Научниците споделија детална листа на намирници кои го спречуваат ракот

Фото: Пекселс/ jane-doan

Бројот на заболени од рак се зголемува од година во година и не можеме да влијаеме на одредени фактори, како што е генетиката. Сепак, науката докажа дека корегирана исхрана може да го намали ризикот од рак, пишува „Њујорк пост“ (NY Post).

„Знаеме дека стапката на дебелина е висока и се зголемува, и дека тоа е фактор на ризик за многу видови на рак“, рече д-р Брајан Сломовиц, директор за гинеколошка онкологија и копретседател на Комитетот за истражување на ракот на медицинскиот центар „Mount Sinai“ во Мајами Бич, Флорида.

Регистрираната диететичарка, нутриционистка и специјалист за исхрана и рак, Никол Ендрјус, сподели препораки и совети за изборот на храна за да се намали ризикот од рак.

Фото: Пекселс/ pixabay

Моќта на растителната храна

Кога станува збор за начин на живот кој го намалува ризикот од рак, Ендрјус препорачува храната од растително потекло да биде главен дел од вашата исхрана.

„Тоа значи дека треба да јадете храна богата со овошје, зеленчук, интегрални житарки, мешунки, јаткасти плодови и семки бидејќи тие се преполни со есенцијални витамини, минерали, влакна и антиоксиданси кои се поврзани со намален ризик од разни видови на рак. “ објасни Ендрјус.

Д-р Амбер Орман, онколог од Флорида, тврди дека повеќе од 40 отсто од сите видови на рак може да се спречат со корегирана исхрана во која доминираат растенијата, особено во комбинација со физичка активност, избегнување на тутун и алкохол и одржување на здрава телесна тежина.

„Некои од најмоќните намирници за борба против ракот се темнозелените лиснати зеленчуци, печурките, мешунките вклучувајќи соја, бобинки, неизлупени јаболка, ѓумбир, лук, куркума, мелен лен и зелен чај со лимон“, рече Орман.

Никол Ендрјус исто така посочува дека е важно да се јаде домашна храна секогаш кога е можно, и тоа од проверени производители.

„Растителната исхраната ги вклучува сите намирници освен преработеното месо и алкохолните пијалоци. Поентата е дека две третини од оброкот треба да бидат зеленчук, овошје, цели зрна, мешунки, јаткасти плодови, семки“, објаснува Ендрјус.

Останатите третини, вели таа, треба да бидат млечни производи, јајца, посни животински протеини, здрави масти и десерт, но во умерени количини. Клучот е да се фокусираме на внесување на повеќе растенија во исхраната, а не на она што треба да се елиминира, вели Никол Ендрјус.

Фото: Пекселс/ ella-olsson

Вистински протеини

Ендрјус вели дека помалку преработеното црвено месо и повеќе извори на посни протеини како пилешко, мисирка, риба, морски плодови и протеини од растително потекло, прават промена која има повеќе придобивки во спречувањето на ракот, особено ракот на дебелото црево.

Покрај тоа, белото месо и рибата генерално помагаат во одржување на здрава тежина, што е клучно за намалување на ризикот од неколку видови на рак.

Со овој избор на протеини, ќе го намалите ризикот од потенцијално канцерогени соединенија и ќе го подобрите вашето целокупно здравје. Затоа Ендрјус ги предлага следниве протеини: посни парчиња говедско месо, јагнешко месо, свински бут, пилешко и мисирка без кожа, лосос, туна, ракчиња, скуша, јастог, сом, јогурт, млеко, сирење, грав, грашок, леќа, соја.

Фото: Пекселс/ ella-olsson

Интегрални житарки

Интегралните житарки како кафеав ориз, интегрална пченица, киноа и овес се богати со растителни влакна, помагајќи во варењето и одржувањето на здрава тежина, што е клучен фактор за превенција од рак, рече Ендрјус.

„Овие зрна, исто така, содржат есенцијални витамини, минерали и антиоксиданси кои се борат против воспалението и оксидативниот стрес, кои се поврзани со развојот на ракот“, истакна таа.

Покрај тоа, влакната во цели зрна можат да помогнат во регулирањето на нивото на шеќер во крвта и да се намали отпорноста на инсулин, што може да го намали ризикот од одредени видови на рак, како што е ракот на дебелото црево, додаде таа.

„Алкохолот може да ја оштети ДНК, да предизвика воспаление и да ја попречи способноста на телото да ги апсорбира основните хранливи материи – сето тоа придонесува за развој на рак.

Фото: Пекселс/ maarten-van-den-heuvel

Доволно влакна

Како дел од исхраната за намалување на ризикот од рак, Ендрјус препорачува дневен внес на влакна од 30 грама.

Еве ги нејзините совети – започнете го денот со овесна каша, заменете го белиот ориз и белите тестенини со интегрални, јадете повеќе грав и леќа, грашок, малини, јадете овошје, зеленчук и јаткасти плодови наместо преработени грицки.

Здрава хидратација

Консумацијата на алкохол е тесно поврзана со зголемен ризик од разни видови на рак, вклучувајќи рак на устата, грлото, хранопроводникот, црниот дроб, дојката и дебелото црево, предупредува Ендрјус.

За да се намали тој ризик, Ендрјус препорачува здрави пијалоци наместо алкохол, поточно вода во која сте исцедиле овошје, чај од камилица или нане, смути од свежо овошје, зелен чај.

Помалку сол

Јадењето помалку сол во текот на денот е клучно за намалување на ризикот од рак на желудникот, рече Ендрјус.

За да ја постигнете оваа цел, таа нуди практични совети – внимателно читајте ги етикетите на храната и изберете ги оние на кои пишува „низок натриум“ или „без додадена сол“; ограничете го внесот на преработена храна бидејќи често е полна со сол и изберете свежа храна како овошје, зеленчук и немасни протеини; наместо сол, зачинете ги оброците со билки, зачини и природни засилувачи на вкусот како лук, лимон и оцет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот