенефиции врз телото. Да, не ја почнувам темата за сè уште конзервативното општество во кое живееме и стереотипите со кои се сретнуваме после векови постоење на оваа уметност. Истото важи и за малите момчиња, девојчињата сонуваат да имаат партнер!

Кои предности за оформување на телото го има балетот?

– Генерално, балетот нè одржува здрави и во добра физичка форма. Ја подобрува нашата еластичност, издржливост, балансот и координацијата на телото. Учиме многу и за музиката. Ја пронаоѓаме врската помеѓу телото и умот и ја подобруваме концентрацијата. Стануваме покоординирани во просторот и многу поприсутни. Придобивките се навистина многу.

Размислувате ли за отворање на вакво школо и во Скопје?

– Сплет на околности ме насочија кон Штип. Искрено ме фасцинираше желбата и љубовта што ја поседуваат овие луѓе со кои работам. Затоа и толку долго се задржав таму. Што се однесува на Скопје.. Да, секогаш постои таа желба и опција, сепак мојот живот е сместен токму овде. Јас сум човек што работите ги прави тогаш и онака како што ги чувствува. Верувам дека кога ќе дојде тој момент, ќе знам и ќе го направам тоа. За сега, се обидувам да бидам во баланс со животот и мојата примарна работа во Скопје (професорка по модерен и џез балет во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, н.з.) и патувањата и развојот на случувањата во „Арабеск“.

Разговарајќи со некои од вашите балетски ученички впечаток ми остави нивната импресионираност од тренингот, чувство на неизмерна среќа како навистина да си го исполниле сонот. Кои се најубавите реченици за лично задоволство кои сте ги слушнале?

– Тоа е таа сатисфакција, мелем за душата. Кога за нештото што тебе ти создава среќа и претставува љубов, стануваш канал за негово пренесување и ширење. Го чувствуваш во воздухот, го гледаш во очите, во насмевките… Знаеш дека стигнало онаму каде што треба. Жените постојано ми се заблагодаруваат што сум таму за нив, но всушност јас го правам само тоа што го сакам. Кога сме кај зборовите, најслатки ми се оние пораки од дечињата што ги добивам пред или после часовите, или пак, сега, додека сме оддалечени едни од други. Нивната топлина, може да го промени и најтешкиот ден. Тоа е љубов!

Да си ја храниме соодветно душата е најдобрата диета на сите времиња!

Морам да забележам дека изгледате беспрекорно, дали за тоа е заслужен само балетот или сепак, практивувате и соодветни диети. Нутриционистите, но често и фитнес тренерите, велат 80 отсто е до храната, а 20 отсто до тренингот, се согласувате со тоа?

– Ви благодарам! Искрено, никогаш не сум била од луѓето кои ги бројат калориите што ги внесуваат. Се грижам за себеси, навистина многу се движам и спортувам, дури и кога работата не го бара тоа, на моето тело му е потребно. Се обидувам да балансирам и сметам дека баланост е клучот кон здраво тело и дух. Да се чувствувате убаво одвнатре, затоа што само така тоа би се рефлектирало и надвор. Да си ја храниме соодветно душата е најдобрата диета на сите времиња!

Инаку, часовите за балет за возрасни се многу популарни во светските метрополи, па браво за „Аребеск“ што ги следи трендовите и што им озвоможува и на нашите дами да уживаат во балетското искуство.

Во продолжение, погледнете како изгледаат некои од часовите по балет за возрасни во Њујорк и Лос Анџелес. 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот