Вируси стари милиони години ни помагаат во борбата против ракот, откри група научници

Фото: Flickr

Остатоци од древни вируси кои поминале милиони години „криејќи се“ во човечката ДНК, му помагаат на телото во борбата против ракот, открија научници од лондонскиот институт „Френсис Крик“. Според нивното истражување, „заспаните“ остатоци од тие стари вируси се „будат“ кога клетките на ракот ќе излезат од контрола. Ова ненамерно му помага на имунолошкиот систем да го таргетира и нападне туморот, пишува „Би-би-си“.

Тимот сака да го искористи откритието за да создаде вакцини кои можат да го забрзаат лекувањето на ракот, па дури и да ја спречат досега неизлечивата болест.

Научниците забележале врска помеѓу подоброто преживување од рак на белите дробови и дел од имунолошкиот систем – т.н. Б-клетки, кои се групирале околу туморот. Б-клетките се дел од нашето тело што произведува антитела и тое се познати по својата улога во борбата против инфекциите, како што е онаа со коронавирусот.

Што точно тие клетки прават со ракот на белите дробови беше мистерија, но серија сложени експерименти со примероци од пациенти и тестови на животни покажаа дека тие и натаму се обидувале да се борат против вирусот.

Се покажало дека антителата ги препознаваат остатоците од она што се нарекува ендогени ретровируси, рекол проф. Џулијан Даунворд, помошник директор за истражување на институтот „Френсис Крик“.

Ретровирусите имаат способност да вметнат копии од своите генетски инструкции во нашите. Повеќе од 8 отсто од она што го сметаме за „човечка“ ДНК всушност има такво вирусно потекло, а некои од овие ретровируси станаа дел од нашиот генетски код пред десетици милиони години и се заеднички со нашите еволутивни роднини, големите мајмуни. Други ретровируси можеби влегле во нашата ДНК пред илјадници години.

Некои од овие упатства се преземени со текот на времето и служат за корисни цели во нашите клетки, но други се строго контролирани за да се спречи нивното ширење.

Меѓутоа, внатре во клетката на ракот, кога таа неконтролирано расте, владее хаос и претходно цврстата контрола на тие древни вируси е изгубена.

Тие древни генетски упатства повеќе не можат да оживеат цели вируси, но можат да создадат фрагменти од вируси кои се доволни за имунолошкиот систем да согледа вирусна закана.

Имунолошкиот систем е измамен да поверува дека клетките на туморот се заразени и се обидува да го елиминира вирусот, така што тоа е еден вид алармен систем, рекол проф. Џорџ Касиотис, водач на ретровирусната имунологија во центарот за биомедицински истражувања.

Антителата ги поттикнуваат другите делови на имунолошкиот систем да ги убијат „инфицираните“ клетки. Имунолошкиот систем се обидува да го запре вирусот, но во овој случај ги отстранува канцерогените клетки.

Касиотис вели дека тоа е неверојатна промена на улогата на ретровирусите кои, во периодот на својот врв, „можеби предизвикале рак кај нашите предци“ поради начинот на кој ја напаѓаат нашата ДНК, но сега нè штитат од рак, „што го смета за фасцинантно“.

Студијата, објавена во списанието „Природа“, опишува како тоа се случува природно во телото, но научниците сакаат да го засилат тој ефект со развивање вакцина која ќе го научи телото како да лови ендогени ретровируси.

„Ако можеме да го направиме тоа, тогаш можете да размислувате не само за терапевтски вакцини, можете да размислувате и за превентивни вакцини“, рекол проф. Касиотис.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот