Не купувајте храна на отворено, јадете во кафеани со добра репутација

Скопје / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Има ситуации во кои правилата за соодветно чување на производите во маркетите или на други продажни места не се почитуваат, некогаш од дистрибутерите, некогаш од продавачите, но има ситуации кога не се почитувани ни од потрошувачите

Засега не е забележан случај со труење со храна предизвикан од високите надворешни температури, но надлежните институции веќе ги испратија првите превентивни препораки за чување на храната и за заштита на граѓаните. Иако секоја година се упатуваат вакви совети, македонските потрошувачи не се откажуваат од купување на лесно расиплива храна на отворено (читај по пазарите), каде без претерување не е почитуваат хигиено-здравствените стандарди.

– Да не се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна какви што се месото, млекото, јајцата и други производи, по пазарењето да не се чуваат долго време во автомобилите и во други транспортни средства. Да не се купува разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач – апелираа од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Експертите, како и секогаш  ги предупредуваат и производителите и трговците да обезбедат услови за транспорт и чување на прехранбените производи. Од АХВ ги потсетуваат граѓаните да купуваат храна од проверени места, каде што производите, особено лесно расипливите од животинско потекло, се чуваат во разладни уреди.

– Во фрижидерите храната да се чува на температура пониска од 5 степени Целзиусови, а ако се јаде во угостителски објекти, да се води сметка тоа да се оператори со храна што водат сметка за хигиената и безбедноста и да имаат добра репутација. Во објектите за брза храна да се одбегнува да се користат додатоци што не стојат во ладилник какви што се мајонез, кечап, крем-салати, сосови, преливи и слично – додаваат од АХВ.

Како едни од најповиканите, производителите на млеко и млечни производи велат дека обезбедувањето висок квалитет започнува уште од преземањето на суровото млеко од фармите, преку дистрибуцијата, па сè до нивното правилно складирање и чување во директните продажни места.

– Ова е особено важно за кисело-млечните производи какви што се јогуртот, киселото млеко, павлаката и други производи од овој тип, кои се температурно чувствителни и за кои е задолжително, во целиот процес на производството, дистрибуцијата, продажбата, па сè до крајното сместување во фрижидер во домаќинствата, да бидат чувани во специфични услови. Токму овој процес се нарекува ладен синџир, а контролирана оптимална температура на целиот синџир е од 2 до 8 степени – објаснува Ѓорѓи Петрушев, претседател на Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко при Стопанската комора на Македонија.

Организацијата за заштита на потрошувачите, постојано води кампањи за информирање на потрошувачите за нивната улога во процесот – од купување во маркетите до складирање во домашни услови.

– Има ситуации во кои правилата за соодветно чување на производите во маркетите или на други продажни места не се почитуваат, некогаш од дистрибутерите, некогаш од продавачите, па и од потрошувачите – додава Петрушев.

 

Операторите се задолжените за безбедноста на храната

 

Примарната одговорност за безбедноста на храната ја сносат операторите со храна, а таа треба да биде обезбедена низ целиот синџир на производство, па сѐ до преработката и дистрибуцијата. Тие се должни да обезбедат одржување на ладниот синџир, особено за замрзнатата храна. Конечно и не помалку важно е да се осигури дека увезената храна ги исполнува најмалку истите хигиенски стандарди ги исполнува најмалку истите стандарди, како и храната која е произведена во земјава, пропишува Законот за безбедност на храната.

 

ССМ: Работниците мора да се заштитат од топлотниот бран

 

Сојузот на синдикати на Македонија бара Владата да донесе мерки за заштита на животот и здравјето на работниците и граѓаните затоа што, како што велат, според најавата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) и во следните денови времето ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината, а максималната температура ќе достигне до 40 степени.

– За да се справиме со најавените високи температури, бараме од работодавачите да ги почитуваат марките за безбедност и здравје при работа, да го намалат и да го исклучат работењето на отворено за работниците во најтоплите делови од денот, како и да ги обезбедат сите средства и мерки за заштита на животот и здравјето на работниците во овие услови. Од особено значење е да се утврдат соодветни мерки за заштита на здравјето и животот на возрасните, хронично болните и бремените работнички а доколку тоа право не се почитува ги повикуваат сите работници да пријават кај својот синдикален претставник, претставникот на работниците за БЗР и Државниот инспекторат за труд – предупредуваат од ССМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот