Научник од Харвард вели дека открил коктел кој го менува процесот на стареење во човечките клетки

Фото: Michiko Tierney / Panthermedia / Profimedia

Тимот предводен од познатиот истражувач против стареење од Медицинскиот факултет на Харвард, Дејвид Синклер, штотуку објавија студија која покажува дека мешавина на хемикалии може да го промени стареењето на клеткие, за само четири дена.

Иако звучи премногу добро за да биде вистина, лесно може да биде така. Досега, доказите се само од човечките клетки во лабораторија, далеку сме од тестирање на животински модели, па дури и подалеку од тестирање на луѓе.

Меѓутоа, барем премисата е многу интригантна, иако враќањето на часовникот во една клеточна линија е нешто сосема различно од покажувањето дека е можно да се поправат здравствените фактори поврзани со возраста кај живите животни, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).

„Идентификувавме шест хемиски коктели кои за помалку од една недела и без да го загрозат клеточниот идентитет, го вратија младешкиот транскрипциски профил ширум геномот и го променија транскриптомскиот процес на стареење“, објавија Синклер и тимот од 17 истражувачи во списанието „Ејџинг“ (Aging).

„Значи, подмладување со враќање на процесот на стареење може да се постигне, не само со генетски, туку и со хемиски средства“.

Надвор од клеточното ниво, сепак, ова е многу смело тврдење, имајќи предвид дека истражувањето е во многу рана фаза. Затоа, не е чудно што извесна контроверзија, веќе го следи овој труд.

Студијата истражуваше како клетките губат информации додека стареат, особено епигенетските информации.
Додека стареат, нашите клетки од неограничен потенцијал кога сме ембриони се диференцираат во само еден специјализиран тип на клетки и на крајот стануваат стари и ја губат функционалноста.

Во 2012 година, Шиња Јаманака и Сер Џон Б. Гердон ја добија Нобеловата награда за тоа што покажаа дека процесот всушност може да биде обратен. Тие открија дека активирањето на таканаречените фактори Јаманака (OCT4, SOX2 и KLF4) кај цицачите може да ги претвори возрасните клетки во индуцирани плурипотентни матични клетки со неограничен потенцијал.

Неколку години подоцна, тим на истражувачи покажаa дека дури и привременото активирање на факторот Јаманака кај глувците ги прави тие глодари поздрави.

Оттогаш, трката е да се примени истото кај луѓето, но да се заштитат клетките да не станат канцерогени – што е ризик кога ќе им дадете на клетките способност бескрајно да се делат.
Лабораторијата на Синклер веќе постигна ветувачки рани резултати и успеа да ги искористи факторите Јаманака за да го обнови видот кај глувците и мајмуните со оштетени оптички нерви.

Сепак, целата таа работа вклучува генска терапија – воведување на генот на факторот Јаманака со помош на вирус – што е скапо, контроверзно и не е без компликации.

Предизвикот е да се најде начин да се постигнат истите резултати користејќи хемикалии кои би можеле да се претворат во лек или терапија – и тоа е она што Синклер вели дека сега го имаат.

„До неодамна најдоброто што можевме да направиме беше да го забавиме стареењето. Новите откритија сугерираат дека сега можеме да го смениме тој процес. Претходно беше потребна генска терапија, која ја ограничуваше широката употреба“, вели Синклер.

Контроверзноста околу студијата всушност не е за самата студија, туку за тврдењето дека пронашле некаков вид на еликсир против стареење кога во реалноста досега не е тестиран ниту еден животински модел.

„Ова ново откритие нуди потенцијал да се смени процесот на стареење со една таблета, со апликации кои се движат од подобрување на видот до лекување на голем број болести поврзани со возраста“, рече Синклер.

Сепак, иако истражувачите велат дека новата техника развиена за скрининг на клетките има потенцијал, прерано е да се избрзуваат заклучоците.

„Ова е прелиминарен извештај за нов метод на скрининг во една клеточна линија со индиректни мерења на епигенетската состојба. Нема докази за репрограмирање на кое било ткиво, орган или цело животно“, вели биогеронтологот Мет Кеберлајн од Универзитетот во Вашингтон во Сиетл.

Сепак, бидејќи многумина од нас сега живеат подолго од кога било, истражувачите секогаш ќе бараат начини да ни помогнат да останеме здрави подолго, а тоа би можело да биде важен прв чекор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот