Нема нови рестриктивни мерки, има апел до граѓаните: Бидете совесни и одговорни, почитувајте ги препораките

Клинички компплекс „Мајка Тереза“ Скопје / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Нема потреба од воведување на нови дополнителни рестриктивни мерки. Тие не би дале резултат зашто се наоѓаме на шестата до осмата недела од третиот бран. Ова е заклучокот од вчерашната координација на министерот за здравство, Венко Филипче со директорите на ковид-центрите и претседателот на Комисијата за заразни болести околу епидемиолошката состојба во земјата.

На координацијата било заклучено дека болничките капацитети за прием на ковид-пациенти се зголемени за 50 отсто во однос на ноември, а зголемена е и потребата од хоспитализација. Стотина кревети дополнително се подготвуваат и во секој момент доколу е потребно може да се стават на располагање за прием на ковид-болни.

Според епидемиолозите, вирусот има широка инфекција на територија на цела држава, а во сите болници низ земјата има слободни кревети.

Состојбата со пандемијата со ковид-19 беше тема и на седницата на Советот за безбедност на која учествуваше и министерот Филипче. По седницата, претседателот Стево Пендаровски изјави дека Советот за безбедност бара државата да ги искористи сите расположиви ресурси за да им се даде соодветна здравствена заштита на заболените од ковид-19, како и да направи се да спроведе масовен процес на имунизација на населението.

Пендаровски упати личен апел до приватните здравствени установи да ја разгледаат можноста да се откажат од профит за да ги направат нивните услуги подостапни за граѓаните болни од ковид-19 и ако за тоа има потреба да го упатуваат и својот медицински персонал во јавните здравствени установи.

– Убеден сум дека во време на големи колективни страдања не треба ничии семејни несреќи и трагедии да ги користиме за нечија добивка и делење на дивиденди, рече Пендаровски.

Тој апелираше и до граѓаните да ги почитуваат препораките и да бидат совесни и одговорни , но, како што нагласи, политичарите со почитување на мерките и законите ќе имаат образ да го бараат истото од граѓаните.

И вчера беше забележан висок број на новозаразени со ковид-19. Беа регистрирани 1.272 случаи од 3.948 тестирања или 32 отсто. Пријавени беа 33 починати лица, меѓу кои најмладиот 34-годишен пациент. Регистрирани беа 868 оздравени пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 620.810 тестирања на ковид-19.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 128.511, бројката на оздравени пациенти е 106.392, на починати е 3.749, а бројот на активни случаи изнесува 18.370.

Според епидемиолошки анализи, најмногу активниво моментот има во Скопје и тоа 9.329, Прилеп – 1.047, Куманово – 782, Охрид – 709, Кавадарци – 697, Битола – 677, Велес – 652, итн. Во другите градови има под 600 заразени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот