Нема СЈО, „високиот“ криминал кај обвинителството на Русковска

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Министерството за правда подготвува нов нацрт-закон за јавното обвинителство, во кој повеќе не е предвидено да се формира ново обвинителство за гонење организиран криминал и висока корупција, туку сите случаи од висок профил ќе бидат во надлежност на постојното ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, чиј шеф во моментов е обвинителката Вилма Русковска. Предвидено е и дека ќе продолжат сите истраги и предистраги што ги отвори Специјалното јавно обвинителство, а „бомбите“, односно прислушуваните разговори што досега не се предадени како докази, ќе ги чува Републичкото јавно обвинителство.

Ова е трет обид на власта да донесе нов системски закон за јавно обвинителство, за кој е потребно двотретинско мнозинство во Собранието, кое СДСМ досега не успеа да го обезбеди и покрај многубројните средби на работните групи од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ што се одржуваа речиси цела година.

Од Министерството за правда за „Слободен печат“ велат дека деновиве вршат консултации со коалициските партнери во врска со најновиот закон.

– Клучните информации околу надлежностите и решенијата во законот се дека случаите од висок профил ќе бидат во надлежност на ОЈОГОКК. Предвидено е продолжување на сите истраги и предистраги што ги започнало СЈО. Материјалите што не се предадени како докази во судовите, ќе се чуваат во Јавното обвинителство на РСМ. Предвидено е и зголемување на бројот на јавните обвинителства во ОЈОГОКК – велат од Министерството за правда.

Премиерот Зоран Заев пред три дена ја повика опозицијата да гласа за законот, во кој, како што нагласи, не постои СЈО.

– Државата треба успешно да ја заврши оваа година и да се донесат важните документи. Ќе го земам приматот од министерката за правда и ќе најавам дека ќе направиме нов обид до крајот на годината да гласаме за закон за јавното обвинителство. Тоа е веќе растоварен закон, таму нема СЈО, тоа е системски закон што се носи со две третини и апелирам до сите да седнат да го разгледаат законот, кој е пуштен до пратеничките групи. Апелирам да ја отстраниме таа околност што некој може да ја споменува во ЕУ, којa не е услов, а пред сè да си го решиме проблемот за дома. Како што е важно судството и како што ги донесовме законите, важен е и овој системски закон за ЈО и ред е да го донесеме – рече премиерот Заев.

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев вели дека тие досега се противеле на предлозите на СДСМ затоа што ги ценеле како лоши, а барале закон според европската практика.

– Не можеше преземањето на вработените од СЈО да биде на начинот на кој тие сакаа да го направат. Баравме и опозицијата да го предлага обвинителот на организиран криминал и не се согласуваа. Од што се плашат кога за некој месец ќе бидат во опозиција? Преговорите за нов закон за ЈО почнаа неколку месеци пред да излезат аферите за рекетите и за СЈО, а во тоа време Заев не сакаше да се откаже од Катица Јанева и инсистираше таа да биде на чело на тоа ново обвинителство. Намерно ги блокираме лошите закони – рече Јанушев за „Топ тема“.

Власта цела година интензивно се обидува да донесе нов закон за јавно обвинителство, со цел, како што вели премиерот Заев, да се заокружи реформата во правосудството. Во првиот обид власта најавуваше дека ќе ја обезбеди иднината на СЈО на чело со Катица Јанева и на постапките што ги води ова обвинителство. Во првата варијанта беше предвидено: „Материјалите од незаконското следење на комуникациите СЈО може да ги обработува најдоцна до 15.09.2020 година и може да се користат како доказ само во предметите за кои се поднесени обвиненија до 30 јуни 2017 година“. Летоска СДСМ го повлече овој предлог-закон и настапи со нов, во кој повеќе не се споменуваше СЈО туку тоа требаше да се спои со обвинителството на Русковска во ново ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција. Според оваа варијанта, која уште е во собраниска процедура, прислушуваните разговори нема да бидат во доказна постапка во идното работење на ЈО, а „бомбите“ што веќе се во судска постапка во 18-те предмети на СЈО ќе продолжат и натаму да се користат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот