Невакцинираните ракометари на Пролет по враќањето во Македонија пратени во карантин

Тестирањето на коронавирус во Шпанија било во последен момент одложено/ фото: РК Пролет

Ракометарите на Пролет изминатиот викенд во Шпанија ги одиграа двата натпревари од квалификациите за пласман во Лигата на Европа против Грањолерс, но по враќањето во Македонија со соочија со големи проблеми.

Иако во Шпанија имаа закажано тестирање на коронавирус, тоа беше откажано во последен момент и клубот без ПЦР тестови се врати во Македонија.

Бидејќи не се сите ракометари вакцинирани, клубот соопшти дека 10 ракометари се ставени во карантин.
Соопштението на РК Тинекс Пролет ви го пренесуваме во целост:

Ракометниот клуб Тинекс Пролет ја информира јавноста за несаканата случка пред и по враќањето назад од Шпанија во Македонија.

Имено, клубот имаше уредно закажано ПЦР тестови во Шпанија неколку часа пред вториот натпревар што беше одигран против екипата на Гранолјерс во саботата во 17.30 часот, за резултатите да бидат добиени до крајот на денот, се со цел со комплетна здравствена документација согласно домашните протоколи да допатуваме назад во Скопје. Тестовите на наше општо изненадување беа откажани во последен миг, не оставајќи воопшто време за „План Б“, бидејќи летот од Барселона за Скопје налагаше на аеродромот да пристигнеме пред 7 часот во недела наутро.

Во една таква ситуација, сите ракометари на Тинекс Пролет кои не беа вакцинирани, поради немање на ПЦР тест при враќањето во Скопје согласно протоколите на Владата добија решенија за самоизолација. Станува збор за десет играчи кои во наредните денови ќе бидат надвор од тренажен процес.

Сакаме да информираме дека во текот на вчерашниот ден, овие десет ракометари беа соодветно тестирани и сите добија негативни резултати на ПЦР-тестирањето. По овие негативни тестови, периодот на самоизолација се намалува на пет дена, со што ќе се забрза и нашето враќање на терените за што побрзо почнување со натпревари во Супер-лигата на Македонија.

Ова е вистината за несаканата случка во која се најде македонскиот ракометен претставник во европските натпреварувања, наспроти пишувањата на ракометен портал што се декларира како „медиум што се залага за доброто на македонскиот ракомет“, а всушност е целосна спротивност на тоа. На нив нека им служи на чест, а Тинекс Пролет како и досега, така и во иднина ќе продолжи да ги почитува сите законски норми на Р. Македонија, но и да бележи добри резултати на терен, колку и тоа да не му се допаѓа некому.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот