Напред, кон Запад

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Простотилакот и дефамацијата на луѓе не е вродена особина. Тоа се стекнува така што се расте и се развива во опкружување во кое сте зближени со најсомнителните човечки пориви, од морални до интелектуални.

Секојдневно се „крвам“ со таа десничарска памет на Фејсбук, а некои пристојни коментатори ми велат – „море, кој е тој што може да гласа за нив“? Па уште ми велат: јас не знам кој е тој што би можел да гласа за нив. Тој свет е десен, радикален и длабоко штетен, ама, ете, има луѓе што би гласале за нив. Попатно, сепак, не треба да бидеме зачудени, тие луѓе постојат, такви луѓе гласаат за „силата на лудилото“ (и мракот). Генерално речено, немам сомнеж дека дериватот на кој секојдневно „умираат“ и се „раѓаат“ лежи во социокултурната изолираност, па сѐ до неразбирањето за пошироката околина, а богами и поради чистиот снобизам.

Имено, сите ние познаваме барем неколку десетици луѓе кои ќе гласаат на овие избори за таквите десничарски лудила; доволно е само да се „прошара“ по блиската и по далечна фамилија, па без проблем да се присетиме на тие сограѓани – околу „комшиите“, околу „кумствата“, а за останатите и да не зборуваме – оние што ја носеа сликата на Груевски (а денес можеби и на Мицкоски?) во паричник или се колнеа во војводата по општонародна одбрана и социјална заштита.

Јас познавам една личност која пред Груевски (а богами денес и пред Мицкоски) паѓа(ше) во еротско лудило! Што да се прави, длабоки и неразмрсливи се тајните на човечката сексуалност.

Да ви кажам искрено, јас отсекогаш сум бил на чисто: многу добро ја познавам онаа друга Македонија која весело ќе трча во пропаст со песна во устата. Тие луѓе за мене не се некои егзотични битија и немојте да мислите дека поради тоа мене денес ми е полесно. Море, тоа само ми ја зголеми секирацијата и фрустрацијата. Секојдневно разговарам со пријатели, не можам да се начудам како некои луѓе, кои сум ги сметал за луѓе со „два грама“ мозок, денес прават будали од себе оти, по ѓаволите со мене, не се во состојба да разберат „социокултурно“ и „психолошки“ за што всушност се работи.

Тоа е приказна за една земја која беше комплетно запуштена, ограбена, која веќе три децении самата се самоубива на рати, и земја во која на самомалтретирањето не му се гледа крајот (ама исходот е извесен). Во таа смислам сакам да кажам дека ние на овие избори мора да одлучиме умно: или ќе се самоуништуваме со политика што влече назад, или ќе чекориме напред, кон сиот развиен и просперитетен Запад.

Од друга страна, отсекогаш сум сакал да проникнам во главата на еден просечен, десен гласач, оние, де, кои гласаат за таквите што малку знаат и ништо не разбираат! Дали сега од мене тоа прави „салонски левичар“? Дали сега јас се „колнам“ во елитизмот и просветителството? Можеби да, а можеби и не. Можеби, велам, не затоа што „елитизмот“ е нешто кое од тебе прави да се „одродуваш од народот“, туку затоа што ништо така не ја растури (и се уште ја растура) оваа земја како неукоста, десничарењето, фашизацијата и следствено на тоа – популизмот! Популизмот јавнат под доминација на крвавите десничари и популисти кои, ако добро се сеќавам на цитатот на Андреј Николаидис, кој рече (цитирам по сеќавање): во десницата се е лага, најискрени се единствено кога сакаат да убијат.

Простотилакот и дефамацијата на луѓе не е вродена особина, тоа мора јасно да го кажеме. Тоа се стекнува. Како се стекнува? Така што се расте и се развива во опкружување во кое вие перманентно сте зближени со најсомнителните човечки пориви, од морални до интелектуални.

Погледајте ги тие практични примери околу кои денес се „крвиме“ на јавната сцена. Што им згреши Заев на тие скаменети фаци? Им го реши спорот со Грците, од тешко болна земја не стави на магистралниот автопат напред, пред сите земји во регионот; ни покажа дека може да се носи со сите предизвици; oд земја што беше заробена, ограбена, аморална, компромитирана, ја сврте за 180 степени: светот нѐ призна, ни го честита успехот и влезот во најмоќната западна алијанса на светот, а тоа е НАТО. Од мултибитангизам што владееше во земјата цела една декада, лично претседателот на Америка Џо Бајден ни се поклони и ни го уважи трудот и способноста за исчекор напред.

Попатно, Заев ги реши сите стечајци во земјата, покачува минимални и просечни плати, се бори за зелените еколошки агенди, исправен е целосно напред кон Запад, ги афирмира и ги поддржува сите возможни човекови права и слободи, а малцинските групи и заедници ги зајакнува, жестоко работи на правдата и владеењето на правото, го маргинализира политички целиот десничарски башибозук во земјата кој беше главен генератор за срам и беда не само дома, туку и пред светот. И сето тоа го направи на базично шармантен и чесен начин, без грам фолирање, со голема доза на пристојност и фер плеј.

Не смееме никогаш повеќе да погрешиме, а ако некогаш и погрешиме, повторно ќе се најдеме во истиот експресен лонец од кој едвај се извлековме. Оти, знаете како, овие „два света“ се нашиот вечен конфликт во македонската политика. Едните кои влечат назад, во немири и свињарии, а другите кои ќе влечат напред, кон запад, кон мир и пријателство. Реков, јас одамна немам сомнеж што ќе одберам. Не за мене лично, тоа во крајна мера е најмалку важно, важно е дека ова со Заев е проверено, генерира „здравје за сите“, дури и за оние кои гласаат поинаку.

Или, со други зборови: не е вистина дека во демократија сите влади се исти, туку вистина е дека владата на Заев во демократија многу повеќе вреди од сите претходни влади.

(Ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се секогаш ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот