Не сме информирани за пописот, се жалат иселениците

Со низа нејаснотии, дилеми, па дури и технички проблеми од вчера по електронски пат започнаа да се самопопишуваат македонските државјани што живеат во странство. Реакциите на нашинците од дијаспората се најчесто адресирани кон работата на дипломатско-конзуларните претставништва, од каде очекувале да бидат известени дека воопшто започнал да се спроведува пописот.

-Утринава, патувајќи кон работното место случајно прочитав наслов на македонските портали дека дијаспората се попишува. Воопшто не бев известена дека тоа можам да го сторам сама, претпоставував дека во мое име тоа ќе го направат најблиските роднини што ги имам во Скопје, вели за „Слободен печат“ Искра Д. која повеќе од пет години живее и работи во Белгија.

Таа додава дека не наишла на било каква информативна кампања, преку која македонските државјани во странство би се мобилизирале за учество во пописот.

-Контактирав со пријатели што исто така живеат во западноевропските земји и поголемиот дел не беа запознаени со детали за пописот. Веднаш ја отворив интернет страницата на Државниот завод за статистика и го започнав процесот, но безуспешно, бидејќи имаше полиња за кои не бев сигурна како да се пополнат, а воедно ми беше побаран ПИН-код, но не успеав да дознаам кој треба да ми го испрати таквиот код, вели Искра Д., дополнувајќи дека постои упатство за пополнување, но во формат кој не одговарал на нејзиниот мобилен телефон.

Таа не е единствениот македонски државјанин кој се соочил со пречки. Многумина на социјалните мрежи реагираа дека пописната апликација не го прифаќа нивниот матичниот број.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски го потврди овој проблем, велејќи дека сега веќе е надминат, а ги опфаќал оние лица родени по 2000 година.

-Пристапот до апликацијата на нашата интернет страница е многу едноставен. Апликацијата е функционална и имаме постојано самопопишување на нашите државјани. Агенцијата што ја изготвуваше апликацијата е должна во најкус можен рок да ги отстрани евентуалните проблеми при пристапот до апликацијата, извести Симовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот